Трајче Арсовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Трајче Арсовски
Trajce Arsovski.jpg
Роден 4 октомври, 1925 година
Кратово, Македонија под окупација на Кралство СХС
Починал 1944 година
Чупино Брдо, Луке, Кривопаланечко
Националност Македонец

Трајче Михајлов Арсовски (4 октомври 1925 во Кратово1944 во Луке, Кривопаланечко) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Потекнува од бедно многучлено семејство, а во раните години останал сирак, без мајка. По завршувањето на основното образование во Кратово, немајќи услови да го продолжи образованието, бил принуден уште во раното детство да бара своја егзистенција, изучувајќи го столарскиот занает. Ја почувствувал суровата експлоатација и социјалната угнетеност, кое што придонело да се приклучи кон напредното работничко движење и да се бори за работничките права. По капитулацијата на Кралство Југославија и окупацијата на Македонија од германско-бугарските власти, не можел да се помири со фашизацијата и денационализацијата на својот народ. Се приклучил кон младинска група која собира оружје и други материјали потребни за подготвување оружен отпор. На 25 април 1944 година по нападот на Кратово од единиците на НОВ и разбивањето на бугарскиот гарнизон и полицијата, тој со група активисти пристапува во редовите на Третата македонска ударна бригада. Во борбите против бугарските фашистички војски, тој се борел во својство на пушкомитралезец. Особено се истакнал во борбите што бригадата ги водела во долгиот борбен марш до Грција и назад, во Пролетната офанзива 1944 година. На Чупино Брдо крај село Луке - Кривопаланечко, бригадата водела целодневна борба, со многубројните тешко вооружени бугарски единици. Во таа борба баталјонот, на кој му припаѓал Трајче, заробил двa бугарски топа. Во многубројните напади и противнапади, со пушкомитралезот в раце загинал деветнаесетгодишниот Трајче Арсовски на Чупино Брдо (Ретки буки), Кривопаланечко.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Нивната борба за слобода, наш патоказ за иднината. Кратово: Општински одбор на СЗБ НОВ Кратово. 1985. стр. 28–29.