Фантастична жена

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Фантастична жена (шпански: Una mujer fantastica) - филм на чилеанскиот режисер Себастијан Лелио од 2017 година. Главната улога ја толкува чилеанската пејачка и глумица Даниела Вега. На 67. издание на Берлинскиот фестивал, филмот ја добил наградата за најдобро сценарио,[1] а во 2018 година, филмот бил награден со „Оскар“ за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје.[2]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Марина (ја игра Даниела Вега) и Орландо се вљубени и планираат да го поминат животот заедно. Таа работи како келнерка, а повремено настапува и како пејачка. Орландо, кој е постар од неа за повеќе од 20 години, го напуштил своето семејство за да живее со неа. По една романтична ноќ во која тие го прославуваат роденденот на Марина, Орландо ненадејно паѓа во бесознание, а во болницата, лекарите само ја констатираат неговата смрт. Потоа, Марина е изложена на непријатен третман од полицијата, а семејството на Орландо ја брка од неговиот стан, каде живее таа. Исто така, нејзе ѝ е забрането да присуствува на погребот на Орландо. Бидејќи Марина е трансродова жена, нејзината околина се чувствува загрозена од нејзиниот сексуален идентитет, но таа е силна и храбро се бори за своето право да биде жена и да го оплакува свјот сакан.[3]

Осврт кон филмот[уреди | уреди извор]

Во филмот, Лелио ги истражува женската гордост и достоинство, прикажувајќи жена која му пркоси на системот. Притоа, режисерот ја почитува приватноста на главната глумица, а во филмот не дава никакви индикации за минатото на Марина. Режисерската постапка се темели на контемплацијата на нејзината амбивалентна природа, на нејзиното тело и лице и на нескротливиот дух во постојана потрага по физичка и ментаална стабилност. Навистина, во филмот се присутни и одредени наративни и стилски решенија кои непотребно го разводнуваат филмот, како: појавувањето на духот на Орландо и некои други онирични моменти, гламурозната танцова секвенца, злоупотребата на мотивот на огледалото како лесен симболизам, итн.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Златна мечка за унгарски љубовен филм“, Слободен печат, година V, број 996, понеделник, 20 февруари 2017, стр. 19.
  2. Ѓорѓи Јаневски, „Фантастична жена“, Економија и бизнис, година 20, број 241, јули/август 2018, стр. 106.
  3. Ѓорѓи Јаневски, „Фантастична жена“, Економија и бизнис, година 20, број 241, јули/август 2018, стр. 106.
  4. Ѓорѓи Јаневски, „Фантастична жена“, Економија и бизнис, година 20, број 241, јули/август 2018, стр. 106-107.