Фамилијарна медитеранска треска (ФМФ)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Фамилијарна медитеранска треска (ФМФ) е генетски предиспонирана болест, се јавува најчесто кај Арапите, но може да се појави и било каде во светот, а ја има и во Македонија иако точниот број сѐ уште е непознат.

Симптоми[уреди | уреди извор]

ФМФ се карактеризира со оток во зглобовите, висока температура, абдоминални болки, болки во градите, хронични болки во зглобовите и други симптоми кои се јавуваат во зависност од индивидуата. Овие симптоми можат да укажуваат на многу други болести, па затоа е тешко лекарите да ја постават правилната дијагноза. Состојбата може понекогаш и да се комплицира, но вообичаено завршува добро. Од компликациите ќе ги споменеме, воспалението на белите дробови, тестиси, мозочни обвивки и други.

Лекување[уреди | уреди извор]

ФМФ се лекува најчесто со Kolhicin, меѓутоа терапијата мора да се зема до крајот на животот. Лекувањето на ФМФ не е сложено, едноставно е и евтино доколку државата го има обезбедено лекот за редовно користење. Денес Kolhicin-от е еднинствен лек кој го земаат болните од ФМФ, и тој ги спречува нападите на треската кај 70% од заболените. Мора да се напомене дека лекот исто така ја спречува појавата на амилоидоза, што е една од компликациите кај ФМФ, сепак треба да се напомене дека родителите сами несмеат да ја менуваат дозата на лекот, туку редовно треба да соработуваат со стручните лица.

Несакани ефекти од терапијата[уреди | уреди извор]

Кај терапијата со Kolhicin, не се забележани сериозни нус појави. Во ретки случаеви може да се забележи, пролив, стомачни грчеви и повраќање, кои во најголем случај спонтано поминуваат.

Дали луѓето заболени од ФМФ можат непречено да ги извршуваат секојдневните активности?[уреди | уреди извор]

Во некои случаи, нападите можат да претставуваат проблем во извршување на секојдневните обврски, но по воведувањето на Kolhicin во терапијата во најголем процент нападите исчезнуваат. Децата кои одат на училиште можат слободно да си ги извршуваат обврските, но сепак нивните раководители треба да знаат за нивната ситуација и да ги разберат нивните чести изостаноци. Децата исто така можат и треба да се занимаваат со спорт како и сите други деца.

Единствено оние кај кои се покажале хронични проблеми со зглобовите поради оваа болест треба да се консултираат со специјалист. Во врска со половата способност, овие луѓе се целосно полово способни, а земањето на лекот Kolhicin може без проблем да се користи за време на бременоста, иако порано се сметало дека може да му наштети на плодот.