Прејди на содржината

Тоа: Второ поглавје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тоа: Второ поглавје
{}
Плакатот на македонски јазик
РежисерЕнди Мускети
ПродуцентБарбара Мускети
Ден Лин
Рој Ли
СценаристГери Доберман
Заснован нароманот Тоа од Стивен Кинг
Главни улогиЏејмс Макавој
Џесика Частејн
Бил Хејдер
Џеј Рајан
Исаија Мустафа
Џејмс Ренсон
Енди Бин
Бил Скарсгорд
МузикаБенџамин Волфиш
КинематографијаЧеко Варезе
МонтажаЏејсон Балантин
Студио
ДистрибутерWarner Bros. Pictures
Премиера26 август 2019 г. (театар Regency Village)
6 септември 2019 г. (САД)
5 септември 2019 г. (Македонија)
Времетраење169 минути[1]
Земја САД
Јазик
Буџет79 милиони долари
Бруто-заработка473,1 милиони долари
ПретходенТоа

Тоа: Второ поглавје (англиски: It Chapter Two) — американски натприроден филм на ужасите од 2019 г., продолжение на филмот „Тоа“ (2017). Филмот е заснован на истоимениот роман на Стивен Кинг од 1986 г. Режисер е Енди Мускети, а автор на сценариото е Гери Доберман. Во филмот глумат Џесика Частејн, Џејмс Макавој, Бил Хејдер, Исаија Мустафа, Џеј Рајан, Џејмс Рансон, Енди Бин и Бил Скарсгорд.

Дејството се одвива во 2016 г., 27 години по настаните опишани во првиот филм. Во центарот на вниманието на вториот дел се меѓусебните односи на „Клубот на губитниците“, кој повторно се обединува за еднаш засекогаш да го уништи Тоа.

Информацијата дека „Тоа“ ќе добие продолжение била објавена уште во февруари 2016 г. Во септември 2017 г., компанијата New Line Cinema објавила дека продолжението ќе излегло во септември 2019 г. Доберман го напишал сценариото, а Мускети се вратил на режисерската улога. Снимањето се одвивало од јуни до ноември 2018 г. во студијата Pinewood Toronto Studios, Ошава и Торонто; буџетот изнесувал 79 милиони американски долари.

Премиерата на „Тоа: Второ поглавје“ се одржала на 26 август 2019 г. во театарот Regency Village во Лос Анџелес. Во киносалите во САД филмот излегол на 6 септември, а во Македонија на 5 септември истата година. Филмот добил мешани одзиви од кинокритичарите: потврдно биле оценети глумечката игра (особено на Хејдер и Скарсгорд), музиката и верноста кон романот, додека одречно биле оценети хронометражата и помалку застрашувачката атмосфера отколку во првиот дел. „Тоа: Второ поглавје“ постигнал голем трговски успех, собирајќи над 473 милиони американски долари ширум светот, со буџет од 79 милиони долари.

Во 2025 г., била објавена серијата „Тоа: Добре дојдовте во Дери“ — предисторија на дилогијата „Тоа“.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Во 2016 г., 27 години по настаните од првиот дел, во градот Дери (сојузна држава Мејн), доцна вечерта во паркот на забава, на фестивалот „Денови на Канал“, еден геј-пар — Адријан Мелон и неговиот партнер Дон Хагарти — наидуваат на банда хомофоби. Парот е жестоко претепан, а Адријан е фрлен од мост во реката. Хагарти, кој се спушта кон брегот, гледа како од спротивниот брег еден кловн го извлекува Адријан од водата, а потоа го убива, искорнувајќи му го срцето со забите. Истовремено, илјадници црвени балони ненадејно се појавуваат и летаат по ноќното небо.

Мајк Хенлон, седејќи во книжницата, дознава за настанот преку радио и веднаш се упатува кон местото на злосторството. Додека го прегледува местото на убиството, тој забележува дел од гума од црвен балон на една грмушка и натпис напишан со крв на потпората на мостот: „Вратете се дома“. Сфаќајќи дека „Тоа“, злобното суштество познато и како кловнот Пенивајз, се вратило, Мајк им се јавува на другите членови на „Клубот на губитниците“ — Бил Денбро, Бен Ханском, Беверли Марш, Ричи Тозиер, Еди Каспбрак и Стен Урис — и ги замолува да се вратат во Дери. Неговите другари одамна се иселиле од Дери и живеат сопствен живот: Бил станал писател и сценарист, Еди работи како менаџер за ризици и се оженил со жена што по карактер е идентична на неговата мајка, Ричи е водител на комична емисија, Бен е успешен архитект, Беверли е модна дизајнерка омажена за маж што е суров како и нејзиниот татко, а Стенли е стопанственик. Сите „губитници“ веќе го заборавиле своето детство и се вознемирени од повиците, но се согласуваат да се вратат, освен Стен, кој поради детските стравови од дамнешниот кошмар, извршува самоубиство.

Останатите членови се среќаваат во кинески ресторан, каде што на почетокот се забавуваат и се сеќаваат на минатото. Идиличноста ја прекинува Мајк со приказна за серијата убиства што се случиле неколку дена претходно. Во тој миг, „Тоа“ почнува да ги мачи со халуцинации и со сцена од самоубиството на Стен. Скоро сите се подготвуваат да заминат, освен Бил, кого Мајк го убедува да остане и да го сослуша.

Следат ретроспективи за тоа како Хенри Бауерс преживеал по падот во бунарот и се вратил дома, каде што го чекала толпа полицајци што го изнесувале телото на неговиот мртов татко. Гледајќи го Бауерс Помладиот како се враќа дома, полицајците го апсат за убиството на Оскар Бауерс. Во сегашноста, додека е во психијатриска болница, Хенри гледа црвен балон, ист каков што видел пред 27 години, по што добива хистеричен напад. Го испраќаат во соба, каде што под креветот излегува полураспаднато суштество, во кое Бауерс го препознава својот стар другар — Патрик Хокстетер. Мртовецот му го враќа ножот на Хенри. Ноќта, откако ги убива болничарите, Хенри бега од клиниката и заминува со Пенивајз назад во Дери.

Во меѓувреме, Мајк го носи Бил во книжницата и му раскажува за средбата со едно индијанско племе што некогаш живеело во Дери. Според нивните преданија, „Тоа“ паднало од вселената во Дери пред милиони години, а ритуалот „Чудо“ може да го уништи засекогаш. Останатиот дел од друштвото ги собира работите во хотелот. Бен знае дека Беверли нешто крие и ја моли да му каже. Девојката признава дека видела како умрел Стенли и како во иднина ќе умрат и другите ако овој пат не го сопрат „Тоа“. Со голема неволност, „губитниците“ сепак остануваат во Дери и почнуваат да го подготвуваат ритуалот. За да успее ритуалот, секој од „губитниците“ мора да има артефакт од своето минато за да го стави во парче древна керамика.

Беверли оди во својата стара куќа, каде што сега живее една постара жена, г-ѓа Керш, и наоѓа љубовно писмо напишано од Бен, иако таа сѐ уште мисли дека го напишал Бил. Нападната е од Пенивајз, кој најпрво го добива обликот на старицата, а потоа на таткото на Беверли. Таа успева да се спаси од куќата, која се покажува дека е одамна напуштена. Ричи талка низ градот и доаѓа во напуштеното кино „Капитолиј“, каде што како дете го поминувал целото слободно време на аркадните автомати. Ричи таму наоѓа жетон за играчки автомати, кој го оставил уште во детството. Бен оди во средното училиште и исто така се соочува со кловнот, кој го мачи со неговите стари кошмари. Бил оди до својата стара куќа и во одводот за дождовна вода, каде што бил убиен Џорџи, го наоѓа своето хартиено бротче. Потоа го среќава момчето Дин, кое живее во куќата на Бил. Детето се жали дека често слуша гласови од одводот во бањата. Бил го советува момчето и неговото семејство да се иселат од градот. Во меѓувреме, Еди оди во месната аптека и нарачува инхалатор. Тој веќе се спремал да си замине кога наеднаш ги слуша криците на својата мајка. Каспбрак се спушта во подрумот, каде што го напаѓа еден лепрозен и го валка од глава до пети.

Бил во хотелот гледа скејтборд, ист како тој на Дин, со порака од „Тоа“, од која произлегува дека Пенивајз има намера да го убие момчето. Бил трча во забавниот парк, каде што момчето токму се спремал да оди. Сите се ужасно исплашени поради средбите со кловнот, и Ричи одлучува да си замине. Еди оди во бањата да ја измие кожата од нечистотијата на лепрозниот; таму го напаѓа Хенри Бауерс и го ранува со нож во образот. Потоа Хенри оди во книжницата и го напаѓа Мајк, но е убиен од Ричи што навреме пристигнува. Бил, во меѓувреме, трча низ забавниот парк, обидувајќи се да го предупреди Дин, но доцни, и Пенивајз го јаде момчето. Потресен, Бил се враќа во куќата на Нејболт стрит за да го убие „Тоа“. Останатите „губитници“ одат по него.

Влегувајќи во куќата, секој од нив повторно се соочува со своите веќе возрасни кошмари. Другарите се спуштаат во пештерата под канализацијата и го започнуваат ритуалот до остатоците од метеоритот, што го донел „Тоа“ на Земјата. Ритуалот ги вовлекува Мртвите огнени светла — вистинскиот облик на „Тоа“ — во сад, но потоа „Тоа“ излегува оттаму во вид црвен воздушен балон. Предметот пука од острите рабови на метеоритот, и суштеството се појавува во облик на хибрид од кловнот Пенивајз и џиновски пајак. Суштеството го поттикнува Мајк да им ја раскаже целата приказна на „губитниците“: индијанските шамани, откако почувствувале страв од Пенивајз, биле убиени за време на ритуалот. „Тоа“ ги напаѓа „губитниците“ и ги става Бил, Бен и Беверли во индивидуални стапици, од кои тие се ослободуваат: Бил се ослободува од чувството на вина за смртта на неговиот помлад брат Џорџи, а Беверли сфаќа дека Бен е тој што ѝ го напишал љубовното писмо пред 27 години. Мајк му се спротивставува на Пенивајз, кој за малку ќе го изеде, но Ричи успева да го одвлече неговото внимание, при што паѓа во неговите Мртви огнени светла. Еди го спасува Ричи, но Пенивајз ненадејно го прободува Каспбрак со една од своите канџи. „Губитниците“ трчаат кај Еди, кој им кажува како успеал да го натера „Тоа“ да се почувствува слабо. Вдахновените „губитници“ почнуваат да го исмејуваат „Тоа“, навредувајќи го и понижувајќи го, поради што суштеството буквално се намалува во големина и слабее. Мајк му го искорнува срцето на „Тоа“, кое тој и другите „губитници“ го згмечуваат со голи раце, со што конечно го убиваат Пенивајз. Ричи и останатите трчаат кај Еди, но откриваат дека тој починал од здобиените повреди. „Губитниците“ истрчуваат од куќата, која се распаѓа заедно со дувлото на Пенивајз.

Преживеаните „губитници“ се враќаат на каменоломот, каде што некогаш пливале заедно. Беверли го бакнува Бен, и тие подоцна започнуваат врска. Ричи се враќа на мостот, каде што некогаш ги имал изгравирано своите иницијали, и го гравира името на друга личност, а тоа е Еди. Мајк одлучува да се пресели од Дери во Флорида за да започне нов живот. Сите „губитници“ добиваат посмртно писмо од Стен, во кое тој објаснува дека се сметал себеси за пречка и дека неговите пријатели би можеле да го победат „Тоа“ ако биле без него.

Глумец Улога
Џејмс Макавој / Џејден ЛајберхерВилијам „Бил” Денбро
Џесика Частејн / Софија ЛилисБеверли Марш
Џеј Рајан / Џереми Реј ТејлорБенџамин „Бен” Ханском
Бил Хејдер / Фин ВулфхардРичард „Ричи” Тозиер
Исаија Мустафа / Чузен ЏејкобсМајкл „Мајк” Хенлон
Џејмс Ренсон / Џек Дилан ГрејзерЕдвард „Еди” Каспбрак
Енди Бин / Вајат ОлефСтенли „Стен” Урис
Бил СкарсгордТоа / Пенивајз
  1. „It Chapter Two (15)“. Британски одбор за филмска класификација. 15 август 2019. Архивирано од изворникот на 15 август 2019. Посетено на 3 септември 2019.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]