Тумба (Маџари)

Координати: 41°59′57″N 21°29′42″E / 41.99917° СГШ; 21.49500° ИГД / 41.99917; 21.49500
Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Тумба Маџари)
Тумба

Реконструкција на неолитското село

Карта

Местоположба 41°59′57″N 21°29′42″E / 41.99917° СГШ; 21.49500° ИГД / 41.99917; 21.49500
Основни податоци
Место Маџари
Општина Гази Баба
Тип

 населба


Период неолитско време
Портал „Археологија“

Тумбаархеолошко наоѓалиште во скопската населба Маџари. Претставува населба од неолитското време, односно од VI милениум пред нашата ера.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Се наоѓа на североисточниот крај на Скопје, во просторот меѓу населбите Маџари и Ченто, непосредно до фудбалското игралиште, на околу 700 м од левата страна на автопатот Скопје-Куманово-Велес. Претставува мала височинка — тумба со пречник во основата од 220 м и висина од 3 м. Во годините до земјотресот (до 1963), иако користена за земјоделски потреби, таа била лесно впечатлива, дури и доминантна во овој дел од рамното поле. Подоцна, со изградбата на споменатите населби, а особено со неконтролираното подигање на дивоградби врз и околу неа, создаден е нов амбиент во кој тумбата дури и не се забележува. Освен тоа, со градежните работи културниот слој бил доста оштетен, а со лоцирањето на куќите речиси повеќе од три четвртини од просторот е загубен за секакви научноистражувачки работи.

Истражувања[уреди | уреди извор]

Со оглед на загрозеноста на наоѓалиштето, во 1978 година Музејот на Македонија извршил пробно заштитно ископување. Било пронајдено дека се работи за остатоци од повеќеслојна населба, со културен слој од 3 м во кој се разграничуваат три хоризонти на живеење од времето на средниот неолит, која културно ѝ припаѓа на културната група Анзабегово-Вршник (II-IV).

Од 1981 година започнале систематски ископувања за откривање и проучување на последниот хоризонт на живеење, во северозападниот сегмент на тумбата, кои во мали работни кампањи продолжиле сè до 1990 година. Истражен е простор од околу 1.400 м2 во кој се откриени урнатини и основи од 7 објекти од кои 6 се живеалишта, а еден светилиште. Сите биле надземни, со правоаголна или четвртеста основа, градени од масивна дрвена граѓа и кал. Речиси во секој објект се најдени остатоци од огништа, печки и многу голем број предмети од материјалната култура.

Ѕидовите на куќите биле градени така што најпрво се набивале колци во земјата, меѓу нив се плетеле гранки, и се мачкало кал измешана со плева. Дебелината на колците и нивната густина се различни. Од внатрешната страна биле редени штици, обложени со дебел слој лепеж од кал и плева. На некои остатоци се откриени траги од бела боја.[1] Покривот бил изграден од дрвена конструкција, и слој од слама 'ржаница, трска или шамак. Поголемите куќи имале мал таван, кој служел за спиење и чување на производи.

Откритија[уреди | уреди извор]

Жртвеник, модел на масичка.
Антропоморфна фигурина.

Најзастапени се керамичките садови кои покажуваат широка типологија како на облици така и на декоративни мотиви изведувани во техниките на барботин, импресо и бихромно сликање (кафеава врз црвена основа). Во орнаментиката кај поголем дел од садовите, покрај технолошките и ликовно естетските вредности, присутна е одредена симболика (дожд, клас од жито, вода) поврзана со секојдневните преокупации на неолитскиот човек. Покрај керамиката, значајна е и откриената култна пластика, посебно антропоморфната, која ликовно е ослободена од старите традиционални шаблони. Големата Мајка Божица - заштитницата на плодноста, е претставена на начин што засега е непознат меѓу неолитските култури од другите балкански простори. Таа е божица со наративна иконографија која е збогатена со палеоетнографски содржини.[2]

Од богатиот репертоар на отркиени садови, од кои повеќето се откриени околу огништата, се истакнуваат амфорите сликани со темнокафени или кафени орнаменти на бледа окер боја. Друга група садови се од категоријата „луксузна керамика“, во кои има ѕвонести пехари, а посебна група се топчестите грниња.[3]

На Тумба-Маџари е најден накит, изработен од плоснат дисковиден речен камен, продупчен со две конусни дупчиња за ставање кожена врвка за носење на врат. Најдени се коскени белегзии, како и цилиндрични коскени моснитра од ѓердани.

Меѓу другите предмети што се најдени, има тегови за разбој, биконусни тегови за рибарски мрежи, голем број алатки изработени од животински коски, игли, шпатули, јадици и друго. Од камен биле изработувани авани, ножиња, тесли, длета, мотики, топузи и друго, а мотиките и секирите се насадувале на рог кој лесно се дупчел за да се стави држалка.

Поголемиот дел од овие предмети не се проучени, и асега се достапни анализите на Е. Елстер и Д. Вајд направени врз камената индустрија од Анзабегово: 43,9% од алатките се од кварц, а во Анзабегово IV процентот се смалува и изнесува 25%. Од матееријал доминираат вулканити, калцедон и опалит, а во последната фаза маркантно е присуството на црвен јаспер. Од истите материјали се изработувале камените алатки и во Тумба-Маџари.[4] Што се однесува до изворот на материјалите, Е. Елстер и Д. Вајд сметаат дека се локални материјали што ги има во периферните ридови на Овче Поле.

Во Тумба се најдени и рогови од елен, керамички печати пинтадера, разни семки од дива маслина, слатководни школки, и други остеолошки остатоци. Анализа на коските од животни и птици е направена од А. Москалевска, и укажува дека биле користени за храна. Кај некои коски има траги од намерна обработка. Од извршените анализи на 2.847 коски, само 5,5% се од диви животни, 22 се од риби, а сите други освен 14 човечки, се од домашни животни. Од нив, овците и козите биле застапени 48%, а говеда 41%.[5]

Големата Мајка[уреди | уреди извор]

Големата Мајка богинка од Тумба Маџари

Во 1984 година, при ископ на подрум на една куќа на улица Финска во Тумба, Горан Ристевски случајно откопал теракота со претстава на глава на жена.[6] Моделирана е околу дебел колец од непрочистена земја, и мазнета со неколку слоја бледа окер глина. Лицето е сплескано со врежани очи, и пластично изведени веѓи и нос, но нема уста. Фризурата е означена со длабоки бразди, плетенки, собрани на левата страна.

Покрај оваа претстава на Големата Мајка, во Тумба-Маџари се откриени и други антропоморфни женски и машки статуетки, масички, зооморфни жртвеници и друго. Меѓу впечатливите пронајдоци е глава на овен букранион во природна големина, со димензии 32 - 33 - 27 см, и отвори во кои биле всадени природни рогови. Задниот дел на оваа фигура е потполно мазен, што укажува дека најверојатно била аплицирана на фасада од некоја куќа. Се смета дека главата е моделирана според овцата уриел, ovis vingeli, првата припитомена овца во предна Азија, донесена во Овче Поле, и потекнува од раниот неолит, бидејќи најдените примероци на овој вид од средниот неолит во Скопско се мали.

На Тумба-Маџари не се откриени гробови на жителите, освен на едно бебе, датирано од средниот неолит.

Изложби[уреди | уреди извор]

Мал дел од археолошките пронајдоци бил презентиран во поставка во Музеј на Македонија, а биле одржани тематски изложби во земјава и во странство. Во 2007 година започнале подготовките, а од 2008 година и реализација на проектот Реконструкција на неолитското село Тумба-Маџари, што претставува музеј на отворено со научен и туристички потенцијал.[7] До 2018 година, во „Неолитското село“ биле изградени неколку куќи во неолитски стил, во кои се поставени кукли кои вршат некоја активност, но и предмети, вистински или копии на пронајдените, со што на посетителот му се доловува животот во неолитско време.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Драгиша Здравковски: Тумба-Маџари, археолошко наоѓалиште и неолитско село, Скопје 2017, Управа за заштита на културното наследство, стр. 11
  2. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  3. Драгиша Здравковски: Тумба-Маџари, археолошко наоѓалиште и неолитско село, Скопје 2017, Управа за заштита на културното наследство, стр. 15
  4. Драгиша Здравковски: Тумба-Маџари, археолошко наоѓалиште и неолитско село, Скопје 2017, Управа за заштита на културното наследство, стр. 18-19
  5. Драгиша Здравковски: Тумба-Маџари, археолошко наоѓалиште и неолитско село, Скопје 2017, Управа за заштита на културното наследство, стр. 19
  6. Драгиша Здравковски: Тумба-Маџари, археолошко наоѓалиште и неолитско село, Скопје 2017, Управа за заштита на културното наследство, стр. 16
  7. Информации за отворањето на музејот на отворено[мртва врска]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]