Улицата Сен-Силпис (расказ)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Улицата Сен-Силпис е расказ на францускиот писател Марсел Еме. Расказот е објавен на македонски јазик во 2008 година (во состав на збирката раскази под наслов “Париски приказни”), од страна на издавачката куќа “Темплум”, а преводот од француски јазик е направен од Ружа Димишковска.

Содржина[уреди | уреди извор]

Господинот Норма има ателје на улицата Сен-Силпис, во кое прави фотографии со религиозна тематика. Незадоволен од продажбата на слики со ликот на Исус Христос, тој го повикува шефот на ателјето, господинот Обинар и му ги соопштува податоците за лошата продажба. Господинот Обинар се жали дека не може да најде погоден лик кој би го претставувал Христос. Токму додека се расправаат, Обинар забележува сиромашен човек пред излогот, кој го има потребниот лик. Тоа е Машелје, пијанист кој тукушто излегол од затвор поради напад на виолинистот од оркестарот во кој свирел.

Радосен поради среќното пронаоѓање на потребниот лик, Обинар веднаш го ангажира Машелје и прават серија фотографии со сцени од Библијата, кои се покажуваат многу успешни, така што ателјето добива бројни порачки. Машелје е горд на себе и постепено почнува да се соживува со улогата на Исус. Тргнува на прошетка низ градот и насекаде ги гледа своите слики, но е разочаран од фактот дека никој не му обрнува внимание. Сакајќи да ги убеди луѓето дека тој е Исус, тој слегува под еден мост, каде што своевремено живеел како скитник. Забележува скитници на другата страна на брегот и им тргнува во пресрет, но потонува во реката.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Марсел Еме, Париски приказни, Темплум, Скопје, 2008.