Треска на саботната вечер

Од Википедија — слободната енциклопедија

Треска на саботната вечер (англиски: Saturday Night Fever) - американски филм од 1977 година, во режија на Џон Бедхем. Главните улоги ги толкуваат: Џон Траволта, Карен Лин Горни, Бери Милер, Џозеф Кали, Пол Пејп, Дона Пескоу, Мартин Шакар, итн. Во 1978 година, Траволта бил номиниран за наградата „Оскар“ во категоријата за главна машка улога, а истата година филмот бил номиниран и за наградата „Златен глобус“ во четири категории. Во 2010 година, филмот бил зачуван во Националниот филмски регистер на САД.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Тони Манеро (го игра Траволта) е деветнаесетгодишно момче од Бруклин. Тој живее во несредено семејство во кое мајката е голем верник и многу е горда на постариот син Френк (го игра Шакар) кој се подготвува за свештеник; таткото е нервозен поради тоа што е невработен; а родителите го сметаат Тони за „црна овца“ во семејството. Тој работи во локалната продавница за бои, но е опседнат со танцувањето. Заедно со своите другари, Тони е главната ѕвезда во локалниот клуб „Одисеја 2001“ во која девојките обожаваат да го гледаат како игра. Една од локалните девојки, Анет (ја игра Пескоу) е вљубена во него, но Тони размислува само за непознатата девојка која една вечер ја здогледува во клубот. Потоа дознава дека таа се вика Стефани (ја игра Лин Горни) и ја поканува да му биде партнерка за скорешниот натпревар во танцување што треба да се одржи во „Одисеја 2001“. Така, Тони и Стефани почнуваат да се дружат и притоа сфаќаат дека се многу различни: тој е наивен и необразован, а таа е амбициозна девојка која сака да направи кариера и да живее на Менхетен. Тие победуваат на натпреварот за танц, но Тони е незадоволен, зашто смета дека неправедно ја добиле наградата и поради тоа се расправа со Стефани. По натпреварот, тој и неговите другари одат кај еден мост којшто им е омиленото место за забава, а патем, другарите ја силуваат Анет. Кога пристигаат кај мостот, еден од друштвото, малиот Боби, кој е под голем притисок зашто неговата девојка е бремена, паѓа во морето. Разочараниот Тони влегува во метрото и цела ноќ бесцелно се вози низ градот, а изутрината оди во станот на Стефани и ја замолува да живее со неа.[2] [3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. IMDb, Saturday Night Fever (1977), Awards (пристапено на 31.10.2017)
  2. IMDb, Saturday Night Fever (1977) (пристапено на 31.10.2017)
  3. „HRT (пристапено на 27.10.2017)“. Архивирано од изворникот на 2017-11-05. Посетено на 2017-10-31.