Триглав (бог)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Триглав од Марек Хапон

Триглав бил еден од најмоќните богови во словенската митологија, посебно почитуван кај Балтичките Словени, во Штетин и Волин. Најверојатно се работи за синоними на Велес, бог на војната претставен со три глави[1]. Според некои автори е трансформација на името и одликите на Световид[2].

Извори[уреди | уреди извор]

Триглав се споменува во сите три житија на бармбершкиот епископ Отон, од раниот 12 век. Авторот на едно од житијата, Ебо, вели:

Штетин ... беше наоколу затворен со три брда, од кои средното, кое е и најголемо, му е посветено на паганскиот бог Триглав, а таму имало и Триглавов кип, на кој очите и устата му биле покриени со златен превез; свештениците на тој кумир толкуваат дека нивниот најголем бог има три глави, зашто владее со трите царства, т.е. со небото, земјата и пеколот, а очите и устата му се прекриени со превезот бидејќи се преправа како да не сака да ги види и дознае гревовите на луѓето.

Се забележуваат одредени сличности меѓу Триглав и Световид, па може да се претпостави дека, во основа, станува збор за исто божество. И Триглав, исто како и Световид, е ноќен коњаник, но за разлика од него, тој има црн коњ. На богот му бил посветен и храм, во кој му биле принесувани дарови и воен плен - последново бездруго говори за неговите воени одлики. Неговиот коњ се користел за гатање, од што зависело дали ќе се преземаат воени дејствија или не. За тоа ни сведочи Хербордовото житие на Отон:

Кога требало да се преземе некој сувоземен поход, положуваат најпрво наземи девет ниви копја, на еден лакот далечина едно од друго. Свештеникот тогаш го води заузданиот и оседлан коњ, го држи за узда и трипати го тера во двата правци да прејде преку копјата. Ако притоа минувајќи не допре ниедно копје, тогаш претскажувањето е среќно и може да се преземе поход. Во спротивен случај, се откажуваат од намерите.

Иако кај Триглав се обединети сончевите и воените особини, сепак, некои истражувачи сметаат дека неговата троглавост е настаната под влијание на христијанството, неговите влијанија и поимите за тројството. Споменот за него е зачуван во името на врвот Триглав во Словенија, а Танас Вражиновски забележува дека може (но и не мора) топонимот Трибор во Мариово да се поврзе со овој бог. Вражиновски додава дека овој бог, под името Трибор, се споменува и во една српска народна песна, во која тој на девојките им советува да се љубат, плодат, растат итн., а помалку да умираат, што укажува на него како на бог-седател, бог на животот и радоста, a со тоа и на сонцето и светлината.

Кип на богот Триглав

Култот[уреди | уреди извор]

Храмот на Триглав бил поставен на средното брдо во Штетин, во него се чувала култна дрвена статуа со три глави и со златен превеѕ преку очите. Трите глави на Триглав ја симболизираат неговата владеачка присутност во трите царства небото, земјата, пеколот. Пред храмот жреците чувале црн коњ кој имал седло од злато и сребро и кој се користел во гатачките обреди. Гатањето се реализирало со помош на девет нови копја кои биле поредени со размак од еден лакт. Оседлан коњ поминувал трипати меѓу копјата во двете насоки. Воените дејствија се преземале само доколку сите копја останувале на свое место[3].

Одлики[уреди | уреди извор]

Триглав бил божество на војната (одлика на словенските божства е дека повеќето се поврзани со војната, пред сè поради важноста ѕа опстанок и очувување на територијата во древните времиња кога судирите помежу раѕличните групи биле многу чест). Постои верување дека Триглав имал пророчнички моќи коишто ги споделувал со луѓето на кои им бил наклонет.Триглав според Книгата на Велес претставува тролико божество, но имал и способност да се појави во три лика. Се верува дека имал способност земјата да ја облече со тревата, како и богато да ги наградува своите верници со благосостојва и да ги штити од секое зло. Според Нидерле постојат научници кои сметаат дека Триглав носи потекло од прастариот словенски пантеон.

Именувањето на највисокиот врв на Јулијските алпи во Словенија, еден од најугледните топоними на Словенците кој според важноста е избран за симбол на националниот грб, дополнително укажува на огромна важност на овој култ во паганскотоивеење на тој дел од словенските народи.

Јулијски алпи, највисокиот врв Триглав

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Нина Анастасова - Шкрињариќ, Словенски пантеон, Нина Анастасова - Шкрињариќ, Менора, Скопје, 2004, стр. 176
  2. Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Издавачки центар Три, Скопје, 2004, стр. 237
  3. Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Издавачки центар Три, Скопје, 2004, стр. 238

Литература[уреди | уреди извор]

1. Вражиновски, Танас: Народна митологија на Македонците

2. Vasiljev, Spasoje: Slovenska mitologija

3. L. Leže: Slavenska Mitologija

4. Гордана Стојковска, „Речник на јужнословенска митологија“, 2004, Издавачки центар Три, Скопје ISBN 9989-918-97-X.