Теодосиј Зограф

Од Википедија — слободната енциклопедија
Теодосиј Зограф
Роден(а)1780-те
Велес, Османлиска империја
Починал(а)19-ти век
Значајни делаПојавата на новото чудо на Пресвета Богородица

Теодосиј Зограф — македонски зограф од Велес. Точниот датум на неговото раѓање не е познат, но имајќи го предвид фактот дека во 1813 година тој се појавува како наполно афирмиран уметник кој го работи живописот во црквата Успение на Богородица во Ново Село, се претпоставува дека е роден во 1780-те години.[1] Неговата слика Појавата на новото чудо на Пресвета Богородица од 1813 (или 1828) година се смета за предвесник на македонското профано сликарство.

Дела[уреди | уреди извор]

Појавата на новото чудо на Пресвета Бодородица[уреди | уреди извор]

Појавата на новото чудо на Пресвета Богородица, 1813 (или 1828)

Сликата е направена во 1813 година, а според други настанот прикажан на сликата е од 1813 година, а самата слика од 1828 година.

На сликата со текст е запишана идејата за сликата, кој транскрибиран на современ јазик, гласи:

Појавата на новото чудо на пресвета Богородица, која е брза помошница. Јас грешен Теодосиј, зограф на оваа слика, во лето од Христа 1813. Во тоа време работев во црквата новоселска и имав дом во Велес и едно дете, ова што лежи, по име Илија. Ми беше болно. Пратив по него и мајка му го донесе за да го лекуваме. И никаков лек не помогна. И дојде време детето да умре и мајка му го донесе пред црковната врата и зеде да плаче и јас ѝ реков: жено како што Богородица го избавила царот од морето, таа може и нам да ни помогне. И се поклонивме, о чудо, Пресветата го оживеа детето и (тоа) посака да јаде и потоа оздраве. Детето на возраст од 15 години дојде и се поклони во светиот храм.

Како што самиот зограф кажува, детето што лежи е неговиот син, Илија. Од левата страна на сликата се насликани зографот Теодосиј и неговата сопруга. На црковната фасада, е претставено чудото на Пресвета Богородица со царот кој се потопил во морето, што е предзнак за новото чудо. Од десната страна на сликата е прикажан израснатиот син, момче на 15 години, кој стои молитвено пред сликата на Богородица Одигитрија Брзопомошница. Детето држи голема свеќа и свиток на кој е запишано: И принесе слика за сведоштво. Станува збор за самата слика.

Други дела[уреди | уреди извор]

Томина недела, икона на Теодосиј Зограф (по атрибуција), ок. 1813, црква „Св. Никола“ - Штип

Викторија Поповска – Коробар, историчар на уметноста, успеала да идентификува други дела на Теодосиј Зограф. На иконите на Теодосиј се запазени одликите од неговата слика: хармонична композиција со лица што потсетуваат на семејни портрети. Без разлика на пол и возраст челата на лицата се високи, а нивен особен белег се ушите исцртани со двојна искривена линија, очите се бадемовидни со темен долен и посветол горен капак, правилен долг нос, кој секогаш надвиснува на една страна над малата полна уста, поставеноста на фигурата во просторот, гестовите и анатомските детали со тенденција кон грациозност.[2] Сигурна поткрепа за правилноста на атрибуцијата е една икона од Старата црква во Јагодина, која е потпишана „од раката на Теодосиј во 1824 г.“.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонско профано сликарство (XIX – почеток на XX век). Скопје: НУ Национална галерија на Македонија. 2013. ISBN 978-608-4693-30-7.
  2. 2,0 2,1 Popovska-Korobar, Viktorija (2019). „Searching for the Paintings by Theodosij of Veles from the Early Nineteenth Century“ (PDF). Маргиналия Marginalia. София: Институт за изследване на изкуствата, БАН: 410.