Трета книга Царства

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Трета книга Царства“ — книга од Стариот завет.

Содржина[уреди | уреди извор]

Царот Давид е многу стар и затоа му носат девојка за да го топли во постелата. Тогаш, неговиот син Адонија се прогласува за иден цар и ги собира најблиските соработници за да прослават. Веста за тоа допира до Давид и тој им заповеда на пророкот Натан и на свештеникот Садок да го прогласат Соломон за цар. Набргу, Давид умира и Соломон седнува на престолот. Тој ги убива Адонија и главниот воен старешина Јоав (кој застанал на страната на Адонија), а врховниот свештеник го прогонува и на неговото место го поставува Садок. Господ му се јавува на сон на царот Соломон и му подарува голема мудрост, која тој ја потврдува наскоро: две жени се караат околу мајчинството на едно дете; тогаш, Соломон наредува детето да се преполови и така да им се подели на двете жени; едната жена го прифаќа предлогот, но другата го моли царот да го остави детето живо; така, тој открива која е вистинската мајка. Во текот на својот живот, царот Солмон се прославува со мудроста, како автор на три илјади мудри изреки и 1 005 песни. Во четвртата година од своето владеење, тој ја започнува градбата на божјиот храм чија градба трае седум години, а во следните 13 години ја гради царската палата. По изградбата на храмот, царот ги преместува ковчегот на заветот и другите свети предмети од скинијата од Сион во Ерусалим, а тоа е проследено со голем народен собир. Во таа прилика, царот Соломон го моли Бога вечно да се грижи за Израилевиот народ, но и да му суди за гревовите. Тогаш, Господ повторно му се јавува на сон на царот Соломон и му го повторува заветот даден на татко му Давид.[1]

Слушајќи за големата мудрост на царот Соломон, него го посетува савската царица и му поставува гатанка која тој лесно ја решава, а таа богато го наградува за покажаната мудрост. Во текот на своето владеење, царот Соломон натрупува големо богатство, гради неколку градови и ја развива трговијата со околните земји. Славата за неговата мудрост се раширува насекаде ширум светот и него често го посетуваат цареви. Истовремено, тој се истакнува со своите 700 жени и 300 љубовници. Меѓутоа, под нивно влијание, стариот Соломон се приклонува кон другите божества и поради тоа Господ станува гневен и решава да го казни, но не него лично, туку неговите потомци. Така, уште додека е жив царот Соломон, неговото царство постојано го напаѓаат двајца непријатели. По 40 години поминати на престолот, царот Соломон умира и него го наследува син му Ровоам. Тогаш, Јеровоам и претставниците на народот бараат од новиот цар да им го олесни товарот наметнат од царот Соломон, а откако Ровоам грубо ги одбива, десет Израилеви племиња го прогласуваат Јеровоам за свој цар, а само Јудиното и Венијаминовото племе му остануваат верни на Ровоам. Јеровоам, исто така, се приклонува кон туѓите божества, прави две златни телиња, гради нови светилишта, поставува други свештеници и прогласува други празници. На тој начин, Израилевиот народ се одвраќа од божјиот храм.[2]

Додека царот Јеровоам им принесува жртва на туѓите божества, доаѓа еден божји човек и жртвеникот се урива. Кога божјиот човек си заминува, еден старец-пророк го враќа назад и го угостува, а кога божјиот човек повторно го продолжува патот, него го јаде лав, а старецот-пророк го погребува во својата гробница, токму онака како што своевремено му кажал Господ на божјиот човек. Бидејќи Јеровоам продолжува со гревовите, Господ го казнува така што умира царевиот син. По 22-годишно владеење, Јеровоам умира, додека Ровоам владее во Ерусалим во текот на 17 години при што за тоа време двајцата цара постојано војуваат меѓу себе. Во петтата година од владеењето на Ровоам, египетскиот цар го напаѓа Ерусалим и го ограбува златото што се наоѓа во божјиот храм и во царската палата. Наследниците на Јеровоам и на Ровоам, исто така, војуваат меѓу себе и така Господ ги истребува сите грешни цареви.[3]

Пророкот Илија му најавува на израилскиот цар Ахав повеќегодишна суша, како божја казна поради неговите гревови. Според божјиот налог, некое време, пророкот Илија живее надвор од населените места, а потоа него го прима една вдовица. Иако таа има малку храна, со помош на божјото чудо, храната се умножува. Исто така, кога умира нејзиниот болен син, пророкот Илија му се моли на Бога и умрениот воскреснува. Три години подоцна, пророкот Илија оди кај царот Ахав, а потоа ги собира сите пророци на богот Ваал и пред насобраниот народ, тие принесуваат жртва. Иако пророците постојано го повикуваат Ваал, на нивниот жртвеник не се појавува оган, а кога пророкот Илија го повокува Бога, неговиот жртвеник се запалува сам од себе. Така, народот познава кој е вистинскиот бог, а Илија ги собира туѓите пророци и ги убива. Бидејќи паѓа во немилост на царот Ахав, Илија мора да бега за да го спаси животот и некое време се крие во пустината и во гората. Тогаш, нему му се јавува Бог и му кажува да го повика Јелисеј, кој ќе биде следниот пророк. Во тоа време, сопругата на царот Ахав неправедно обвинува еден човек, кого народот го убива, и така царот го присвојува неговото лозје. Затоа, пророкот Илија оди кај царот и му ја пренесува божјата закана, а исплашениот цар малку се смирува. Три години подоцна, царот Ахав и јудејскиот цар имаат намера да започнат воен поход против царот на Сирија. За таа цел, тие ги повикуваат пророците, кои на двата цара им претскажуваат победа, а само пророкот Михеј го претскажува нивниот пораз. И навистина, сириската војска победува, а во борбата е ранет царот Ахав, кој набргу умира. И неговите потомци продолжуваат со гревовите.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 366-381.
  2. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 381-386.
  3. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 386-392.
  4. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 392-401.