Филибер Делорм
Филибер Делорм | |
---|---|
Портрет на Филибер Делорм | |
Националност | Французин |
Познат(а) по | архитектура |
Значајни дела | дворец Ане дворец Тилери |
Правец | ренесанса, француска ренесанса архитектура |
Филибер Делорм (француски: Philibert de l'Orme; ~1510, Лион - 8 јануари 1570, Париз) — француски архитект, кој се смета за еден од најголемите мајстори на француската ренсанса.
Уште како млад заминал во Италија, каде му служел на папата, а потоа се стекнал со наклоност и на францускиот престол. Целата своја кариера ја поминал во кралска служба и најголем дел од неговите дела биле по налог на кралот. Главно бил задолжен за изградба на дворци, меѓу кои особено се прославил со изградбата на дворецот Ане. Од особено значење се и Тилери и Шенонсо. Значаен примерок од неговата кариера е и гробницата на кралот Франсоа I.
Автор е и на две книги за архитектурата, преку кои ги опишал архитектонските елементи и техниките на каменорез и употребата на сводови.
Животопис
[уреди | уреди извор]Делорм се родил во Лион како син на архитектот и каменорезец Жан Делорм. Израснал во родниот град, а во 1533 година заминал во Италија, каде му служел на папата Павле III сè до 1536. Откако се вратил во Франција, негов покровител станал кардиналот Жан де Беле, кој во 1540 година го испратил во Париз доверувајќи му ја изградбата на замокот Сен Мор. Набргу привлекол кралска наклоност, па така во 1544 година станал архитект на кралот Франсоа I и станал надзорник на изградбата на тврдини во Бретања, задача која ја барала четиригодини работа.[1] Две години подоцна, кралот починал, а Делорм ја изградил неговата гробница во Базиликата Сен Дени.
Службата на кралскиот двор ја продолжил и во времето на кралот Анри II, кој во 1547 година му ја доверил изградбата на дворецот Ане, завршен во 1552 година. Во 1548 година бил назначен и за надзорник на изградбата на дворецот Фонтенбло, дворецот Сен Жермен во Сен Жермен ан Ле, како и на изградбата на други градби за потребите на кралот. По смртта на кралот Анри во 1559 година, паднал во немилост на новиот крал Франсоа II, но по неговата смрт следната година, повторно успеал да ја врати наклонетоста на престолонаследникот Шарл IX. Така, во негово време, а под водство на неговата мајка, Катерина Медичи, во 1564 му била доверена изградбата на дворецот Тилери, на која соработувал со Жан Булан. Остатокот од животот го поминал во Париз, каде што починал во 1570 година.
Дела
[уреди | уреди извор]Најголем дел од делата на Делорм исчезнале, но сепак неговтаа слава останала. Тој бил полетен хуманист и изучувач на антиката, кој одлучно стоел во одбрана на француската традиција наспроти италијанските склоности. Поседувал независни мисли и жестока оригиналност.
За негово најголемо ремек-дело се смета дворецот Ане, кој се наоѓа на околу 70 km западно од Париз, а бил наменет за љубовницата на кралот Анри II, Дијана од Поатје. Плановите за градбата се сочувани во делото „Најубавите градби во Франција“ (француски: Plus excellens bastimens de France) од Жак Андруа де Серко. Од особено значење е и дворецот Тилери, за кого плановите исто така ги сочувал Андруа ду Серко. Меѓудругото, изградил и бројни други дворци, меѓу кои и дворецот Шенонсо, а значаен примерок на неговата применета уметност е гробницата на кралот Франсоа I.
Делорм е автор и на две книги за архитектурата. Првата била издадена во 1561 година, со наслов „Nouvelles inventions pour bien bastir et à petits frais“, и е дел од расправа која се однесувала на архитектонските елементи.[2] Неговата втора книга, со наслов „Le premier tome de l'Architecture“, се однесувала на новиот италијански архитектонски стил и била издадена во 1567 година. Во неа исто така се обработени и техниките на камнорез и особено теоријата на стеротомија.[3]
Паметници
[уреди | уреди извор]Во чест на Филибер Делорм, во 1813 година, Жак Едуар Гато изработил медал со неговиот лик. Примерок од овој медал е зачуван во музејот Карнавале, со индекс ND 0316.
Познати дела и проекти
[уреди | уреди извор]- 1536: Хотел Антоан Булоа во Лион;[а]
- 1540: дворец Сен Мор во близина на Шарентон;[б]
- 1547/52: дворец Ане;[в]
- ???: планови за гробницата на кралот Франсоа I во Базиликата Сен Дени;[г]
- ???: капела во Виле Котре;[г]
- ???: дворец Сен Жермен во Сен Жермен на Леј;[г]
- 1556/59: мост на Лоара за дворецот Шенонсо;[в]
- 1564: дворец Тилери;[д]
- ???: планови за довршување на изградбата на дворецот Сен Мор.[д]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Белешки
[уреди | уреди извор]- а Хотелот Антоан Булоа е првото познато дело на Делорм.
- б Дворецот бил изграден по налог на кардиналот Жан де Беле.
- в Дворцот Ане и мостот на Лоара за дворецот Шенонсо биле изградени по барање на кралот Анри II, за неговата љубовница Дијана од Поатје.
- г Гробницата за кралот Франсоа I, капелата во Виле Котре и дворецот Сен Жермен, исто така биле кралски проекти.
- д дворецот Тилери и плановите за довршување на дворецот Сен Мор биле по налог на Катерина Медичи.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Le Muse“, De Agostini, Novara, 1965, Vol.IV, стр. 142-143.
- ↑ „Les livres d'architecture: Nouvelles inventions pour bien bastir et à petits frais“. Архивирано од изворникот на 2011-08-11. Посетено на 2011-08-14.
- ↑ „Les livres d'architecture: Le premier tome de l'Architecture“. Архивирано од изворникот на 2011-08-11. Посетено на 2011-08-14.
Литература
[уреди | уреди извор]- Boudon, Françoise, Blécon, Jean, Philibert Delorme et le château royal de Saint-Léger-en-Yvelines, Éditions Picard, Paris, 1985.
- Potié, Philippe, Philibert de l'Orme. Figures de la pensée constructive, Parenthèses, Marseille, 1996.
- Pérouse de Montclos, Jean-Marie, Philibert De l'Orme, Mengès, Paris, 2000.
- Pauwels, Yves, L'architecture au temps de la Pléiade, Monfort, Paris, 2002.
- Anthony Blunt: Philibert de l'Orme. Electa, Mailand 1997, ISBN 88-435-5442-5, (Documenti di architettura 105).
- Alba Ceccarelli Pellegrino: Le 'bon architecte' de Philibert de l'Orme. Schena, Fasano 1996, ISBN 88-7514-802-3.
- Jean-Marie Pérouse de Montclos: Philibert de l'Orme, architecte du roi 1514-1570. Mengès, Paris 2000, ISBN 2-85620-408-2.
- Jean-Marie Pérouse de Montclos: La charpente à la Philibert De l’Orme. Réflexions sur la fortune des techniques en architecture (XVIe-XVIIe siècles). In Jean Guillaume (Hrsg.): Les chantiers de la Renaissance. Actes des colloques tenus à Tours en 1983-1984. Picard, Paris 1991, ISBN 2-7084-0406-7, стр. 27-50, (Collection De Architectura Colloques 4), (Französisch).
- Jean Prévost: Philibert Delorme. 6. Auflage. Gallimard, Paris 1948.
- Catharine Randall: Building codes. The aesthetics of Calvinism in early modern Europe. University of Pennsylvania Press, Pennsylvania 1999, ISBN 0-8122-3490-1, (New cultural studies), стр. 78-137.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Филибер Делорм“ на Ризницата ? |
- Филибер Делорм на archINFORM (англиски)
- Филибер Делорм Архивирано на 26 јуни 2012 г., биографија, (француски)
- Филибер Делорм, Енциклопедија Британика
- Филибер Делорм — „Кругосвет“ (руски)
- Philiber de L'Orme: Des toitures pas comme les autres Архивирано на 6 септември 2006 г.
|