Убиство на Чарли Кирк
| Убиство на Чарли Кирк | |
|---|---|
Местото на стрелбата на Универзитетот Долината на Јута подоцна истата вечер | |
| Место | Универзитет Долина на Јута Орем, Јута, САД |
| Координати | 40°16′39.1″N 111°42′50.4″W / 40.277528°N 111.714000°W |
| Датум | 10 септември 2025 12:20 часот ПЧП (UTC−06:00) |
| Вид напад | училишно пукање, снајперски напад |
| Мртви | 1 (Чарли Кирк) |
| Жртви | Чарли Кирк |
На 10 септември 2025 г., американскиот десничарски политички активист Чарли Кирк бил смртно застрелан додека се обраќал пред публика на кампусот на Универзитетот Долината на Јута во Орем, Јута. Настанот бил првиот чекор од кампањата на Turning Point USA, конзервативната организација што тој ја основал заедно со други.
По стрелбата, две лица биле уапсени, но подоцна биле ослободени откако органите за законоспроведување утврдиле дека немаат никаква врска со случката. Убиството е опишано од некои политичари и медиуми како атентат.
Стрелбата предизвикала широки реакции од јавни личности низ САД. Како одговор на нападот, претседателот на САД, Доналд Трамп, наредил знамињата низ целата земја да бидат спуштени на половина копје четири дена.
Убиство
[уреди | уреди извор]Приближно во 12:20 часот по планински часовен појас, Кирк бил застрелан во вратот додека зборувал на настан од турнејата American Comeback Tour.[1]
Седејќи под шатор украсен со насловот на турнејата и слоганот „Докажи ми дека грешам“, Кирк одговарал на прашање поврзано со бројот на масовни престрелки извршени од трансродови лица.[2][3]
Последната размена меѓу Кирк и еден од присутните била:
Присутен: „Знаете ли колку трансродови Американци биле масовни стрелци во последните 10 години?“
Кирк: „Премногу“.
Присутен: „Добро, е, па, — [толпата навива] — петмина. Пет е многу, нели? Ќе ви признаам нешто. А знаете ли колку вкупно масовни стрелци имало во Америка последниве 10 години?“
Кирк: „Ги броиме или не ги броиме бандите?“
Присутен: „Одлично—“
Во тој миг се слушнал единствен истрел што го погодил Кирк во вратот, во пределот на каротидната артерија.[4] Според универзитетот, куршумот дошол од покривот на Losee Center, на околу 180 м растојание. Ема Питс, новинарка на Deseret News што била сведок, изјавила за NPR: „Само видов како од левата страна на вратот на Чарли излегува огромна количина крв, и потоа телото му се опушти“.
На настанот присуствувале околу 3.000 души. Поранешниот американски конгресмен Џејсон Чафец, кој бил таму, изјавил: „Штом одекна истрелот, сите се фрлија на земја, почнаа да бегаат, да викаат и да паничат“. Друг сведок за New York Times рекол дека „никој всушност не легнал додека тоа не го направиле луѓето пред бината“ и дека „луѓето се спуштале во бранови“. Очевидец за CBS News изјавил дека имало „крв насекаде, течело од сите страни“.
Според полициската радиокомуникација, првиот извештај за стрелбата стигнал во 12:26 часот. Во 12:31 часот, полицаец пријавил „пукање слушнато кај библиотеката“. Во 12:35 часот додал „можеби во зградата CS“, и го опишал стрелецот како „во фармерки, црна маица, црна маска, со долго оружје“. Минутa подоцна полицијата поуточнила: „на врвот на зградата, на северната страна, источно од библиотеката“. Во 12:37 часот универзитетот го затворил кампусот, откажал настава и им наредил на сите да си заминат. Во 14:01 часот било упатено ново предупредување: „Останете на сигурно место додека полицијата не ве евакуира“.
Кирк бил префрлен во месна болница, која државен чиновник на Јута ја утврдил како Регионална болница Тимпаногос во Орем. Associated Press во 13:45 часот објавил дека Кирк е во „критична состојба“. Reuters известил дека му била извршена операција, повикувајќи се на универзитетски портпарол. Доналд Трамп ја објавил смртта на Кирк на својата платформа Truth Social во 14:40 часот, што подоцна било потврдено од портпарол на Кирк.[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Gamio, Lazaro; Wu, Ashley; McCann, Allison (September 10, 2025). „Maps, Video and Photos: Where and When Charlie Kirk Was Fatally Shot“. The New York Times. Посетено на 10 септември 2025.
- ↑ Schoenbaum, Hannah; Richer, Alanna Durkin; Sherman, Mark (10 септември 2025). „Conservative activist Charlie Kirk shot at Utah Valley University event, in critical condition“. PBS News. Associated Press.
- ↑ McGraw, Meridith (September 10, 2025). „Kirk Engaging With Student About Transgender People and Mass Shootings When Shot“. The Wall Street Journal. Посетено на 10 септември 2025.(бара претплата)
- ↑ „Charlie Kirk shot during event at Utah Valley University“. The Guardian. 10 септември 2025. Посетено на 10 септември 2025.
- ↑ „Conservative influencer Charlie Kirk shot at Utah university event“. Reuters. 10 септември 2025. Посетено на 10 септември 2025.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Убиство на Чарли Кирк на Ризницата ?