Тул

Тул — чанта во облик на кутија или цилиндар направена од кожа, дрво и/или ткаенина, која ја користат стрелците за пренесување на стрели, проектили, пикада или кратки копја, овозможувајќи им лесен и брз пристап до нив.[1][2] Неговата употреба е документирана уште од праисторијата, а најстариот примерок за кој се знае е пронајден заедно со Еци — природна мумија на човек што живеел околу 3300 г. пр. н .е. Неговиот тул бил направен од срнечка кожа и содржел четиринаесет стрели, од кои само две биле целосно завршени и подготвени за истрел.
Тулот обично се носи на грбот за да му се овозможи на стрелецот слобода на движење и истовремена достапност до проектилите, но често се носи и на појасот. За време на битките во антиката, формациите на стрелци често ги забивале стрелите во земјата непосредно пред нив, со цел пристапот до нив да биде уште побрз.
Видови тулови
[уреди | уреди извор]Тул за појас
[уреди | уреди извор]Најчестиот стил на тул е рамен или цилиндричен сад што виси на појасот. Се среќава во многу култури, од Северна Америка до Кина. Постојат многу варијанти на овој тип, како што се навалување нанапред или наназад, и носење на страната на доминантната рака, на спротивната страна или на долниот дел од грбот. Некои варијанти ја опфаќаат речиси целата стрела, додека минималистичките „џебни тулови“ се состојат од малку повеќе од мала цврста торбичка што ги покрива само првите неколку сантиметри. Таписеријата од Баје покажува дека повеќето стрелци во Средновековна Европа користеле вакви тулови за појас.
Тул за грб
[уреди | уреди извор]
Туловите за грб се прицврстени на грбот на стрелецот со кожни ремени, при што краевите на стрелите (засеците) штрчат над рамото на доминантната рака. Стрелите можат брзо да се извлечат за врвот. Овој стил го користеле домородните народи во Северна Америка и Африка, а исто така бил вообичаен во релјефите на Стара Асирија. Тие се користеле и во Стара Грција и често се појавуваат во скулптурите на Артемида. Иако е популарен во филмовите и уметноста на XX век поради приказите на средновековни ликови (како Робин Худ), овој стил на тул ретко се користел во Средновековна Европа.
Тул за земја
[уреди | уреди извор]Тул за земја се користи и за гаѓање во цел и за војна кога стрелецот пука од фиксно место. Тие можат да бидат едноставни колци во земјата со прстен на врвот за држење на стрелите, или поелаборирани дизајни што ги држат стрелите на дофат без стрелецот да мора да се наведнува за да ги извлече.
Тул за лак
[уреди | уреди извор]Како современ изум, тулот за лак се прицврстува непосредно на краците на лакот и ги држи стрелите цврсто со некаков вид штипка. Популарни се кај ловците со составен лак бидејќи овозможуваат носење на опремата без таа да пречи на телото на ловецот.
Постојат и други видови тулови што се прицврстуваат непосредно на подлактицата или на потколеницата.