Улогата на моето семејство во светската револуција

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Улогата на моето семејство во светската револуција“ (српски: Улога моје породице у светској револуцији) е роман на српскиот писател Бора Ќосиќ од 1969 година. Книгата се надоврзува на збирката раскази „Приказни за занаетите“ бидејќи во двете се јавуваат истите ликови и се опишуваат слични настани. Врз основа на романот, во 1971 година е снимен истоимениот филм, режиран од Бата Ченгиќ.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 20 глави во кои се опишува секојдневниот живот на едно белградско семејство за време на Втората светска војна и во првите години по неа. Семејството го сочинуваат таткото, мајката, детето, вујкото, дедото и двете тетки, а главниот лик е детето (авторот), кое раскажува за семејните и општествените настани. Семејството не работи ништо конкретно, освен „што го живее животот“, мачејќи се со сиромаштијата. Притоа, мајката постојано се жали поради бројните домашни работи, таткото е алкохоличар, вујкото го интересираат само жените, додека двете немажени тетки живеат во својот свет исполнет со романтични соништа и фантазии. По ослободувањето на Белград, низ станот поминуваат разни познати и непознати луѓе, а потоа семејството мора да се смести во една соба, додека другите соби ги зазема партизанскиот офицер Јово Сикира. По некое време, таткото го напушта семејството, детето се вклучува во младинската организација, вујкото почнуваа да живее со една жена, а поради ситнобуржоаското потекло семејството паѓа во немилост на новата власт. Во книгата се појавува и серија други, споредни ликови, како детето-сезнајко Воја Блоша, партизанскиот офицер Вацулиќ, другарот Абас, комшивката Даросава, партискиот секретар Симо Тепчија итн.[2]

Осврт кон книгата[уреди | уреди извор]

Првобитно, книгата се појавила во 1969 година, како независно издание, а потоа била објавена уште неколкупати (1970-1971, 1980, 1986, 1999, 2006, 2010) од страна на различни издавачки куќи („Нолит“, „Просвета“, „Знање“, „Стубови културе“, „Меандар“ и „ЛОМ“).[3] Исто така, романот бил објавен и во повеќе земји, како: Германија (1994, 1996, 2002, 2006 и 2007), Франција (1995), Италија (1996), САД (1996), Русија (2001), Полска (2002) итн. Во 1970 година, романот ја добил престижната НИН-ова награда за роман на годината, а следната година, врз основа на него била поставена истоимената театарска претстава во „Ателје 212“ (подоцна, обновена во 2007 година), која во 1971 година ја добила Стериината награда за најдобра комедија.[4] Романот се смета за ремек-дело на српската книжевност и една од ретките книги што ја одбележале српската книжевност по Втората светска војна.[2]

Во романот, Ќосиќ се интересира за „сеопштото богатство и хаосот на човечкиот живот“ и за „единката како симбол што живее“. Сето тоа, авторот го прикажува на смешен начин, а смеата се јавува како одлика на целокупната внатрешна организација на романот. Притоа, внатрешните закони на смеата се репродуцирани во самата форма на раскажувањето, а смеата е творечки принцип на раскажувачката постапка. Притоа, улогата на хуморот во романот е повеќекратна: тој објаснува, коментира, толкува, ги регулира ритамот на раскажувањето и неговата тензија, го прави раскажаното збиено, крие или нуди порака, ги вообличува ликовите, се надополнува со вербалната игра, ја разгорува поетската фантазија, ги провоцира говорните можности, го конципира жанрот и ја вообличува сатирата.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. РТС, Улога моје породице у свјетској револуцији (пристапено на 11.2.2021)
  2. 2,0 2,1 Бора Ћосић, Приче о занатима – Улога моје породице у светској револуцији. Београд: ЛОМ, 2010.
  3. Бора Ћосић, Приче о занатима – Улога моје породице у светској револуцији. Београд: ЛОМ, 2010, стр. 216.
  4. Бора Ћосић, Приче о занатима – Улога моје породице у светској револуцији. Београд: ЛОМ, 2010, стр. 217-218.
  5. Милица Николић, „Parodia sacra Bore Ćosića“, во: Улога моје породице у светској револуцији. Београд: Нолит, 1980.