Прејди на содржината

Теорија на компаративни предности

Од Википедија — слободната енциклопедија

Теоријата на компаративни предностиекономска теорија која објаснува зошто државите тргуваат меѓу себе. Таа потекнува од 19 век, а нејзиниот автор е британскиот економист Давид Рикардо. Според неа, ако секоја земја се специјализира во производството на оној производ во кое има компаративна предност во споредба со другите земји и тој производ го разменува со другите земји, тогаш се зголемува благосостојбата на сите земји вклучени во трговијата. Оваа теорија се темели врз претпоставките за слободна трговија и релативна немобилност на факторите на производството.[1]

Пример за компаративни предности

[уреди | уреди извор]

Теоријата на компаративните предности може да се разгледа со помош на следниов едноставен пример: Две земји, А и Б, произведуваат само храна и текстил при што тие не тргуваат меѓу себе, туку секоја земја самата си ги произведува двата производа. Секоја земја располага со по 60 милиони производни фактори при што 40 милиони се употребуваат во производството на храна, а 20 милиони во производството на текстил. Земјата А може да произведе пет килограми храна или три метри текстил со еден производен фактор. Земјата Б е подобра од земјата А во производството на двата производа, зашто таа може да произведе 15 килограми храна или пет метри текстил со еден производен фактор. Оттука, ако се ангажирани сите производни фактори, земјата А може да произведе 200 милиони килограми храна и 60 милиони метри текстил, додека земјата Б може вкупно да произведе 600 милиони килограми храна и 80 милиони метри текстил. Со други зборови, вкупното производство на двете земји изнесува 800 милиони килограми храна и 140 милиони метри текстил. Бидејќи земјите не тргуваат меѓу себе, вкупното производство истовремено ја покажува и вкупната потрошувачка во секоја земја.[1]

Производни фактори и обем на производство без меѓународна трговија[2]
описземја Аземја Бвкупно
Фактори во производството на храна40 мил.40 мил.
Фактори во производството на текстил20 мил.20 мил.
Производство на храна со еден производен фактор5 кг15 кг
Производство на текстил со еден производен фактор3 метри4 метри
Вкупно производство на храна200 мил. кг600 мил. кг800 мил. кг
Вкупно производство на текстил60 мил. метри80 мил. метри140 мил. метри
Потрошувачка на храна200 мил. кг600 мил. кг800 мил. кг
Потрошувачка на текстил60 мил. метри80 мил. метри140 мил. метри

Од табелата се гледа дека земјата Б е подобра (поефикасна) од земјата А во производството на двата производа, односно таа има апсолутни предности. Меѓутоа, може да се забележи дека во производството на храна, земјата Б е трипати поефикасна од земјата А, додека во производството на текстил таа е поефикасна само 1,33 пати. Тоа значи дека земјата Б е релативно поефикасна (има компаративна предност) во производството на храна, додека земјата А е релативно поефикасна (има компаративна предност) во производството на текстил. Оттука, оваа теорија тврди дека секоја земја треба да се специјализира и да го произведува само оној производ каде има компаративна предност. Во примерот, земјата А треба да се специјализира во производството на текстил, а земјата Б треба да се специјализира во производството на храна, зашто само така двете земји најефикасно ќе ги искористат своите производни фактори. Ваквата специјализација во производството значи дека земјата А ќе купува храна од земјата Б, која пак ќе купува текстил од земјата А. На пример, ако претпоставиме дека земјата А ќе префрли 20 милиони производни фактори од производството на храна во производството на текстил (каде има компаративна предност), додека земјата Б ќе префрли 10 милиони производни фактори од производството на текстил во производството на храна (каде има компаративна предност). Тоа ќе им овозможи на двете земји да го зголемат вкупното производство, а тоа значи да остварат поголема потрошувачка.[3]

Производни фактори и обем на производство со меѓународна трговија[2]
описземја Аземја Бвкупно
Фактори во производството на храна20 мил.50 мил.
Фактори во производството на текстил40 мил.10 мил.
Производство на храна со еден производен фактор5 кг15 кг
Производство на текстил со еден производен фактор3 метри4 метри
Вкупно производство на храна100 мил. кг750 мил. кг850 мил. кг
Вкупно производство на текстил120 мил. метри40 мил. метри160 мил. метри
Потрошувачка на храна225 мил. кг625 мил. кг850 мил. кг
Потрошувачка на текстил70 мил. метри90 мил. метри160 мил. метри

Табелата покажува дека по специјализацијата, земјата А двојно го зголемила производството на текстил (од 60 на 120 милиони метри), додека земјата Б го зголемила производството на храна од 600 на 750 милиони кг., односно вкупното производство на двете земји заедно се зголемило од 800 на 850 милиони кг храна и од 140 на 160 милиони метри текстил. Ако двете земји се договорат да тргуваат меѓу себе по цена од 2,5 кг храна за едне метар текстил, односно земјата А да ѝ продаде на земјата Б 50 милиони метри текстил за 125 милиони кг храна, тогаш со посредство на меѓународната трговија двете земји ќе остварат поголема потрошувачка.[4]

  1. 1 2 Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 28.
  2. 1 2 Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 29.
  3. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 28-29.
  4. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 29-30.