Трена Јорданоска

Од Википедија — слободната енциклопедија

Трена Јорданоска (Скопје, 1984) е музиколог и доцент на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш, Србија, каде предава естетика и социологија на музиката, сонологија со мултимедија и вокална литература.

Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје на одделите за музикологија и сонологија со мултимедија. Како најдобар дипломиран студент на одделите за композиција, диригирање и музикологија е првиот добитник на наградата од Фондацијата „Томислав Зографски“ во 2006 година. Во 2008 година магистрира на ФМУ со трудовите „Проблеми на методологија на изработка на музички критики во македонската музичка култура во 21 век“ и „Местото и улогата на Ладислав Палфи во појавата на македонскиот професионален пијанизам,“ а во 2011 година на ФМУ ја одбранува докторската дисертација „Дигиталните медиуми и стратификацијата на музичката култура на тинејџерската популација во главниот град на Република Македонија – Скопје во 2009 година.“

Посебно активна е во дејноста на Институтот за истражување и архивирање музика – ИРАМ и Архивот Бужаровски, каде учествува во аудио и видео проекти, архивирање на културното наследство (дигитализација на Колекцијата Пенушлиски во 2008 година), одржување на Мрежното место http://mmc.edu.mkАрхивирано на 18 октомври 2013 г., организација на настаните на ИРАМ и подготовка на радио емисии и документарни видео програми.

Учесник е на конференции и работилници во Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Грција, Албанија и Велика Британија. Член е на националниот комитет на Македонија во РИЛМ. Се јавува како автор и соавтор на повеќе научни трудови објавени во стручни списанија и зборници од конференции. Технички ги уредува и ги изработува графиконите, табелите и индексирањето во книгите Истражувачки методологии аплицирани во музикологијата (Istraživačke metodologije aplicirane u muzikologiji, „Nota”, Knjaževac, 2012) и Историја на естетиката на музиката (Istorija estetike muzike, Fakultet umetnosti u Nišu, 2013) од [Димитрије Бужаровски|Димитрије Бужаровски]. Со Арниса Реџепи (Arnisa Rexhepi) ја издаваат книгата Детски музички игри од Косово (Lojërat muzikore të fëmijëve në Kosovë, Instituti Albanologjik i Prishtinës, 2013).