Требовље

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Требовље
Требовле DG20120506153950.jpg

Поглед на Требовље од врвот Луковец

Требовље is located in Македонија
Требовље
Местоположба на Требовље во Македонија
Координати 41°45′30″N 21°7′54″E / 41.75833° СГШ; 21.13167° ИГД / 41.75833; 21.13167Координати: 41°45′30″N 21°7′54″E / 41.75833° СГШ; 21.13167° ИГД / 41.75833; 21.13167
Регион Logo of Southwestern Region, North Macedonia.svg Југозападен
Општина Coat of arms of Makedonski Brod Municipality (2012).svg Македонски Брод
Област Порече
Население 13[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 6535
Повик. бр. 045
Надм. вис. 970 м
Требовље на општинската карта
Требовле во Општина Македонски Брод.svg

Атарот на Требовље во рамките на општината
Commons-logo.svg Требовље на Ризницата


Требовље (познато и како: Требовле) — село во Општина Македонски Брод, во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Ова село се наоѓа во областа Порече, во високиот северен дел на територијата на Општина Македонски Брод.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 970 метри.[2]

Атарот зафаќа површина од 16,9 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1019 хектари, на пасиштата отпаѓаат 124 хектари, а на обработливото земјиште 79 хектари.[2]

Сместено е на северната страна од планината Фојник, во борова шума. Атарот на селото се граничи со атарите на селата: Брест, Косово, Заград, Растеш, Здуње, Волче, Близанско и Гургурница.

До селото може да се стигне од следниве правци:

  • Самоков - Растеш, по асфалтен пат;
  • Македонски Брод - Белица - мостот кај Близанско, првата половина асфалтиран пат, а втората половина од патниот правец макадам прооден во поголемиот дел и за лесни патнички возила;
  • Скопје - Скопска Брезница - Кула - мостот Близанско. Делницата Скопје - Скопска Брезница е широк асфалтиран пат со две ленти. Делницата Скопска Брезница - Кула е тесен асфалтиран пат со една лента кој во главно се одржува преку целата година со огледна тоа што истата ја поврзува општината Сопиште со Скопје. Делницата Кула - Близанско е претежно асфалтиран пат кој поминува низ шумскиот резерват Јасен, низ тежок планински пристап со временски поделен режим на сообраќај во еден правец, кој не се одржува така добро, втората етапа на патот е широк асфалтиран пат до мостот кај Близанско, можно е движење на лесно патничко возило. Делницата Близанско Требовле е шумски макадам пат, каде е можно движење на патнички возила доколку временските услови тоа го дозволуваат, додека во зимски услови практично е невозможно да се користи оваа делница.
  • До селото може да се стигне по шумски патишта и патеки од речиси сите околни села.

Интересно е да се напомене дека Требовле е поврзано со Гургурница со шумска патека која за време на Втората светска војна била врска помеѓу две окупациони зони: бугарската окупациона зона и италијанска окупациона зона. Патеката се користела како сообраќајница за тргување помеѓу двете зони. Патеката била одржувана постојано со поткастрување на вегетацијата, а на некои места и проширувана со подѕидување. На гребенот на самата граница помеѓу двете окупациони зони постоела обезбедувана контролна точка.

Денес, селото прераснува во населба во која познати бизнисмени од Скопско, Тетовско и Гостиварско градат современи викенд-куќи со прекрасно уредени дворови, а некои од нив опремени со базени.

Историја[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Требовље било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство.

Селото за време на балканските војни и двете светски војни е под контрола на различни окупациски сили:

  • 1913 година селото е под контрола на Србија.
  • 1929 година селото е под контрола на Бугарија.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Селото нема развиена земјоделска функција.[2]

Смоларење[уреди | уреди извор]

Смоларењето е најкарактеристично за жителите на селото. Голем број на жители на Требовле, работеле во фабриката за терпентин и калофон „Капина“ сместена во истоимената месност во атарот на селото Здуње. Според пописот од 1953 година на работа во фабриката или на „белење“ на бор работеле само 23 работници. Со прогласувањето на „Јасен“ за ловен резерват, големи земјишни површини и планински пасишта биле насилно одземени.

Смолата се исцедува од стеблата на црниот бор на тој начин што се прави засек - „жива рана“. Со специјален алат се лупи кората на површина од околу две дланки се до белата дрвна маса. Потоа со смоларска секира, во облик на кука, попречно се прави прорез до сржта на стеблото во форма на кружен полумесец, се става парче лим во форма на чешмиче, а под него клинец на кој се прицврствува печено земјано лонче во кое се собира смолата. За да се наполни еден сад со смола од 250 грама потребни се петнаесетина дена. Кога смолата ќе прекипи, смоларите организирале акции за нејзино истресување во специјални канти. Со посебна лажица смолата се собира во канти, кои потоа се товараат на коњи и се носат на преработка во фабрика. Постои таканарачена германска метода на смоларење, со која стеблото се ранува со надолжни сечења на кората, и француска метода со која кората се реже попречно во етапи.[4]

Се смоларело од март до октомври. Од смолата се произведува карактеристична течност наречена нефт која се употребува како народен лек за лекување на реуматски заболувања, рани и слично. Од остатоците на боровите дрвја се произведува катран којшто, исто така, според народното уверување, има лековити својства.

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Требовље имало 180 жители, сите Македонци.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Требовље имало 256 жители.[6]

Селото е мало, населено со македонско население и е доведено во фаза на раселување. Тоа, во 1961 година имало 164 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 18 жители.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Требовље имало 13 жители, сите Македонци.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[7] 1905[8] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 180 256 187 170 164 96 44 20 18 13
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]

Родови[уреди | уреди извор]

Требовље е македонско село.

Родови во селото се: Барутовци (9 к.), доселени се од некое село Трн (кое сега е во Албанија). По преданието од Трн тргнале тројца браќа, едниот отишол во Бериково, Кичевско. Вториот отишол во селото Ќафа, Гостиварско. А третиот во селото Требовље; Петковци (12 к.), доселени се од раселениот град Закамен. По некое друго предание двата рода во селото потекнуваат од ист предок.[10]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Вознесение Христово“

Селото влегува во рамките на Општина Македонски Брод, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната Општина Самоков. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Самоков.

Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Растеш, во која влегувале селата Битово, Волче, Горно Ботушје, Долно Ботушје, Заград, Косово, Растеш и Требовле

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Растеш, во која покрај селото Требовле се наоѓале селата Битово, Близанско, Волче, Горно Ботушје, Долно Ботушје, Заград, Здуње, Косово и Растеш.

Во периодот 1955-1957, селото било дел од тогашната општина Манастирец.

Во периодот 1957-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Брод.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Брод.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Во селото постои изборно место бр. 0271 според Државната изборна комисија, кое е сместено во Селскиот дом.[11]

На локалните избори во 2017 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 13 гласачи.[12] На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 11 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки локалитети[14]
Цркви[15]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 19 ноември 2017. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 299-300. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. посет. 19 ноември 2017 г. 
  3. Афанасий Селищев. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929.
  4. kralemarko.org.mk Смоларство, занат кој повеќе го нема
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 258.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 156-157.
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  10. Јовановиќ, Петар (1935). Порече. Белград: Српски етнографски зборник. 
  11. „Описи на ИМ“. конс. 16 октомври 2017. 
  12. „Локални избори 2017“. конс. 16 октомври 2017. 
  13. „Претседателски избори 2019“. конс. 5 мај 2019. 
  14. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286. 
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]