Прејди на содржината

Филибастер

Од Википедија — слободната енциклопедија

Терминот филибастер (англиски: filibuster) во законодавниот процес подразбира право на неограничена расправа за одредено прашање. Користејќи го правото на филибастер, можно е да се одложи или целосно да се спречи гласањето за закон или друг предлог. Така, „филибастер“ претставува еден вид опструкција во собранието или во друго тело за одлучување.

Зборот филибастер доаѓа од холандскиот и шпанскиот јазик, а во 19-ти век се користел за означување на пирати. Во денешна смисла, зборот првпат бил употребен во 1854 година, во американскиот Конгрес, кога противниците на Законот за Канзас и Небраска се обиделе да го одложат неговото усвојување. [1]

Еден од првите познати практичари на филибастерот бил римскиот сенатор Маркус Порциус Като Помладиот. Во дебатите за носење закони на кои тој особено се спротивставувал, Като Помладиот често го попречувал гласањето за нив зборејќи непрекинато за нив до самрак. [2] Бидејќи римскиот сенат имал правило дека сите работи мора да се завршат до стемнување, долгите говори на Като биле ефекасно средство за спречување на гласањето.

Во поново време, зборот филибастер се користи главно за тактики за опструкција во Сенатот на САД, иако слични тактики се користат и во други држави.

Во американскиот Сенат, правилата му дозволуваат на сенаторот, или на група сенатори, да зборуваат колку што сакаат за која било тема што ќе ја изберат, сè додека „избрани три петтини од сенаторите кои положиле заклетва“ [3] (обично 60 од 100 сенатори) не гласаат за затворање на дебатата.

Најдолгиот филибастер во американскиот Сенат го одржал сенаторот Стром Термонд од Јужна Каролина. Во обид да го спречи усвојувањето на Законот за граѓански права од 1957 година, Термонд зборувал непрекинато 24 часа и 18 минути, [4] но законот сепак бил усвоен.

  1. Safire 1993.
  2. Goldsworthy 2006
  3. „Precedence of motions (Rule XXII)“. Rules of the Senate. United States Senate. Архивирано од изворникот на 31. 01. 2010. Проверете ги датумските вредности во: |archive-date= (help)
  4. „Strom Thurmond Biography“. Strom Thurmond Institute. Архивирано од изворникот на 9. 7. 2011. Проверете ги датумските вредности во: |archive-date= (help)

 

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]