Тута апсолута

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тута апсолута
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Arthropoda
Класа: Insecta
Ред: Lepidoptera
Семејство: Gelechiidae
Род: Tuta
Вид: T. absoluta
Научен назив
Tuta absoluta
Meyrick, 1917
Синоними
  • Scrobipalpuloides absoluta (Povolny, 1987)
  • Scrobipalpula absoluta (Povolny, 1964; Becker, 1984)
  • Gnorimoschema absoluta (Clarke, 1962)
  • Phthorimaea absoluta (Meyrick, 1917)
доматен листен минер

Тута апсолута или доматен листен минер (лат. Tuta absoluta) е мошне сериозен штетник - пеперутка кој може да биде фатален за доматот, кој може да уништи и до 100 проценти од годишната реколта.[1]

Потекло[уреди | уреди извор]

Молецот мошне брзо се распространил низ целиот Балкан, а потекнува од Јужна Америка, каде што од 80-тите години на минатиот век претставува многу значаен штетник. На поголеми далечини може да се пренесе со транспорт на плодови за консумација, на амбалажата во која се пренесуваат плодовите или со саден материјал. Без оглед на тоа што е на списокот на карантински штетници и што се прават ригорозни контроли во земјите од Европската Унија, за првпат на европско ниво е забележан во Шпанија во 2006 година. Оттогаш, по само пет години, се распространува во целиот базен на Средоземното Море и причинува мошне значајни штети.

Опис[уреди | уреди извор]

Тута апсолута е листен минер од редот на пеперутките (ред: Lepidoptera). Тоа е мала пеперутка, со големина на телото од 7 до 10 мм и распон на крилјата 18-20 мм. По боја инсектот е сребреносив со темни дамки на предните крилја. Гасеницата, зависно од развојниот стадиум, е долга 0,5–9 mm, на почетокот жолтеникава, подоцна станува зеленкаста за на крај на грбот да ѝ се појави црвеникава нијанса. Има темна глава и изразена црна линија на првиот граден сегмент. Куклата е долга од 4 до 5 мм, на почетокот е зеленкаста за подоцна да добие кафеави тонови. Зависно од условите, Tuta absoluta може да има од 8 до 12 генерации во текот на една година. Таа е штетник од топлите климатски подрачја и поради тоа, во умерено-континентални услови би била сериозен штетник во заштитените простори (оранжерии и пластеници). Презимува во сите развојни стадиуми, но сè уште не е утврдено како и дали би презимила на отворено во климатските услови во Европа. Пеперутките се активни приквечер или рано наутро, додека преку ден се кријат меѓу листовите на растенијата. Во текот на животот оплодената женка може да положи до 260 јајца. Јајцата најчесто ги положува на листовите, стебленцето, цветните дршки или на младите плодови. По изведувањето од јајцето, ларвите навлегуваат во структурата на листовите, стеблото или плодовите, каде што со својата исхрана прават дупки. Ларвата поминува низ четири ларвини стадиуми и нејзиниот развој во оптимални услови трае од 12 до 15 дена, а целокупниот развој на една генерација, зависно од условите, трае од 23 до 76 дена. Се кукли најчесто во почвата, а поретко на растенијата. Штетите ги причинува ларвата минирајќи ги листовите на доматот и вгнездувајќи се во внатрешноста на плодовите. Ларвата, освен на доматот, може да се развива и да причинува штети и на компирот, модриот патлиџан и гравот. На листовите од доматот Tuta absoluta прави мини со неправилен облик. На еден лист може да се јават повеќе мини, при што може да дојде до негово целосно сушење. Со сушење на листовите индиректно се предизвикува и намалување на приносот. Економски најзначајни штети овој молец причинува напаѓајќи ги директно плодовите во рана фаза од развојот, при што прави неправилни мини во површинскиот слој. Во еден плод можат да се развиваат повеќе ларви.

Заштита[уреди | уреди извор]

Поради скриениот начин на живот, големиот број генерации во текот на растителноста и способноста брзо да развива отпорност кон хемиските средства за заштита на растенијата, уништувањето на овој штетник е релативно тешко. Во земјите каде што заштитата од овој штетник се сведува само на употреба на хемиски средства потребни се од 20 до 30 третирања во текот на растителноста. Поради тоа, за ефикасна и еколошки прифатлива заштита од овој штетник неопходно е комбинирање на повеќе методи за негово сузбивање. Најдобри резултати во заштитата од овој штетник се постигнати токму во Шпанија каде што на иницијатива од Министерството за земјоделство, научните установи и големите компании Koppert, Du pont, Agrob и Russell IPM, направена е база за квалитетна интегрална заштита. Пристапот се состои во навремено утврдување на присуството на штетникот преку употреба на феромонски ловни мамци, намалување на популацијата на машки единки со методот на ловење со помош на феромонски и светлосни мамци комбинирани со водени замки, примена на грабливци (Macrolophus caliginosus, M. pigmaeus, Nesidiocoris tenuis) и паразити (Trichogramma brassicae, T. achaeae). Употребата на пестициди е сведена на минимум во случаи на посилна појава на штетникот, но и во тие случаи се води сметка да не се употребуваат пестициди со широк спектар на дејство и да не се третира со ист пестицид неколкупати едноподруго.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Apablaza J, 1992. La polilla del tomate y su manejo. Tattersal 79, 12–13.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]