Факел

Факел (множина: факли и факели)[1][2] — запалена дрвена прачка, на едниот крај обвиткана со лесно запаливи материјали (восок, смола, маст). Познат е уште од древно време и се користел главно за осветлување. Традиционално, факелот е симбол на светлина и просветлување (често симбол на нови идеи). Меѓу Старите Грци и Римјани, факелот бил симбол на животот (факел свртен наопаку бил симбол на смртта) и се користел на погреби. Кај Старите Грци, тој бил симбол на огнот што Прометеј го украл од боговите и им го дал на луѓето. Најважниот симбол денес што го користи факелот е олимпискиот пламен како симбол на олимпискиот дух и единство. Исто така, често се користи во верски церемонии и поворки.
Правење факел
[уреди | уреди извор]Правењето на факел се менувало во текот на историјата во зависност од неговата намена. Вообичаено се изработувале од дрвена рачка чиј еден крај бил обвиткан со запалив материјал.[3] Ако факелот е направен од мешавина од сулфур измешана со минерален вар, огнот нема да се намали откако ќе се потопи во вода. Вакви факели користеле Старите Римјани.
Факелите наменети за поворки се обвиткани со груба ткаенина и натопени во восок. Обично имаат дрвена рачка и картонска јака што служи за собирање на капките восок што се топат. Тоа е лесен, безбеден и релативно евтин начин да се одржи пламенот високо на парада, поворка или да се обезбеди осветлување по ноќна прослава.
Симболика
[уреди | уреди извор]Факелот често е претставен како просветлување и надеж.[4] Така, Статуата на Слободата, всушност „Слободата што го просветлува светот“, држи подигнат факел во раката. Кога факелите се вкрстени, тие означуваат жалост, која се појавува на грчките и римските споменици. Факел насочен надолу ја симболизира смртта, додека факелот што е подигнат нагоре го симболизира животот, вистината и регенеративната моќ на пламенот. Факелот е исто така симбол што го користат политичките партии, на пример, Лабуристичката партија (од 1918 до 1980 година) и Конзервативната партија (од 1983 до 2006 година) во Обединетото Кралство. Исто така, се појавува на училишните печати на Филипините бидејќи факелот ја симболизира визијата за образование за да им обезбеди просветлување на сите ученици.
Употреба на факели
[уреди | уреди извор]Олимписки игри
[уреди | уреди извор]Факелот што го носеле штафетните тркачи се користел како олимписки пламен, кој гори континуирано до крајот на Игрите. Овие факели и традицијата на штафетата биле воведени во 1936 година на Олимписките игри од Карл Дием, претседателот на настанот.
Жонглирање
[уреди | уреди извор]Факелите често се користат како реквизити при жонглирање: тие можат да се вртат во воздух додека се жонглираат на ист начин како стапови или ножеви, но поради нивниот звук и „трагата од пламен“ тие можат да бидат многу повпечатливи за публиката. Ако жонглерот е вешт, мала е шансата жонглерот да се изгори, но тие сепак се опасни.
Римокатоличка богослужба
[уреди | уреди извор]Во минатото, литургиските факели се носеле во евхаристиските поворки само за да обезбедат светлина. Црквата на крајот ја усвоила нивната употреба за свечени миси. Англиканците и некои лутеранци користат факели во некои од нивните литургиски прослави.

Асоцијации
[уреди | уреди извор]Љубов
[уреди | уреди извор]Поврзаноста на факелот и љубовта потекнува од грчката и римската традиција, а свадбениот факел,[5] горел во огништето на невестата на нејзината брачна ноќ, а потоа се користел за палење на огништето во нејзиниот нов дом. Таквиот факел е поврзан со грчкиот бог на бракот, Химен.
Изразот „носи факел“ (за некого) значи да сакаш или да бидеш романтично заљубен во некого, особено кога тие чувства не се реципрочни. Често се користи за да се окарактеризира ситуација во која романтичната врска е завршена, но каде едниот партнер сè уште го сака другиот.
Соновник
[уреди | уреди извор]- Гледање факел - ве очекува голема среќа.
- Неосветлен факел - вести од далеку.
- Ако гори - ќе живеете долго и ќе бидете успешни во бизнисот.
- Ако гори со пламен без чад - ќе спроведете успешен деловен потфат.
- Ако факелот е полн со чад - вие сте предмет на грди озборувања.
- Ако е изгаснато - некој од вашите познаници ќе умре.
- Гаснење на факел - ќе доживеете неуспех и разочарување поради крајот на вашата врска.
- Носење факел - вашата љубов ќе биде возвратена.[6]
Галерија
[уреди | уреди извор]- Продавач на факели (14 век)
- Прослава на Ноќта на огновите во Сасекс Луис, 5 ноември
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „факел“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „факел“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „History of Torches“. History of Lighting. Посетено на 13 February 2021.
- ↑ Lindberg-Wada, Gunilla (2006-01-01). Studying Transcultural Literary History (англиски). Walter de Gruyter. ISBN 9783110920550.
- ↑ Re: To "hold a candle" for someone – The Phrase Finder
- ↑ , Сановник Интер.