Таки Даскало

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Тодор Николовски)
Димитар Николовски
Таки Даскало
Dimitar Nikolovski-Taki Daskalot.jpg
Роден 17 ноември 1921
Битола, Кралство СХС
(денес Македонија)
Починал 3 мај 1942
Ореово, Битолско
Занимање револуционер, партизан

Димитар Николовски – Таки Даскало (17 ноември 1921 во Битола3 мај 1942 во Ореово, Битолско) — македонски партизан, комунист, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1][2][3]

Животопис[уреди | уреди извор]

Калиопа Николовска, мајка на Димитар Николовски.

Семејство[уреди | уреди извор]

Роден е како прво дете, во семејство на Тодор Николовски и Калиопа Николовска (родено презиме Глигоровска). Неговите родители не биле имотни, татко му најпрво работел како магационер во воена служба, а потоа станал книжар. На 4-ри годишна ворзаст, починал неговиот татко, по што неговата мајка решила да работи како шивачка за да обезбеди егзистенција за нив. На негови 12 години, мајка му се премажила со Пано Мисирлиевски, од чиј брак го добил и својот полубрат Јован.[1]

Образование[уреди | уреди извор]

Класот I-1, на Димитар Николовски. Скопје, учебната 1936/1937 година. Димитар е во најгорниот ред, трет од десната страна.

Годините како младинец ги поминал во изучување на занает за да се оспособи што побрзо за живот. Основно образование стекнал во Битола. По завршувањето на четиригодишното училиште се запишал во Долната гимназија во Битола, каде што завршил четврти клас и положил полуматурски испит. Потоа во учебната 1936/37 година, своето образование го продолжил во Скопската учителска школа. На примениот испит иставил силен впечаток кај професорите Стеван Шијачки и Никола Савченко, со неговите гласовни способности пеејќи македонска народна песна. Таму тој влегува во кругот на напредните младинци. Таму го добил прекарот Штрч.[1][3]

Класот на Димитар Николовски. Скопје, учебната 1938/1939 година.

Имал бунтовен дух и често се спротиставувал на школскиот интернатски режим. Неговата активност не и се допаднала на управата на училиштето, на нејзините наставници, меѓу кои имало голем број со монархистичко настроение и на политичка кусогледост и затоа го отстрануваат од училиштето. Ова негово исклучување од III-1 класот, прераснало во мал бунт организзиран од неговите соученици (макеоднци, срби, црногорци), кои застанале во негова одбрана, зкалучувајќи се во своите училници и не дозволувајќи да влезе ниту еден професор, за да им ја одржи наставата. Целиот негов клас и покрај предупредувањата го напуштило училиштето, сакајќи да го испратат својот другар до железничката станица. Благодарение на високо развиениот револуционерен дух, Таки Даскало бил приморан да отпатува во Црна Гора и да се запише во училиштето за учители во Цетиње. Престојот во Цетинската школа му помогнало да се запознае со многу левооринетирани младинци, меѓу кои Стана Томашевиќ - Арнесен, која одбллиску го запознала со активностите на СКОЈ. Но и таму наскоро ќе биде разоткриен заради неговите антифашистички пропаганди и затоа се враќа во родниот град. Своето образование го продолжува во Алексинац во Србија.[1]

Окупацијата го затекнува во Битола, каде што станува член на КПЈ. Не ја губи присебноста со доаѓањето на фашистите, напротив, оди во Алексинац, ги прибира документите, се враќа назад и го положува матурскиот испит во гимназијата во Битола. Со, овој положен испит го завршил своето средно образование на 31 август, 1941 година.[1]

Окупацијата и Втората светска војна[уреди | уреди извор]

Димитар Николовски - Таки Даскалот, 1936/1937 година.

Револуционерна дејност[уреди | уреди извор]

Со положувањето на матурскиот испит, од страна на бугарскиот окупатор му било понудена учителска дејност, која ја одбил бидејќи не сакал да служи на окупаторот. Иако не работел како учител во тој период го добил прекарот Даскалот. Во овој период тој бил мошне близок со Елпида Караманди, па се верува дека преку нејзините контакти тој мошне брзо навлегол во револуционерното и ослободитлено движење во градот. Според спомените на Андон Поп Андоновски, во партиската келија во која членувал и Димитар, веднаш почнала со примирање материјал, храна, оружје и слична логистика, сè со цел да се исфрли првиот партизански одред во Битолско.[1]

Илинденските демонстрации во 1941 година[уреди | уреди извор]

Една од главните акции на битолската група, била да го разобличи бугарскиот окупатор, кој имал план на 2 август, 1941 година, да направи празнување на Илинденското востание, со цел да го прикаже како бугарско востание. Стив Наумов како еден од главните организатори на оваа акција, во јули во месноста Бруснички ливади, заедно со Коле Канински, Крум Хололчев, Доде Христовски, Лилјана Чаловска, Ставре Војчевски и Кочо Најдовски - Цоцо, одржале состанок, на кој Стив им одрѓал говор за значењето на Илинден на македонскиот народ и какви последици би имало доколку се дозволи да се прикаже на народот како бугарско востание. На состанокот било решено да се исфрлат две пароли: "Да живее слободна Македонија!" и "Да живеат СССР и Црвената Армија!". Таки Даскалот со Васко Кондураџијата, биле задолжени за носење на едниот транспарент. Тие се вмешале во толпата при што на сиот глас ја извикувале паролата "Да живее слободна Македонија!".[1]

Диверзантски акции[уреди | уреди извор]

По предлог на Стив Наумов, одржан бил состанок на кој присуствувал и Таки Даскалот, со цел да се направат диверзантски акции со цел да се нанесе психолошки удар на окупаторот. Идејата била да се разрушат неколку објекти и мостови (мостот на реката Шемница, магацините на ридот „Ѕвезда“, возовите на германскиот окупатор). Едната диверзантска група била под раководство на Таки, а во неа биле Јани Јовановски и Митко Велјановски-Дињаро. Оваа група добила задача во септември да го разруши мостот на реката Шемница. Тие се појавиле на закажаното место, но не успеале да ја извршат акцијата бидејќи не им бил обезбеден експлозивот за таа намена.[1]

Прв битолски илегалец[уреди | уреди извор]

Спомен-плоча посветена на Таки Даскало во Битола

По извршувањето на една акција во месец септември, заедно со Ѓорѓи Доти и Димче Кепецот, враќајки се кон својот дом, тој бил пресретнат, легитимиран и претресен од страна на бугарските полицајци, при што пронашле револвер во неговиот појас. Вечерта бил пуштен, му бил одземен револверот, но било побарано да се пријави во полициската станица за разговор. Таки бил свесен дека можен е претрес на неговиот дом, па со помош на својата мајка ги изнел сите компромитирачки материајли, оружје и циклостилна машина надвор од неговата куќа. Во полициската станица не признал ништо, но у било наредено да се пријави повторно кај нив. Таки тоа не го сторил туку заминал кај партиските членови да им објасни дека е компромитиран. Овој сплет на околности го напремине во илегала за да не ја загрзои организациајта. Првите илегални денови ги поминал во куќата на Анести Пановски. Кон крајот на 1941 г. станува еден од првите илегалци во Битола. Поради опасноста од дејствувањето во илегала во Битола, со одлука на Месниот комитет на КПЈ, Таки Даскалот е префрлен во селото Лавци, во куќата на Менка Бавтирова. Во тоа време Лавци важело за едно од најорганизираните села.[1]

Обид за формирање на првиот партизански одред[уреди | уреди извор]

По посетата на Битола од страна на Лазар Колишевски во септември 1941 година и неговата средба со Стив Наумов, било решено дека треба да се отпочне со оружен отпор против окупаторот, а со таа цел и да се исфрлат и партизански одреди. По оваа средба, Стив го посетил Таки во Лавци и му ја објаснил важноста од формирањето на одредот. Било решено Одредот да се формира на 19 октомври 1941 година. Стив ја одредил оваа дата бидејќи знаел дека бугарските сили ќе организираат помпезен пречек на германски претставници во градот, на што сметал дека сето внимание ќе го насочат кон тој пречек, а тие да ги префрлат борците од градот во планината над селото Лавци. Со сведоштвото на Панде Ташковски, се дознава дека откако заминале во планина тие биле вооружени и воено организизрани, организирајќи место за престој и стражарски смени. Откако по цели три дена, престојувајќи во шумата, сè уште не успеале да им се приклучат борците од Битола, тие решиле да се вратат повторно во Лавци, каде останал до крајот на ноември 1941 година, по што се вратил во Битола. Така пропаднал планот за формирањето на првиот битолски одред. Тој повторно бил принуден да се врати во Лавци во периодот јануари-февруари 1942, каде стапил во контакт со прилепските партизани.[1]

Формирањето на Првиот битолски партизански одред „Пелистер"[уреди | уреди извор]

Некое време пред формирањето на НОПО „Пелистер", тој илегално престојувал во куќата на Љубица и Мусто Јосифовски, каде се одржувала обука за ракување со оружје. Нив ги одржувал Орде Чопела. Пред да се оформи овој одред била извршена реорганизација на Месниот комитет и на Воениот штаб во состав: Љупчо Арсов (политички комесар), Стив Наумов (заменик на политичкиот комесар), Кочо Лазаревски (командант) и Ордан Чопела (воен инструктор). Биле оформени пет воени групи со вкупно 27 членови, меѓу кои и Таки Даскалот.[1] Активно учествува во формирањето на Првиот битолски партизански одред „Пелистер", a по неговото формирање е назначен за политички комесар.[1]

Смртта на Таки Даскалот[уреди | уреди извор]

Спомен плоча на местото каде што е разбиен Битолскиот партизански одред „Пелистер“

Иако формирањето на одредот се чувал тајност, бугарскиот окупатор дознал за нивното движење, кое им го соопштил локалниот кмет. Одредот планирал да го обележи празникот Први мај о побогата и празнична храна. Истиот ден околу 10 часот командантот на одредот Ѓорѓи Наумов, заедно со борците Никола Георгиевски - Никлецо и Стево Трајковски - Тефико ја обиколувале стражата при што наишле на бугарска воена единица во Брусник и ги уапсила. На 3 мај 1942 година, бугарскиот генерал Иван Маринов раководел со акцијата за уништување на овој одред, по што испратил 2000 војници, поделени во четири колони. Првата колона поминала низ селото Брусник, втората низ селото Лавци, третата јужно од Смолево, а четвртта поминала низ селата Буково и Ореово и навлегла во планината. Неговиот партизански одред бил опколен над селото Ореово од фашистичкиот непријател. Лазо Хаџи Поповски, ги забележал непријателските позиции, по што ги известил борците, кои решиле да не се предадат и со борба да пробаат да го пробијат обрачот. Започнала нерамна борба меѓу петнаесеттина слабо вооружени партизани и повеќеилјадна добро вооружена бугарска војска. Оваа борба траела сè до попладневните часови (околу 16:00 часот). Бидејќи имало магла и паѓал дожд борците во две групи решиле да се пробијат при шти групата на Таки Даскалот загинала.[1] Во битката, покрај Таки Даскало загинале и Јоска Јорданоски-Сандански, Ордан Михајлоски, Елпида Караманди, Мара Јосифовска и Димче Хаџипоповски).[4][5] Во сеќавањата на Киро Крстески-Платник се среќава податок дека Таки Даскалот всушност бил тешко ранет, а потоа ѕверски дотепан со кундаци од бугарските окупаторски војници.[1]

По неговата смрт[уреди | уреди извор]

Пренесување и погреб на посмртните останки на Димитар Николовски и неговите соборци. Битола, 1948 година.
Калиопа Николовска, на гробот на нејзиниот син Димитар Николовски.

Пренос на посмртните останки[уреди | уреди извор]

Гробот на Димитар Николовски и другите загинати партизани не бил пронајден. По ослободувањето, откако е извршено судењето на непријателските злосторници, по сведочењето на злогласниот бугарски началник Асен Николов, нивните тела биле пронајдени над Довлеџик, каде биле фрлени во заедничка дупка и нечовечки закопани. Во 1948 година, народнта власт ги открила нивните помсртни останки и истите биле пренесени на Буковските гробишта во Битола, каде им бил приреден достоен закоп, во присуство на роднини, соборци и граѓаните на Битола.[1]

Роднини и пријатели од Битола, на погребот на Димитар Николовски и 5-те пријaтели и соборци, убиени од бугарските фашисти. Нивните посмртни остатоци, биле пронајдени и пренесени на гробиштата во Битола во 1948 година

Во негова чест[уреди | уреди извор]

Биста на Димитар Николовски (Таки Даскалот) во паркот во Битола.

Димитар Николовски – Таки Даскало е опеан во познатата народна песна „Таму ле, мајко, близу Битола“, напишана од Ајри Демировски (1950).[6][7] Иако во самата песна постојат стихови кои наведуваат дека Таки се самоубил со бомба - тоа не е историска вистина, туку начин на авторот на песната симболично да ја воздигне херојската смрт на Таки. Во негова чест, едно средно училиште во Битола го носи неговото име. На кејот покрај реката Драгор крај старите касарни, кон старата гимназија (во која и тој се школувал), поставен е споменик-биста со неговиот лик.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 Кушевски, Воислав Д.; Наумоски, Светозар (1998). Димитар Николовски - Таки Даскалот (1921-1942). Скопје: ИНИ. ISBN 9989-624-38-0.
  2. Ристовски, Блаже (2009). Македонска енциклопедија. Скопје: МАНУ. стр. 1052. ISBN 978-608-203-023-4. OCLC 499142958.
  3. 3,0 3,1 Кушевски, Воислав Д. (1984). Историја 20.1 (1984): Димитар Николовски – Таки Даскалот како ученик на Скопската учителска школа. Скопје: ИНИ. стр. 267.
  4. Владо Стрезовски, Ѓорѓи Димовски-Ласков, „7. македонска бригада и 49. дивизија на НОВJ“, Битола, 1987, 21-22 стр.
  5. „Битолските народноослободителни партизански одреди“, Битола, 1982.
  6. „Таму ле мајко близу Битола“, текст и музика
  7. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 134-135.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]