Лопе де Вега

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Феликс Лопе де Вега)
Лопе де Вега
Споменик на Лопе де Вега

Лопе Феликс де Вега Карпио (шпански: Lope de Vega) (цело име: Félix Lope de Vega y Carpio или Lope Félix de Vega Carpio) (Мадрид, 25 ноември 1562 - 27 август 1635 Мадрид) — еден од најголемите шпански писатели на „златниот период“ на шпанската книжевност.

Животопис[уреди | уреди извор]

Лопе де Вега немал благородничко потекло, туку бил син на угледен занаетчија-уметник, кој од Ваљадолид се преселил во Мадрид. Во Мадрид, Лопе де Вега учел во езуитски колеџ во кој, како дел од образовниот процес, имал прилика да гледа драми. По напуштањето на колеџот, тој започнал авантуристички живот, исполнет со патувања, војни, љубовни врски и различни занимања. Притоа, тој бил осуден поради клевета, по што бил прогонет; како војник војувал против Португалците на Азорските острови; како доброволец, учествувал во поморската битка на шпанската армада против англиската морнарица во 1588 година; исто така, учествувал во војната против Холандија; работел како службеник на повеќе благородници, меѓу кои и војводата од Алба; а најпосле, бил и свештеник. Притоа, двапати се женел, имал многу љубовници и имал бројни неприлики со нив и со брачните и вонбрачните деца.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Заповедникот од драмата „Фуентеовехуна“. Илустрација на Иван Билибин (1911)

Лопе де Вега бил неверојатно плоден автор и напишал повеќе драми од кој и да било писател во историјата: се претпоставува дека напишал дури 1.800 подолги и 400 пократки драми, поради што го нарекле „чудо на природата“. Освен тоа, тој пишувал и епови, песни, романи и новели. Своите драми ги пишувал во римувани стихови, со различна метрика: основниот метар бил трохејот, а стиховите по правило имале по осум стиха. Во согласност со прифатената практика во шпанската книжевност од 16 век, сите поголеми драми на де Вега се состојат од три чина, но тој пишувал и религиозни драми (actos sacramentales) кои имале еден подолг чин. Посебно место во неговите долги драми имале т.н. комедии на наметката и мечот (comedia de capa y espada) со тема од животот на младите благородници. Темите за своите драми де Вега ги земал од различни извори: Стариот и Новиот завет, граѓанскиот, благородничкиот и селскиот живот, па сè до бројни настани од историјата на Стариот Рим, Вестоготите, Византија, средновековна Германија, патувањето на Колумбо во Америка, па дури и судирот меѓу Борис Годунов и самонаречениот Димитриј во Русија. Во неговото творештво се чувствува влијанието на шпанската народна поезија, на античката и италијанската драма, на делата од „комедија дел арте“, итн. Во идеен поглед, неговите драми се движат во широк дијапазон, од слободарските идеи во стилот на Сервантес, преку шпанското феудално сфаќање на честа како највисока морална вредност, до мрачна религиозна мистика. Иронично, токму во периодот кога станал свештеник, тој го напишал своето најпрогресивно дело, драмата „Фуенте Овехуна“.[2]

Во драмите на де Вега, наместо шекспировскиот приказ на комплексни личности во текот на нивниот развој, претежно се среќаваат судири на веќе оформени страсти и сфаќања. Таквите текстови барале од глумците посебна техника на глума, за да можат да ги изразат острите психички пресврти, како и совршена дикција при брз говор. Лопе де Вега располагал со токму такви глумци и пишувал драми посебно за нив, но според неговите сопствени зборови, повеќе се потпирал на вкусот на публиката, отколку врз примерите од античката драма.[3] Критичарите често истакнуваат дека де Вега е народски поет; дека ја претставува природата; дека црпи од животот; дека обработува локални и актуелни теми; дека е оригинален и инвентивен; дека ги нагласува акцијата и заплетот; и дека кај него нема главни лица, туку неколкумина го носат дејството.[4]

Значење и влијание[уреди | уреди извор]

Лопе де Вега пишувал премногу и, како последица на тоа, голем број негови драми се со послаб квалитет, но дури и во просечните и слабите дела доаѓа до израз неговиот голем театарски талент. Навистина, тој не ја достигнал уметничката големина на Шекспир, но сепак останува запаметен како една од најинтересните појави во светската драма. Во 19 век, тој бил помалку ценет од неговиот наследник на местото дворски драматург, Калдерон, но во XX век го стекнал признанието на најдобар драмски писател од времето на шпанската ренесанса.[3] Една своја серенада, шпанскиот поет Федерико Гарсија Лорка му ја посветил на Лопе де Вега.[5] Неговиот живот е прикажан во филмот „Лопе“ од 2010 година.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Stanislav Bajić, „Lope de Vega“, во: Lope de Vega, Fuente Ovehuna. Beograd: Rad, 1964, стр. 124.
  2. Stanislav Bajić, „Lope de Vega“, во: Lope de Vega, Fuente Ovehuna. Beograd: Rad, 1964, стр. 124-126.
  3. 3,0 3,1 Stanislav Bajić, „Lope de Vega“, во: Lope de Vega, Fuente Ovehuna. Beograd: Rad, 1964, стр. 126-128.
  4. Nikola Milićević, „Između sna i jave“, во: Pedro Kalderon de la Barka, Život je san. Beograd: Rad, 1977, стр. 120-121.
  5. Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 79.
  6. Lope, španjolsko-brazilski film (приспатено на 24.10.2023)