Томислав Шопов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Томислав Шопов
Роден 3 ноември 1939
Струмица, Македонија
Занимање диригент

Томислав Шопов (Струмица, 3 ноември 1939) — македонски диригент, музичар и педагог.[1] Во текот на својата долга, полувековна кариера, Шопов има диригирано над илјада оперски и балетски претстави, како и симфониски и гала-концерти во земјата и странство,[2] давајќи притоа клучен придонес кон кревањето на квалитетот на македонската музичка сцена и воспоставувањето и популаризацијата на значајни музички фестивали како Мајски оперски вечери и Охридско лето. Долгогодишен промотор на македонската култура, Шопов се смета за еден од најзначајните диригенти во историјата на македонската музика,[3] како и за неуморен афирматор на аматерските и хорските ансамбли.[2] Добитник е на многу меѓународни и национални награди, вклучително и највисокото државно признание за долгогодишни значајни остварувања во областа на културата и уметноста, наградата „11 октомври“, во 2006-та година.[4][5]

Живот и кариера[уреди | уреди извор]

1939-1960: Ран живот и образовение[уреди | уреди извор]

Томислав Шопов е роден на 3 ноември 1939 година во Струмица. Основно музичко образование стекнува во родниот град, по што запишува средно музичко училиште во Скопје; го завршува со успех во 1959 година. Следната година, по повод 150-годишнината од раѓањето на Фредерик Шопен, го одржува својот прв целовечерен клавирски концерт.[3]:120

1960-1969: Почеток на музичката кариера во Словенија[уреди | уреди извор]

Во 1960-та година, Шопов заминува за Словенија, каде ги продолжува своите музички студии на љубљанската Музичка академија, на отсекот по диригирање во класата на професорот Данило Швара.

Уште како студент настапува со академскиот симфониски оркестар низ градовите од поранешна Југославија, а во 1962 година е избран и да настапува со Белградската филхармонија, како претставник од Љубљана.[3]:120 Во текот на наредните три години (1963-1965) работи како наставник и раководител со оркестарот во основното музичко училиште во љубљанската општина Бежиград.[3]:125 Во 1965-та дипломира од Музичката академија со операта Мадам Батерфлај од Џакомо Пучини.[1][3]:120

По дипломирањето, останува во Љубљана и работи како диригент со шентвидскиот оркестар со кого освојува повеќе први награди на поранешните југословенски простори.[3]:120 Во 1967 година добива работа во основното музичко училиште во Трбовље, каде извршува двојна функција: директор и наставник по клавир и оркестар. Во меѓувреме, раководи и со познатиот аматерки мешан хор „Славчек“, со кого остварува гостувања во Бугарија, Австрија и Италија.[3]:125

1969-1985: Прво враќање во Македонија – втемелувачки ангажмани[уреди | уреди извор]

Во 1969 година, на покана на тогашното раководство при Македонскиот народен театар – и на инсистирање на композиторот, педагог и диригент Тома Прошев – Шопов се враќа во Македонија со задача да го подигне нивото на оперскиот хор, а подоцна и на оркестарот.[3]:120 Со прекини, останува да работи како диригент во Операта и Балетот при МНТ во текот на наредните 35 години, низ кои успева да постави и диригира повеќе од 30 оперски и балетски дела (дел од нив и премиерно),[1] извршувајќи при тоа и низа други функции:[3]:125; [6]:243

Едновремено со својот ангажман во МНТ, во периодот меѓу 1974 и 1985 година, Шопов работи и како редовен професор по неколку предмети (хорско пеење, хорско диригирање и познавање на музички инструменти) на Вишата педагошка школа во Скопја.[3]:126 Во меѓувреме (1975-1976) заминува на специјализација во Италија, на Академијата Света Сесилија во Рим, една од најстарите музички институции во светот. Таму го усовршува диригентскиот занает под менторство на италијанскиот диригент Франко Ферара и добива ретка можност, иако студент, да настапува со симфонискиот оркестар на академијата. Благодарение на овие настапи, потоа е поканет да диригира три симфониски концерти со американскиот симфониски оркестар Санта Барбара од Калифорнија (во Рим, Амалфи и Минори).[3]:120-1

По враќањето, Шопов реализира неколку концерти со Македонската филхармонија, меѓу кои како особено значаен се издвојува концертот посветен на Петар Илич Чајковски на 18 мај 1979-та година со Јован Колунџија како солист на виолина.[3]:123 Од 1980 до 1985 година, под уметничкото раководство на Томислав Шопов, се реализираат шест изданија на музичкиот фестивал за деца, Златно Славејче, вклучително и јубилејното десетто.[7] Меѓу 1972 и 1985-та година, Шопов е ангажиран како диригент и на академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје, а во 1984-та година, како диригент на камерниот ансамбл „Музика антиква“, дава значаен удел кон возобновувањето на македонската црковна музичка традиција.[3]:124 Истата година се јавува како диригент и на операта Трубадур на дваеесет и четвртото издание на Охридско лето[3]:123.

Мајски оперски вечери[уреди | уреди извор]

Томислав Шопов игра важна улога во востановувањето и промоцијата на најзначајниот македонски оперски фестивал, Мајските оперски вечери, чие прво издание датира од 9 мај 1972 година.[8] Како што потоа ќе стане традиција, првите Мајски оперски вечери се отворени со „Триумфалната сцена“ од Вердиевата опера Аида, која е проследена со изведба на операта Цар Самуил од Кирил Македонски, под диригентската палка на Фимчо Муратовски и со хор подготвен од Томислав Шопов.[9]

Во рамките на Мајските оперски вечери, Шопов се јавува во улогата на хор-мајстор во повеќе наврати, подготвувајќи го хорот за оперите Аида, Бал под маски, Боеми, Дон Карлос, Евгениј Онегин, Кнез Игор, Мадам Батерфлај, Набуко, Норма, Орфеј и Евридика, Палјачи, Продадена невеста, Разделба, Риголето, Русалка, Севилскиот бербер, Тоска, Травијата, Трубадур, Фауст, Отело и Цар Самуил.[3]:121 Во улога на диригент се јавува при изведбите на следниве опери: Илинден (1974), Травијата (1977, 1980, и 1990), Кузман Капидан (1981), Набуко (1982), Дон Карлос (1982 и 1983), Риголето (1984) и Цар Самуил (1990).[6]:87

1985-1993: Турција: шеф-диригент во Анкара, Измир и Истанбул[уреди | уреди извор]

Во 1985-та година, Шопов добива понуда да биде главен диригент на Државната опера во Анкара, функција што ја извршува до 1987-ма година. Во овој период, меѓу останатите, ги диригира оперите: Свадбата на Фигаро, Волшебната флејта, Љубовен напиток, Рита, Кавалерија Рустикана, Бал под маски. Потоа, во 1987-ма година, станува шеф-диригент на Операта во Измир каде премиерно поставува повеќе опери и балети меѓу кои и Веселите жени од Винзор, Љубовен напиток, Боеми и Тоска. Непосредно пред осамостојувањето на Македонија, Шопов кратко време работи со хорот на Македонската радио-телевизија (1989–1991), по што одново се враќа во Турција како главен диригент на Операта во Истанбул, каде ги поставува и диригира Моцартовиот Реквием, како и балетите Дон Кихот и Жизел.

1993: Второ враќање во Македонија[уреди | уреди извор]

Во 1993-та година, Томислав Шопов се враќа по вторпат во Македонија и оттогаш извршува низа различни музички и педагошки функции.

Во периодот меѓу 1996-та и 1999-та година работи со хорското друштво „Кочо Рацин“ од Скопје. Истата година започнува да раководи со камерниот мешан аматерски хор „Франце Прешерн“ при истоименото словенечко здружение во Скопје – функција што ја извршува до денес.

Во 1995-та година, ги диригира балетите Бајадера и Валпургиска ноќ на Охридско лето. Наредната година, на истиот фестивал, го диригира и балетот Корсар, а во 1997-ма и 1998-ма година ги диригира оперите Кавалерија Рустикана и Севилскиот бербер. Пет години подоцна, на 25 февруари 2003-та година, на сцената на Македонскиот народен театар, обележани се триесет и пет години уметничка дејност на Томислав Шопов со изведбата на Набуко, под негова диригентска палка, a во режија на Огнан Драганов и со Борис Трајанов во насловната улога.[10][11] Само неколку месеци подоцна, со успех диригира на јубилејната прослава по повод стогодишнината од Илинденското востание.[3]:123

Истата година ја возобновува соработката со академскиот хор „Мирче Ацев“ со кој ќе продолжи да работи сè до 2009-та година. Во меѓувреме, во февруари 2004-та година, избран е за диригент и уметнички директор на тогаш востановениот камерен хор „Моис Хасон“ во составот на Еврејската заедница на Република Македонија (ЕЗРМ). Под раководство на Шопов, хорскиот ансамбл го има своето официјално деби на првиот ден од 2005-та година, по шот следуваат бројни настапи во Белград, Ниш, Сибиу. На 23 јули 2012-та година, Шопов го диригира настапот на „Моис Хасон“ на фестивалот Скопско лето. Низ неговиот ангажман со хорот „Моис Хасон“, Шопов е еден од најзаслужните за продолжувањето на старата хорска и музичка традиција на Евреите од овие простори, прекината со почетокот на Втората светска војна во 1941 година.[12]

Во текот на целиот овој период, Шопов извршува и низа педагошки ангажмани.[3]:126 Од 1999-та година па натаму, хонорарно ги предава предметите корепетиција, оперско студио и музички форми на Државниот универзитет во Тетово, а од 2007-ма година па сè до денес работи како хонорарен професор по оркестар, хор и оперско студио на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде се јавува и како главен иницијатор за формирањето на меѓуфакултетски универзитетски хор. Истиот, под негово диригентсво, го остварува својот дебитантски настап на 5 мај 2013-та година во уметничката галерија Безистен во Штип.[3]:126 Меѓу 2003-та и 2011-та година, како визитинг професор, Шопов ја создава првата класа по оркестарско диригирање во Приштина. Во меѓувреме, активно диригира и со косовскиот Филхармониски оркестар со кој, во 2009-та година, ја реализира операта Рита.

На 2 ноември 2016-та година, Македонската опера и балет приредува јубилеен гала-концерт по повод 50 години уметничка дејност на Томислав Шопов. На концертот, режиран од Трајко Јордановски, настапуваат академскиот хор „Мирче Ацев“ и камерните хорови „Франце Прешерн“ и „Моис Хасон“, а како диригенти, покрај Шопов, се јавуваат Андреј Наунов, Иван Еминовиќ и Бисера Чадловска.[2]

Меѓународна афирмација на македонската култура[уреди | уреди извор]

Како шеф-диригент на три оперски куќи во Турција и чест гостин на меѓународни музички фестивали, Томислав Шопов игра значајна улога во афирмацијата на македонската култура, поставувајќи музичко-сценски дела од македонските композитори Кирил Македонски, Трајко Прокопиев, Ристо Аврамовски, Димитрије Бужаровски, Сотир Голабовски и Глигор Смокварски во земјата и во странство.[3]:122 Меѓу останатите, Шопов се јавува во улога на диригент, пијанист (корепетитор) и/или хор-мајстор при поставката на следниве неколку дела:[6]

Покрај максималната ангажираност како оперски диригент, Шопов одржува и низа симфониски концерти во Белград, Загреб, Љубљана, Трст, Рим, Амалфи, Измир, Истанбул и Франкфурт.[3]:122

Позначајни награди[уреди | уреди извор]

Томислав Шопов е добитник на многу државни и меѓународни награди, од сериозен и естраден карактер, меѓу кои би можеле да се издвојат следниве:

  • Признание од Владата на Република Словенија: за неговата успешна работа при претставувањето на словенечката култура и идентитет во Република Македонија со хорот „Франце Прешерн“, во 2006-та година, Шопов е почестен со високо признание од Владата на Република Словенија.[3]:124
  • Државна награда „11 октомври“: Во 2006-та година, Шопов ја добива највисоката државна награда, „11 Октомври“, за долгогодишни и особено значајни остварувања во областа на културата и уметноста.[4]
  • Национална пензија: Шопов е еден од првите 50 добитници на државна национална пензија за придонес во културата.[13]
  • Златна бубамара на популарноста: Во 2017-та година, Шопов се закитува со Златната бубамара за најголеми достигнувања во оперското и хорското музицирање.[14]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Муратовски, Фимчо. "Томислав Шопов". In Ристовски, Блаже. Македонска енциклопедија. II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1657. https://macedonism.org/%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B0-%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0/%D1%88%D0%BE%D0%BF%D0%BE%D0%B2-%D1%82%D0%BE%D0%BC%D0%B8%D1%81%D0%BB%D0%B0%D0%B2/. 
  2. 2,0 2,1 2,2 „Почеток на 17. Есенски музички свечености со гала оперски концерт за Томислав Шопов“. a1on.mk. 2 ноември 2016. Посетено на 3 ноември 2020.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 Ленче Насев (2015). „Поглед кон дејноста на Томислав Шопов - истакнат македонски диригент“ (PDF). Традиција као инспирација: тематски зборник. Бања Лука: Академија умјетности: 117–129. ISBN 978-99938-27-16-0. Посетено на 3 ноември 2020.
  4. 4,0 4,1 Е.А. (11 октомври 2006). „Награди и цвеќе во чест на 11 Октомври“. Вечер. Посетено на 3 ноември 2020. Занемарен непознатиот параметар |month= (help); Занемарен непознатиот параметар |daу= (help)CS1-одржување: датум и година (link)
  5. „Врачена наградата „11 Октомври". idividi.com.mk. 11 октомври 2006. Наводот journal бара |journal= (help)
  6. 6,0 6,1 6,2 Стефановски, Ристо; Маринковиќ, Славомир (1995). Македонски народен театар: Летопис (1945-1995). Скопје: Македонски народен театар.
  7. „Портфолио на учесникот Томислав Шопов“. ВБУ Музички регистар. Посетено на 2020-11-03.
  8. „Мајски оперски вечери“. macedonia-timeless.com. Посетено на 2020-11-03.
  9. Славомир Маринковиќ (1991). „Приказна за МОБ“. Театарски гласник. Скопје: НИП „Нова Македонија“. 35: 36. Занемарен непознатиот параметар |authorurl= (help); Укажано повеќе од еден |pages= и |page= (help); |access-date= бара |url= (help)
  10. „Репертоар: МОБ - Опера“. mactheatre.edu.mk. Посетено на 2020-11-03.
  11. Д. Стојановиќ (27.02.2003). „Спектакуларен "Набуко" со Борис Трајанов“. Вест. Посетено на 03.11.2020. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |date= (help)
  12. Тихомир Каранфилов (8 август 2012). „Камерниот хор на Еврејската заедница во Македонија „Моис Хасон". mn.mk. Посетено на 3 ноември 2020.
  13. „Трудот на уметниците за придонес во културата, награден со решенија за национални пензии“. Министерство за култура на Република Македонија. 22 јуни 2012. Посетено на 3 ноември 2020.
  14. Тони Димков (21 февруари 2017). „Наградите за популарност ги добија подобрите, а не подобните“. mkd.mk. Посетено на 3 ноември 2020.