Физијатрија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Физикална медицина и рехабилитација
Физијатар кој му помага на пациент
Занимање
Називи Физијатар
Надлежности Медицина
Опис
Потребно образование *Доктор по медицина (д-р)

Физијатрија — дел од медицината поврзана со физикалната медицина и медицинската рехабилитација.

Поим[уреди | уреди извор]

Изразот „физијатрија“ за првпат е употребен во 1930-тите во САД како кратенка за медицинската област поврзана со дејноста на лекарите-специјалисти по физикална медицина и рехабилитација. Во повеќето земји на ЕУ таа се нарекува физикална и рехабилитациска медицина. Физијатријата претставува посебна медицинска специјалност која е одговорна за превенција, медицинска дијагноза, третман и рехабилитација на лицата со медицински состојби поврзани со онеспособеност и со ограничувања во активностите во секојдневниот живот. Физијатријата помага во подобрувањето на физичкото и когнитивното функционирање, во намалувањето на болките, во подобрувањето на активностите што може да ги изведуваат пациентите, како и со подобрување на квалитетот на животот.[1]

Физијатријата може да влијае врз модификацијата на персоналните фактори и на факторите на опкружувањето. Оваа медицинска дејност се состои од два дела:[1]

  • Физикална медицина, која го проучува биолошкото дејство на различни видови физичка енергија врз човечкиот организам, како и примената на физикални агенси во профилаксата, дијагностиката и физикалната терапија
  • Медицинска рехабилитација, во која се користат различни средства и постапки кои овозможуваат лицата со попреченост и онеспособеност да постигнат оптимална физичка, психолошка и социјална функција

Улога[уреди | уреди извор]

Лекарот-специјалист по физикална медицина и рехабилитација прави преглед и процена на пациентот, прави процена на функционалниот статус, односно дали има нарушувања во функционирањето на пациентот, дали постои попреченост и онеспособеност, прави план и програма за рехабилитација, ординира разни физикални агенси, тераписки вежби, работна терапија, терапија во вода, масажа, итн. Исто така, физијатарот препишува ортопедски помагала и лекови, спроведува советување и едукација на пациентите и на членовите на семејството на лицата со онеспособеност, итн. Физикалната медицина и рехабилитација претставува тимска работа во која физијатарот спработува со физиотерапевти, работни терапевти, медицински сестри, психолози, социјални работници, протетичари-ортотичари и со лекари од сродни специјалности. Како коринсици на физикалната терапија и рехабилитација се јавуваат пациенти со ревматолошки заболувања, нарушувања на мускулоскелетниот систем, вродени или стекнати деформитети, дегенеративни заболувања на ’рбетниот столб и на зглобовите, пациенти по ортопедски операции, пациенти со невролошки заболувања, лица со спортски повреди, лица со повреди на главата, мозокот или ’рбетот, пациенти по неврохируршки операции, лица со белодробни или срцеви заболувања, итн.[1]

Остеопатска медицина, еден од начините на практика на физикалната медицина и рехабилитација.

Образование[уреди | уреди извор]

Физијатријата во Македонија[уреди | уреди извор]

Во Македонија, физикалната медицина и медицинската рехабилитација се спроведува во Заводот за физикална медицина и рехабилитација во [[Скопје]. Исто така, одделот за физикална медицина и рехабилитација при ГОБ “8-ми Септември” е еден од најсовремените и најопремените оддели за физикална медицина и рехабилитација. Постојат и две специјализирани установи за физикална медицина и рехабилитација - една во Отешево и една во Охрид. Во одделот за физикална медицина и рехабилитација при ГОБ “8ми Септември” во Скопје годишно се лекуваат околу 10.000 пациенти, а одделот располага со апарати за нискоинтензивна и високоинтензивна ласеротерапија, терапија со ударни бранови, апарати за лимфна дренажа, краткобранова дијатермија, апарати за есктензија и за електростимулација, сали за кинезитерапија, сали за работна терапија, одделение за хидротерапија, итн. Физијатрите во Македонија се организирани во Здружение на физијатрите на Република Македонија, кое е стружно здружение во состав на Македонското лекарско друштво. Целта на Здружението на физијатрите е унапредување на стручната дејност од областа на превенцијата, дијагнозата и лекувањето во рамките на физикалната медицина и рехабилитацијата, координација на активностите на неговите членови, итн. Од 2012 година, Здружението на физијатрите е член на Европското друштво по физикална и рехабилитациска медицина.[2] Во 1988 година, на Медицинскиот факултет во Скопје била формирана Катедра по физикална медицина и рехабилитација, а во 1992 година бил воведен предметот физикална медицина и рехабилитација.[3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 д-р Ериета Николиќ-Димитрова, „Седентарниот стил на живот - причина за големиот број дегенеративни заболувања на мускулоскелетниот систем“, Семејно здравје, септември-октомври 2018, стр. 4.
  2. д-р Ериета Николиќ-Димитрова, „Седентарниот стил на живот - причина за големиот број дегенеративни заболувања на мускулоскелетниот систем“, Семејно здравје, септември-октомври 2018, стр. 5.
  3. д-р Ериета Николиќ-Димитрова, „Седентарниот стил на живот - причина за големиот број дегенеративни заболувања на мускулоскелетниот систем“, Семејно здравје, септември-октомври 2018, стр. 8.