Улоф Шетконунг
| Улоф Шетконунг | |
|---|---|
| Крал на Шведска | |
Монета кована за кралот Улоф во Сигтуна | |
| Крал на Шведска | |
| На престол | ок. 995–1022 |
| Претходник | Ерик Победнички |
| Наследник | Анунд Јакоб |
| Роден(а) | ок. 980 |
| Починал(а) | 1022 (на 41–42 г.) |
| Сопружник | Естрид Ободритска |
| Деца | |
| Династија | Мунсе |
| Татко | Ерик Победнички |
| Мајка | Сигрид Гордата / Светослава? |
| Вероисповед |
|
Улоф Шетконунг (шведски: Olof Skötkonung, Skottkonung;[1] 980 — 1022[2]) — крал на Шведска (995 — 1022).
Животопис
[уреди | уреди извор]Потекло
[уреди | уреди извор]Улоф Шетконунг бил син на Ерик VI Победнички и Сигрид Гордата.
Првиот крал на Шведска
[уреди | уреди извор]Улоф Шетконунг може да се смета за првиот вистински крал на Шведска. Тој станал првиот конунг на Свеите што бил доброволно признаен за владетел и од страна на Геатите. Улоф е првиот шведски владетел за кого постојат веродостојни пишани извори; за неговиот татко, Ерик VI Победнички, се знае главно од легендите и сагите запишани во XIII век. Кралот Улоф бил првиот христијански монарх, но само во половина од Шведска. Спроведувајќи политика на ширење на христијанството, тој доживеал неуспех во Свеаланд, па владеел од Геталанд, но не се откажал од својата вера до смртта. За време на неговото владеење започнало ковањето на првите сребрени монети во Шведска. Улоф Шетконунг, заедно со неговиот татко, се смета за можен основач на градот Сигтуна.
Во моментот кога Улоф бил прогласен за крал, Шведска била најсилната скандинавска сила. Данска била покорена од Ерик Победнички, а данскиот крал Свен I Вилобрадиот бил во изгнанство. Балтичките племиња на Куршите и Прусите плаќале годишен данок на шведскиот крал. Меѓутоа, Улоф брзо ги изгубил достигнувањата на својот татко. Под влијание на својата мајка, Сигрид Гордата, која по вторпат се омажила за Свен Вилобрадиот, Улоф се откажал од претензиите кон Данска.
Балтичките племиња престанале да плаќаат данок. Во внатрешноста на кралството започнале немири, а јарлите на геатските земји почнале да покажуваат сепаратистички намери. Тогаш Улоф, преку својот брак, се поврзал со моќен геатски род и ја вратил рамнотежата меѓу племената на Свеите и Геатите. Веднаш потоа, тој започнал војна против Норвешка.
Сојузот на Шведска и Данска
[уреди | уреди извор]Во сојуз со Свен Вилобрадиот, Улоф собрал моќна флота против Норвешка. Исходот бил поморската битка кај Сволдер во 1000 г. Некои историчари сметаат дека местото на битката бил островот Риген кај германскиот брег, а некои островот Вен во протокот меѓу Шведска и Данска. По победата на шведско-данската флота, проблемот со Норвешка бил решен.
Мир со Норвешка
[уреди | уреди извор]Во 1015 г., норвешкиот престол го зазема Улав Харалдсон, потомок на Харалд Убавокосиот. Тој многу брзо ја враќа контролата над териториите што претходно ги освоил Улоф Шетконунг.
Во 1017 г., норвешкиот крал се обидел да го реши норвешко-шведскиот граничен судир и испратил пратеништво во Шведска. Еден од начините за решавање на спорот била венчавката на Улав II со ќерката на Улоф Шетконунг, Ингегерд. Одлуката за овој брак била донесена на тингот (собранието) во Упсала. За Швеѓаните овој брак бил пожелен за воспоставување мир, па го убедиле Улоф Шетконунг да даде заклетва дека ќе ја омажи Ингегерд за Улав II. Познато е дека и самата негова ќерка ја сакала оваа венчавка.
Свадбата требало да се одржи наесен на границата меѓу двете држави, на брегот на реката Елв. Меѓутоа, шведскиот крал го прекршил даденото ветување и во 1019 г. ја омажил својата ќерка за кнезот Јарослав Мудриот, кој тогаш владеел во Новгород. Како мираз, принцезата Ингегерд го добила градот Алдејгјуборг (Ладога) со околните земји, кои оттогаш го добиле името Ингерманландија (земјите на Ингегерд). Роднината на Ингегерд по мајчина лоза, јарлот на Вестергеталанд — Регнвалд Улвсон, бил назначен за управник (јарл) на Ладога. На Улав II му било понудено да се ожени со втората ќерка на Улоф Шетконунг — Астрид.
Семејство
[уреди | уреди извор]Сопруга на Улоф Шетконунг била Естрид Ободритска, ќерка на ободритски кнез. Во овој брак се родиле две деца:
- Анунд Јакоб (25 јули 1007 — 1050) — крал на Шведска (1022 — 1050);
- Ингегерд (починала на 10 февруари 1050) — сопруга на големиот киевски кнез Јарослав Мудриот.
Деца на Улоф од вонбрачната врска со неговата придружничка Едла (ќерка на вендски кнез од Германија):
- Емунд Стариот (починал во 1060) — крал на Шведска (1051 — 1060);
- Астрид (1000 — 1035) — сопруга на кралот на Норвешка, Улав Харалдсон.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Точното значење на прекарот е спорно.
- ↑ Bengt Liljegren, «Rulers of Sweden», Historiska Media, 2004 (translated by Adam Williams), стр.13 ISBN 91-8505763-0
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Olof Skötkonung на Ризницата ?