Трифун Пановски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Биста на Трифун Пановски во основното училиште во Битола што го носи неговото име

Трифун Пановски (Буф, Леринско, 1 февруари 1912Буринец, Малесија, 22 јули 1944) — учесник во НОВ, прв партизански лекар во Народноослободителната војска на Македонија. Патрон е на медицинскиот центар во Битола.

Животопис[уреди | уреди извор]

Споменикот на местото на кое загинал Трифун Пановски, заедно со други борци во 1944 година на патот помеѓу селата Буринец и Локов

Трифун Пановски е роден во 1912 година во селото Буф, Леринско, Егејска Македонија, во печалбарско семејство. Основно училиште завршил во родното место. Потоа, со родителите се преселил во Битола, каде завршил гимназија во учебната 1933/34 година. Се запишал на Медицинскиот факултет во Белград. Уште за време на студентските денови влегол во напредното студентско движење. По дипломирањето се вработил како лекар во Ниш, но набрзо, веднаш по окупацијата, се вратил во Битола и се приклучил во НОБ.

Во 1941 година станал член на КПЈ, а во 1942 година, за време на априлската провала, бил затворен од бугарската окупаторска полиција. Во недостаток на сигурни сведоштва бил ослободен од обвинувањата. Во текот на 1943 година бил интерниран во Бугарија и мобилизиран како лекар во бугарската армија, од каде во 1944 година успеал да избега и да им се приклучи на партизаните.

Како лекар и хуманист со големи лекарски способности уживал голем авторитет кај борците и народот. Во партизанските редови работел прво како главен лекар во партизанските болници на планината Кожуф, а потоа како лекар во Првата македонско-косовска бригада и на крај во Првата македонска бригада (во Дебрца и Караорман). Ce одликувал co храброст и пожртвуваност, спремен да им помогне на ранетите борци во првите борбени редови. Заради неговата несебичност бил почитуван и сакан од сите борци. Пановски работел во партизанската болница што ја создал и организирал кај селата Песочани и Ехловец, во подножјето на Караорман и Славеј. Во оваа болница се лекувале тешкоранетите борци, а полесно ранетите, под негов стручен надзор се лекувале во своите единици.

На 22 јули 1944 година во близина на селото Буринец (Малесија) при едно пробно гаѓање со минофрлач, од ненадејна експлозија бил тешко ранет заедно со командантот на Првата македонска бригада Коле Канински и уште тројца нивни соборци. Иако и самиот бил тешко ранет, Трифун Пановски им помагал на останатите повредени, сè додека сите не им подлегнале на раните.

Поврзано[уреди | уреди извор]