Прејди на содржината

Трета пунска војна

Од Википедија — слободната енциклопедија
Град Картагина околу 149 п.н.е

Третата пунска војна (149.-146.г.п.н.е.) значела долга опсада на Картагина, која завршила со целосно уништување на градот. Причина за избивањето на војната биле растечкото нерасположение кон Рим во Шпанија и Грција, како и подемот во поморската моќ и во богатството што го имала Картагина во 50-те години по Втората пунска војна.

Без војска, Картагина постојано трпела упади од соседната Нумидија. Според мировните договори со Рим, ваквите несогласувања требало да бидат арбитрирани од Римскиот сенат. Но, во тие арбитражи Римјаните постојано ги фаворизирале Нумидијците. После педесеттина години од ваква состојба, Картагинците решиле да ги отфрлат ограничувањата од мировните договори, и составиле војска која ќе им се спротивстави на Нумидијците. Но, и оваа војна ја загубиле, и повторно се задолжиле да плаќаат отштета, овојпат кон Нумидија.

Но, новиот Картагински милитаризам ги вознемирил Римјаните, и во 149., со намера да ги принудат Картагинците на отворен конфликт, Римјаните им доставиле низа невозможни барања: да испорачаат 300 деца на аристократијата како заложници во Рим, да ги урнат градот и да го изградат подалеку од морскиот брег, итн. Конечно тоа довело до одбивање од Картагинците и до почетокот на Третата пунска војна.

Римјаните го опсадиле градот. Картагинците, кои немале своја војска, се обидувале да се одбранат на најневозможни начини: дури ги правеле јажињата за катапултите од косите на жените. Но, воената надмоќ на Римјаните конечно дошла до израз и тие ја пробиле одбраната на градот во 146.г.п.н.е. Тие го уништиле градот, систематски го запалиле и разурнале и целокупното население го одвеле во ропство.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]