Федора (филм од 1978)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Федора - германско-француски филм од 1978 година, во режија на Били Вајлдер. Главните улоги ги толкуваат: Вилијам Холден, Марта Келер, Хилдегард Кнеф, Хосе Ферер, Марио Адорф, Мајкл Јорк и Хенри Фонда.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во Париз е изложено телото на славната глумица Федора (ја игра Келер), која извршила самоубиство фрлајќи се под возот. Американскиот продуцент Бери Детвајлер (го игра Холден) е присутен таму и започнува да се сеќава на својата средба со Федора: Во деновите на најголемата слава на Федора, Бери, како младо момче, имал кратка љубовна врска со неа. Многу години подоцна, во улогата на филмски продуцент, тој доаѓа на островот Крф, со намера да ја убеди Федора да глуми во филмската адаптација на „Ана Каренина“. Во екот на најголемата слава, Федора се повлекла од филмската кариера и продолжила да живее изолирана од светот. На Крф, Бери има големи тешкотии да стапи во контакт со Федора, која е затворена во една вила, под строгиот надзор на една стара грофица и на докторот Вандо (го игра Ферер). Најпосле, тој успева да се сретне со Федора, која му кажува дека ја дрогираат и дека ја чуваат во домашен притвор. Еден ден, тој оди во вилата која ја наоѓа испразнета и дознава дека Федора заминала во Париз. Дури по нејзината смрт, Бери ја дознава вистината за Федора: Причината за повлекувањето на Федора од филмот била неуспешната пластична операција која ѝ оставила голема лузна на лицето. Подоцна, кога претседателот на Академијата за филм (го игра Фонда) дошол на Крф за да ѝ го врачи „Оскарот“ за животно дело, Федора добила идеја да изврши замена на идентитетот со својата ќерка (ја игра Келер). Оттогаш, ќерката на Федора ја продолжила филмската кариера и ја вратила старата слава, но при снимањето на еден филм, таа се вљубила во младиот глумец Мајкл Јорк (се игра самиот себеси). Тогаш, ќерката западнала во психички проблеми и се заканувала дека ќе ја открие тајната дека таа не е вистинската Федора. Една вечер, во миг на психичко растројство, ќерката на Федора се фрлила под возот, а нејзината мајка одлучува да ја објави лажната вест за смртта на славната Федора.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]