Фауст (филм од 2011)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Фауст (германски: Faust) е руски филм од 2011 година, во режија на Александар Сокуров. Главните улоги ги толкуваат: Јоханес Цајлер, Антон Адасински, Изолда Дихаук и Хана Шигула. Филмот е добитник на вкупно 14 награди, а покрај тоа имал уште 14 други номинации. Меѓу другите награди, на Филмскиот фестивал во Венеција, Сокуров го добил „Златниот лав“.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Хајнрих Фауст (го игра Цајлер) е научник, кој е задлабочен во своите истражувања, но не може да ја пронајде смислата на својот живот, ниту пак својата среќа. Немајќи пари, тој сака да го заложи својот прстен кај еден таинствен лихвар (го игра Адасински), кој му нуди поинаков договор: ако Фауст му ја продаде душата, тој ќе го направи среќен. Наскоро, лихварот го носи Фауст во јавната бања, каде тој ја здогледува убавата девојка Маргарита (ја игра Дихаук) во која веднаш се вљубува. Фауст е решен да направи сè за да ја придобие девојката, така што се согласува да го потпише договорот и започнува да ги следи советите на лихварот.
Еден ден, лихварот го наговара Фауст да се препуштат на забава во една кафеана. Таму, во препирка со група пијани војници, Фауст го убива еден војник за кого дознава дека е братот на Маргарита. Лихварот ѝ дава пари на мајката на убиениот војник и така тој и Фауст присуствуваат на погребот. По закопот на покојникот, лихварот организира Фауст и Маргарита да се запознаат поблиску, а потоа им овозможува уште една средба во црквата. Сепак, подоцна, Маргарита дознава дека токму Фауст е убиецот на нејзиниот брат.
На крајот, Фауст е очаен и, по едeн подземен премин, лихварот го одведува крај едно езеро каде Фауст и Маргарита во прегратка потонуваат во водата. Подоцна, во нејзиниот дом, лихварот ја успива нејзината мајка и Маргарита и Фауст водат љубов. Со тоа, лихварот го исполнува својот дел од договорот и бара од Фауст и тој да ја исполни својата обврска. За таа цел, тој го носи во еден чуден планински предел, каде Фауст го среќава Валентин, мртвиот брат на Маргарита. Фауст одвај успева да побегне од прегратката на мртовецот, го кине договорот што го склучил со лихварот, а потоа го поклопува со камења. Кога се обидува да го напушти чудното место, сфаќа дека насекаде околу него се протега непрегледно пусто пространство.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]