Теса од семејството д'Урбервил
„Теса од семејството д’Урбервил: чиста жена“ (англиски: Tess of the d’Urbervilles: A pure woman) — роман на англискиот писател Томас Харди, првобитно објавен во 1891 година.
Содржина
[уреди | уреди извор]
Девојка (I-XI глава)
[уреди | уреди извор]Во селото Марлот, сместено во долината Блекмор, живее сиромашното семејство на Џон и Џоан Дарбифилд. Еднаш, Џон случајно дознава од месниот свештеник дека е потомок на старото витешко семејство д’Урбервил по потекло од Нормандија. Охрабрен од сознанието за неговата стара и угледна лоза, тој порачува кочија со која пристига во селото, каде се одржува свеченоста по повод почетокот на мај во која учествуваат само жени и девојки, меѓу кои и неговата убава ќерка Теса. Тука случајно минуваат тројца браќа од високото општество при што најмладиот од нив, Ејнџел (Ангел), застанува накратко да поигра со девојките и на заминување ја забележува Теса. Истата ноќ, додека Теса и нејзиниот брат патуваат кон блискиот град, поради нејзината негрижа умира коњот, што предизвикува голема загуба за семејството. Чувствувајќи се одговорна за неприликите во кои запаѓа семејството, Теса го прифаќа предлогот на мајка ѝ да ѝ се претстави на богатата госпоѓа Стоук-д’Урбервил, која живее во околината. Всушност, семејството Стоук-д’Урбервил не е во никаква роднинска врска со семејството Дарбифилд и воопшто не потекнува од старото семејство д’Урбервил, туку само го присвоило тоа презиме. Така, Теса се запознава со Александар (Алек) Стоук-д’Урбервил и веднаш го привлекува неговото внимание. Со намера да заработи доволно пари за да купи нов коњ, Теса прифаќа да работи на имотот на Стоук-д’Урбервил, каде се грижи за живината. По некое време, една ноќ, додека Теса се враќа од саемот во блискиот град во придружба на Алек и тогаш ја губи невиноста.[1]
Не е повеќе девојка (XII-XV глава)
[уреди | уреди извор]Неколку недели по тој настан, а четири месеци по доаѓањето на имотот на госпоѓата Стоук-д’Урбервил, Теса се враќа во родната куќа, разочарана од нечесните постапки на Алек кого повеќе не може да го поднесе. Во Марлот, селаните ја озборуваат и таа речиси не излегува од куќата, западната во самообвинување за направениот грев. По некое време, Теса раѓа бебе, кое набргу заболува. Непосредно пред да умре, Теса сама го кршетва бебето во својот дом, а ноќта го закопува на селските гробишта.[2]
Закрепнување (XVI-XXIV глава)
[уреди | уреди извор]Решена да започне нов живот, две-три години подоцна, Теса го напушта родното село и наоѓа работа во една млекарница во околината, каде го среќава Ејнџел (сега, на 26-годишна возраст), најмладиот син на свештеникот Џејмс Клер, кој одлучил да не студира, туку да се посвети на изучување на земјоделството и сточарството со намера да основа свое стопанство. Така, тој работи веќе шест месеци во млекарницата, каде ги изучува практичните вештини. Ејнџел и Теса се зближуваат и меѓу нив се раѓа заемна привлечност, иако и три други млекарки (Из, Рети и Мериен) се вљубени во него. Со текот на времето, Ејнџел и Теса за заљубуваат еден во друг и, еден ден, тој отворено ѝ кажува дека ја сака.[3]
Последица (XXV-XXXIV глава)
[уреди | уреди извор]Еден ден, Ејнџел ненајавено заминува во родната куќа, каде ги запознава родителите со својата намера да се ожени со Теса. По враќањето во млекарницата, тој ја бара Теса за жена, но таа го одбива. Сепак, водена од љубовта кон него, по неколку месеци, Теса ја прифаќа понудата за брак, но нема храброст да му каже за своето минато, иако се кае поради премолчувањето на тајната. Конечно, на крајот од годината се одржува нивната скромна венчавка на која не присуствуваат нивните семејства. Непосредно пред венчавката, Теса му пишува писмо на Ејнџел во кое му го открива своето минато, но откако забележува дека тој не го добил писмото, таа го уништува. Веднаш по венчавката, брачниот пар ја напушта млекарницата, а на предлог на Теса, Ејнџел ги бакнува нејзините три другарки. Кога Теса и Ејнџел си заминуваат, еден бел петел трипати кукурика напладне, што сите го толкуваат како лош знак. Младенците заминуваат на еден имот во блиското место кој во минатото му припаѓал на семејството д’Урбервил. Таму, тие добиваат писмо од татко му на Ејнџел, заедно со накит како свадбен поклон за Теса. Вечерта, тие дознаваат за немилите случки по нивното заминување од млекарницата — Мериен се опијанила, а Рети се обидела да се удави. Тогаш, Ејнџел ѝ признава на Теса за својата кратка љубовна врска со една жена за време на неговиот престој во Лондон, а таа, пак, му раскажува за сите настани поврзани со нејзината врска со Алек д’Урбервил.[4]
Жената плаќа (XXV-XLIV глава)
[уреди | уреди извор]Чувствувајќи се измамен, Ејнџел веднаш се оттуѓува од Теса и во следните неколку дена неговите односи кон неа се студени и воздржани. Иако Теса му ја докажува својата голема љубов, тој одбива да ѝ прости и одлучува дека треба да се разделат. Ноќта пред разделбата, Ејнџел месечари и ја зема Теса в прегратка, сметајќи ја за мртва, така ја носи до блиската разурната црква и таму ја положува во празен ковчег од камен. Потоа, Теса го зема за рака и го враќа назад во куќата во која престојуваат, а утредента Ејнџел не се сеќава на ништо. Тогаш, тие се разделуваат, а Теса се враќа во родната куќа, додека Ејнџел ги посетува родителите за да им ја соопшти намерата да замине во Бразил, но ја премолчува разделбата со Теса. Истио ден, тој ја среќава Из, која му признава дека го сака. Тој ја кани да му се придружи во Бразил, но кога таа му кажува колку многу го сака Теса, тој ја повлекува поканата и неколку дена подоцна заминува на пат. Осум месеци подоцна, Теса работи на различни фарми, живеејќи многу сиромашно. Кога пристига зимата, таа се облекува во стара облека и се нагрдува за да не го привлекува вниманието на мажите и се вработува на фармата на суровиот сопственик Гроби — човекот кој двапати во минатото ја навредил. Таму, таа ја среќава Мериен и од неа дознава дека Ејнџел ја поканил из да живее со него во Бразил. Исцрпена од сиромаштијата и од напорната работа и без никакви вести од Ејџел, еден ден, очајната Теса одлучува ги посети неговите родители. Таму, случајно налетува на неговите браќа и, немајќи храброст да се соочи со родителите на Ејнџел, таа пак се враќа назад. На патот кон фармата, Теса здогледува еден проповедник — тоа е Алек д’Урбервил.[5]
Преобратениот (XLV-LII глава)
[уреди | уреди извор]Забележувајќи ја Теса, Алек тргнува по неа и ѝ раскажува за својата преобразба во религиозен човек, под влијание на свештеникот Клер. Дознавајќи за несреќната судбина на Теса и за нивното мртво бебе, кај Алек повторно се буди страста кон неа и неколкупати ја посетува на фармата, барајќи ја за жена, а во меѓувреме се откажува од проповедањето. Теса дознава дека е волна мајка ѝ поради тоа се враќа дома. Мајка ѝ набргу оздравува, но затоа, пак, умира татко ѝ, а семејството е принудено да ја напушти куќата. Тогаш, повторно се појавува Алек, кој им нуди сместување и помош, но Теса го одбива. За време на преселбата до блискиот град, Теса ги среќава Из и Мериен, кои, еден месец подоцна, му испраќаат писмо на Ејнџел, молејќи го да се врати и да ѝ помогне на Теса.[6]
Извршување (LII-LIX глава)
[уреди | уреди извор]Ејнџел се враќа дома, видно ослабен како последица на болеста. Тој ги чита писмата на Теса и тргнува да ја бара, а во меѓувреме дознава за нејзиниот тежок живот за време на неговото отсуство. Тој ја пронаоѓа Џоан Дурбифилд и од неа дознава дека Теса се наоѓа во еден приморски град. Ејџел веднаш се упатува таму и ја пронаоѓа Теса во една вила. Од неа дознава дека, иако воопшто не го сака, таа прифатила да живее со Алек, зашто тој се грижи за нејзиното семејство. Ејнџел заминува далбоко разочаран, а Теса, која се кае за својата постапка, го убива Алек со нож и ја напушта вилата. Набргу, сопственичката на вилата го пронаоѓа мртвото тело на Алек и низ градот се раширува веста за убиството. Теса го среќава Ејнџел во оклината на градот и му кажува за убиството при што двајцата си ја искажуваат меѓусебната љубов. Тие решаваат да побегнат заедно и се сместуваат во една куќа во која минуваат неколку дена, а потоа го продолжуваат бегството кон север. Ноќта, пристигаат во Стоунхенџ, каде Теса, која е свесна за својата неизбежна судбина, го замолува Ејнџел да се ожени со сестра ѝ Лиза-Лу. Подоцна, Теса заспива на еден камен, а изутрината, додека ја осветлуваат првите сончеви зраци, местото го опколува полицијата. Романот завршува со сцената во која Ејнџел и Лиза-Лу шетаат заедно во близината на градот Винчестер, во областа Весекс. Кога на јарболот на една зграда се појавува црно знаме, кое го означува погубувањето на Теса, Ејнџел и Лиза-Лу клекнуваат за да се помолат, а потоа, фатени за раце, продолжуваат понатаму.[7]
За делото
[уреди | уреди извор]Во предговорот на првото издание, напишан во ноември 1891 година, Харди соопштува дека поголемиот дел од романот бил објавен во весникот „График“ (англиски: Graphic), додека другите глави (претежно наменети за повозрасните читатели), биле објавени во „Фортнајтли ривју“ (Fortnightly Review) и во „Нешенел обзервер“ (National Observer), како епизодни скици. Во ноември 1891 година, романот бил испечатен во три дела, а две години подоцна бил објавен како една книга. Во предговорот, авторот ја искажува својата искрена намера да даде уметнички облик на вистинските настани. Во предговорот кон петтото издание, напишан во јули 1892 година, Харди им се заблагодарува на англиските и на американските читатели за разбирањето што го покажале кон главниот лик во книгата, наспроти тогашното конвенционално мислење. Притоа, тој им одговара на забелешките на некои критичари во однос на употребата на некои вулгарни изрази и за непристојните зборови против боговите и го објаснува поднасловот „Чиста жена“. Понатаму, во предговорот на изданието од 1895 година, Харди објаснува дека описите на пејзажите се изведени според вистинските предели во Англија при што неки се дадени со вистинските имиња (долината Блекмур, Хамблдон Хил, Булбароу, Догбери Хил, Хај-СтоуБаб-Даин Хил, Крос-ин-Хенд, Лонг-Еш Лејн, Стоунхенџ итн.), додека други се наведени со измислени имиња (Шастон, Кастербриџ, Мелчестер итн.). Најпосле, во предговорот кон изданието од 1912 година, авторот наведува дека тоа содржи неколку страници од десеттата глава кои ги немало во претходните изданија (иако биле застапени во оригиналниот ракопис), а превидот настанал така што првото издание било засновано на раштрканите делови објавени во списанијата. Исто така, тој објаснува дека поднасловот го додал во последен миг, откако ги прочитал конечните отисоци, и тоа како искрена оцена на карактерот на главниот лик.[8]
„Теса од семејството д’Урбервил“ се смета за најзрелиот и најдобриот роман на Харди, како и еден од најдобрите романи во англиската книжевност. Со начинот, методот и силата на уметничкиот опис на средината и околностите во кои расте и живее Теса, авторот посочува дека викторијанско општеството е виновник за нејзината несреќан судбина. Оттука, воопшто не зачудува тоа што авторот се нашол на ударот на тогашната англиска јавност, која го обвинила „дека ги гази моралните принципи“ и „дека ги навредува светоста на семејството, црквата и на самиот себе“.[9]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 7-79.
- ↑ Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 80-106.
- ↑ Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 107-158.
- ↑ Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 159-233.
- ↑ Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 234-312.
- ↑ Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 313-375.
- ↑ Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 376-408.
- ↑ Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 409-412.
- ↑ N. S., „Napomena o Thomasu Hardyju“, во: Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 415.