Трајко Попов

Од Википедија — слободната енциклопедија

Трајко Попов (7 февруари 1910, с.Раштак, Скопско – 19 август 1945, непозната локација) - македонски борец, учесник во НОАВМ, политички осуденик.

Рани години[уреди | уреди извор]

Трајко Попов е роден на 7 февруари 1910 година во скопското село Раштак. Деството го минал во период на војни, поделби и окупации. Иако бил дете, Трајко Попов бил свесен за положбата во која се нашол македонскиот народ по завршувањето на Првата светска војна, пред сѐ поради фактот што е роден во интелектуално-свештеничко семејство.[1]

Основање на Македонското национално движење „Бунт“[уреди | уреди извор]

Трајко Попов политички се ангажирал во 1935 година, во периодот кога во Југославија започнала многу жестока политичка борба помеѓу опозицијата и владејачката партија. Татко му Поп Коста и Трајко се приклучуваат кон Здружената опозиција предводена од Земјоделската странка на Влатко Мачек. Прогонствата, апсењата, малтретирањата што ги доживеало семејството Попови од српските власти, како и политиката на негација и асимилација на македонскиот народ биле главни причини да се определат за Здружената опозиција, која се залагала за федерално преуредување на Југославија.

Првите поконкретни чекори за илегално дејствување, Трајко Попов ги направил паралелно со неговиот ангажман за време на парламентарните избори во 1938 година. Имено, во тој период Трајко Попов заедно со неколкумина негови пријатели, задоени со идејата за слободна и обединета македонска држава на македонскиот народ, го формираат Македонското национално движење – „Бунт“.[2]

Втората светска војна донела нова поделба на Македонија овој пат од силите на Оската. Најголемиот дел ѝ припаднал на Бугарија, заедно со Скопје. Бугарските окупаторски власти практикувале да назначуваат намесници на населените места од месното население, па така Трајко на барање на населението бил пставен за намесник - кмет за селата Белимбегово и Марино - Скопско од 30 септември 1941 година до 30 септември 1943 година. Трајко Попов бил човек со голем углед и авторитет, па нему покрај Македонците му верувале и српските колонисти кои за време на Кралска Југославија биле населени во тој реон. Тој се заложил за нивните барања да ги заштити имотите од разурнување. Наедно дошол и во конфликт со насилниците кои сакале да им го одземаат движниот имот на колонистите кои се иселувале. Околискиот управител Бугаринот Петар Думев постојано му вршел притисок на кметот Трајко да ги прогонува српските семејства. Трајко на таквата активност се спротивставувал. Одмаздувајќи му се го мобилизирал во работниот баталјон, во кој Трајко останува до 3 јануари 1944 година. Баталјонот работел кај Струмица, кај летувалиштето.

Групата „Бунт“ и во текот на Втората светска војна не се откажала од идеалот за создавање македонска национална држава. Нивните активности биле насочени пред сѐ во разговори и разменување мислења со поединци и групи со цел омасовување на движењето. Во услови на војна и окупација, движењето немало за цел да прерасне во политичка партија, туку „да ја шири идејата за македонската национална свест, да се спротивставува на српскиот, а сега и на бугарскиот окупатор во ширењето на антимакедонската асимилаторска дејност.“

Во втората половина на 1944 година браќата Трајко и Никола Попови и Трајко Јовчев се вклучуваат во Народноослободителната борба и тоа во „16 та – Македонска народноослободителна ударна бригада“. За тоа посведочил Симеон Сарделиќ бивш офицер во разузнавачка служба на Скопското воено подрачје и на Скопската воена област.

По завршувањето на војната Македонското национално движење „Бунт“ се реактивирало во новото време и услови. Една од првите задачи на групата, по нејзиното реактивирање, биле омасовување на истата, а потоа од новите членови создавање групи од по пет члена, т.н. петорки, каде што би имало по еден одговорен. Трајко Попов направил обиди за ширење на „Бунт“ и надвор од Скопје, односно во Кавадарци, Куманово и во Кочани преку праќање курири, но и негова директна агитација заедно со дел од преостанатите членови на групата. Но, поради стравот и притисокот што го наметнале новите власти за одржување на режимот по секоја цена и бескомпромисна борба со политичките неистомисленици, голем дел од контактираните лица гледале само со симпатии спрема „Бунт“, без да се вклучат во истата.[3]

Судење[уреди | уреди извор]

Трајко Попов и преостанатите од групата „Бунт“ биле уапсени на 23 мај 1945 година и притворени во зградата на Централна ОЗНА. Таму биле сослушувани повеќе месеци од иследници на ОЗНА.  

Иследникот го распрашувал и му поставувал повеќе прашања и Трајко на нив одговара. Ќе го издвоиме и овој исказ:

Со започнуењето на партизанските борби и со паролата ‘За Федеративна Југославија’ за нас беше необјашнива и си поставихме прашањето дали во таја Југославија влегат Пиринска и Егејска Македонија или само Вардарска. Со тоа ако во неја влага и Грчка Македонија со Пиринска за нас нема друго да постоји освен Федерална Југославија. Ако пак остане само Вардарска, таа би била непотполна јединица- као мува без глава.

Јавниот обвинител на град Скопје Благој Поповски под КБР 618/46 на 25 февруари 1946 година изготвил Обвинителен акт против Трајко Попов и сите споменати други притворени лица и ги обвинувал за кривични дела од Законот за кривични дела против народот и државата, односно како државни непријатели на Федерална Македонија и Југославија. Обвинителниот акт го доставил до Окружниот народен суд Скопје. Во салата на Окружниот народен суд во Скопје судењето се одржaло од 6 до 10 март 1946 година.

Судењето го  водел претседателот на Советот судијата Панта Марина.

Со пресудата КБР 32/46 од 10 март 1946 година, судот го осудил Трајко Попов "на казна смрт со застрелуење, трајно губење на граѓанските права и конфискација на целокупниот имот.“

На ваквата пресуда протестирале селаните од Скопската околија самоиницијатвно собрале повеќе илјади потписи - петиција за помилување на Трајко Попов, но безуспешно.[3]

Смрт[уреди | уреди извор]

На 19 август 1946 година на тајна локација бил стрелан Трајко Попов. Гробот до ден денес не се знае каде е.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Иваноски Марјан, Џиков Ставре (2018). „Трајко Попов – водач на тајната политичка организација Македонско национално движење - Бунт"“. Македоника VIII/19-20.
  2. Гашев, Ефтим (2007). Нашата кауза. Скопје. стр. 159, 162.
  3. 3,0 3,1 Иваноски Марјан, Џиков Ставре (2018). „Трајко Попов – водач на тајната политичка организација Македонско национално движење - Бунт“. Македоника VIII/19-20.