Транупара

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ископините на наоѓалиштето Големо Градиште кај с.Коњух, за кои се претпоставува дека се од градот Транупара

Транупара (латински: Tranvpara) — доцноантички римски утврден град кој се наоѓал на просторите на денешна североисточна Македонија. Градот се среќава обележан на Поинтингеровата мапа (Tabula Peutingeriana) на Римското царство изработена од римскиот картограф Касториус (340-350 г.) во Константинопол за потребите на римската држава[1]. Според мапата на Поинтингер се претпоставува дека градот Транупара се наоѓал на трасата од некогашниот антички и римски пат Стобис (Стоби) — Астибо (Штип) — Пауталија (Ќустендил) — Сердика (Софија)[1]. Подоцна во 1918 година германскиот картограф Конрад Милер проучувајќи ги нелогичностите за растојанието помеѓу обележаните градови направил измена според која претпоставил дека античкиот град Транупара се наоѓал во околината на Кратово[1].

Сепак точната местоположба (убикација) на градот Транупара сè уште не е утврдена и е предмет на бројни претпоставки. Во Кратовско се претпоставува дека Транупара се наоѓала на местата на градот Кратово, селото Горно Кратово или археолошкото наоѓалиште Големо Градиште кај селото Коњух[1].

Марјан Јованов во едно свое излагање во „Културно наследство“ бр. 20 дава втора варијанта во врска со името на градот, според која тргнувајки од изворната варијанта на Појтингеровата Карта, од бројните недоследности искажани по прашањето на трасата на античкиот пат кој ги поврзувал Стоби и Пауталија, како и дел од поновите археолошки откритија во регионот на Делчево, тој смета дека под бројните ранохристијански остатоци треба да се бара античката Транупара, а на локалитетот Виничко Кале - античкиот град Астибо[2].

Сепак според местоположбата веднаш крај брегот во долината на Крива Река која од секогаш па до денес е природна траса за сообраќај кон областа на Ќустендил и Софија како и од бројните и многу значајни и знаменити остатоци како големи утврдени објекти, базилика, кружна-црква ротонда, акропола, ранохристијанска црква, пронајдени на наоѓалиштето Големо Градиште, може да се претпостави дека најверојатно таму се наоѓал античкиот римски град Транупара. Дополнителен показател е и фактот што со своите 17 хектари површина, Големо Градиште кај с.Коњух е најголемиот и досега најдобро истражен град од 6 век во североисточниот дел на Македонија[3], што би одговарало на еден вака голем и значаен град обележан на римската карта. Дополнителен доказ во прилог на одредувањето на градот Транупара кај наоѓалиштето Големо Градиште во Коњух е фактот што во народната традиција и преданија ова големо (коњушко) Градиште е познато под името Коњух-град[4]. Во традицијата меѓу народот се смета дека ова било голем и важен град кој се наоѓал на крстосницата помеѓу старите и некогаш важни (особено до 1878 година како кираџиски) патишта: еден од Кратово за Скопје наречен Долни Пат во правец исток-запад и друг од Крива Паланка и Страцин за Овче Поле и Велес во правец север-југ што одговара на правецот кон Астибо и Стоби спорет Појтингровата карта, а исто така тука се наоѓа(л) и важниот камен мост со два свода кој бил главен премин преку Крива Река[4]


Галерија[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Чалоски, Томо (15 јули 2005 г). Тајната на закопаното благо (на македонски). „Вечер“ (Скопје). http://vecer.mk/kultura/tajnata-na-zakopanoto-blago. 
  2. Јованов, Марјан. „Музеј Теракота“. Виница. http://muzejterakota.mk/istorijanaistrazuvanje4.html. посет. 29 ноември 2016 г. 
  3. Санев, Горан (2013). „Транупара“ (на македонски). Скопје: Археолошки музеј на Македонија и Гетисбург Колеџ. http://www.konjuh.mk/. посет. 29 ноември 2016 г. 
  4. 4,0 4,1 Трифуноски, Јован. „1974“ (на српски). Кумановска област. Скопје. стр. 188.