Топка маст

Од Википедија — слободната енциклопедија
Топка маст

„Топка маст“, позната и како „Крофна“ (француски: Boule de suif) — расказ на францускиот писател Ги де Мопасан. Расказот бил првпат објавен на 15/16 април 1880 година во Les Soirées de Médan(како дел од збирка раскази посветени на Француско-пруската војна), а подоцна бил дел од неговата збирка „Топка маст и други приказни од војната“ (Boule de Suif et Autres Contes de la Guerre).

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејствието на расказот се одвива за време на француско-пруската војна, кога Руан и околината се окупирани од пруската војска. Група богати граѓани (трговци, грофови, калуѓерки) заминуваат во Авр, а заедно со нив, во кочијата патува и дебелата проститутка Елизабет Русе, наречена Крофна, односно „Масна топка (Boule de suif). Кога ја забележуваат, патниците нагодуваат поради нејзиното присуство, сметајќи ја за недостојна да патува со нив. Бидејќи патот е завеан од снег, кочијата патува многу бавно и патниците огладнуваат, но никој не се стил да понесе храна со себе. Тогаш, Крофна ја споделува својата храна со нив и дури тогаш угледните граѓани полека ја прифаќаат, па дури и започнуваат разговор со неа. Од разговорот се дознава дека таа е голема приврзаничка на монархијата и огорчена противничка на Прусите. По 13-часовно патување, патниците пристигаат во едно попатно место и се сместуваат во локалната гостилница. Таму, прускиот офицер веднаш ја забележува Крофна и од неа бара сексуални услуги. Таа одлучно го одбива, а утредента тој не им дозволува на патниците да го продолжат патувањето. На почетокот, угледните граѓани застануваат на страната на Крофна и ја фалат нејзината чест и смелост. Но, кога не успеваат да го убедат офицерот да им даде дозвола за патување, тие стануваат загрижени и се здружуваат, обидувајќи се да ја наговорат Крофна да го прифати барањето на офицерот. Најпосле, притисната од нив, таа попушта. Утредента, патниците добиваат дозвола да заминат, но откако се качуваат во кочијата, сите ја осудуваат нејзината постапка и никој од нив не сака ниту да разговара со неа. Во текот на патот, тие огладнуваат и почнуваат да јадат од своите залихи, но никој воопшто не ѝ понудува храна на Крофна. Тогаш, таа почнува тивко да плаче, а еден од патниците (единствениот кој не учествувал во убедувањето) почнува да ја пее Марсејезата.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Дунда“ во: Гиј де Мопасан, Изабране новеле (друга књига). Култура, Београд, 1950, стр. 7-58.