Теовски чинар
| Теовски чинар | |
|---|---|
| Теовски јавор | |
МСЗП — Категорија III (споменик на природата) | |
Поглед на чинарот на сретсело во Теово | |
| Место | Теово, Општина Чашка |
| Најблизок град | Велес |
| Координати | 41°34′42″N 21°34′19″E / 41.57833°N 21.57194°E |
| Ознака | природна реткост |
| Прогласено | 1983 |
Теовски чинар (сретнуван и како: Теовски јавор; Платаново стебло Platanus orientalis L.) — природна реткост во вид на чинар сместен на сретсело во азотското село Теово, пред влезот на главната селска црква „Св. Атанасиј“, Општина Чашка.[1]
Претходно бил заштитен како споменик на природата од 5 јули 1983 година.[2]
Местоположба
[уреди | уреди извор]Чинарот се наоѓа сретсело во азотското село Теово, до црквата „Св. Атанасиј“, на десетина метри од влезот во црквата во правец кон исток.[2]
Околу деблото на чинарот е направен шестоаголен заштитен камен ѕид со висина од 50 см и ширина од 60 см на кој се поставени дрвени решетки за седење. Целокупниот простор под платанот е поплочен со павер елементи (бекатон). Истиот на некои места под влијание на површинските корени почнува да се подига и изобличува. Заштитниот ѕид од западната страна е до самиот асфалтен пат кој води кон село Богомила. Во непосредна близина на чинарот е поставена мала чешма за потребите на месното население како и објекти за живеење (куќи).[2]
Чинарот за теовци претставува средиште на сите случувања. Под него, на местото на некогашниот бунар, се наоѓа фонтана. Местото под чинарот целото е поплочено и оградено. Навечер него го осветлуваат неколку електрични светилки. Тука за време на селските слави и собири, биле играни ора и била пеена македонската песна.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Службени податоци за староста на овој чинар не постојат.
Претпоставувано е дека чинарот е стар околу пет или шест века. Верувано е дека е посаден во XV век, односно во 1478 година.[4]
Никој точно не знае кој го насадил чинарот. Но, според кажувањата на мештаните, најверојатно го засадил некој од турските бегови, кој го донел од Грција. Турците знаеле дека чинарите се вековни растенија и го засадиле како симбол на вековната империја. Според други кажувања, фиданката е засадена од првиот доселеник во селото.[4]
За утврдување на староста (возраста) на чинарот, при изработката на „Елаборат за ревалоризација на Платаново стебло (Platanus orientalis L.) во с. Теово, општина Чашка“, во 2021 година, се користела методата на вадење извртоци од стеблото со Преслеров сврдел и броење на годовите, па староста е проценета на приближно 640 години.[2]
Природни особености и околина
[уреди | уреди извор]Од млада фиданка, од година на година, дрвото израснало во вистински џин. Мерењата покажуваат дека дебелината на чинарот изнесува десетина метри, а висок е околу 30 до 40 метри.[4]
Крошната на чинарот е широко заоблена, без врв, топчеста, со 12 големи гранки кои во основата се дебели од 40 до 60 см. Самото дрво е високо 20,5 м, стеблото е високо 1,65 м, а висината на крошната е 18,85 м. Обемот на крошната е 95,7 м, а ширината мерена кон:
- север 11,5 м,
- исток 18,0 м,
- југ 16,7 м, и
- запад 11,3 м.[2]
Во основа кореновиот врат на стеблото има обем од 9,74 м, пречник 3,1 м, а обемот на градна височина е 7,56 м, пречник 2,4 м. Стеблото е право и полнодрвно.
Кората по деблото е со сивопепелава до сивокафеава боја и е грубо испукана со неправилни многуаголни плочки (3x4 см). По гранките кората е мазна до панциресто испукана, шарена со сиво-сивозелена до жолтосива боја (маскирна).[2]
Галерија
[уреди | уреди извор]- Плоча под стариот чинар во селото
- Поглед на чинарот
- Поглед на чинарот
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Р Е Ш Е Н И Е ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ПЛАТАНОВО СТЕБЛО– ПЛАТАН ВО С. ТЕОВО, ОПШТИНА ЧАШКА ЗА ПРИРОДНА РЕТКОСТ“ (PDF). Службен весник на Македонија. 5 мај 2023. Посетено на 22 април 2026.
- 1 2 3 4 5 6 „Елаборат за ревалоризација на Платаново стебло (Platanus orientalis L.) во с. Теово, општина Чашка“ (PDF). Министерство за животна средина и просторно планирање. 2021. Архивирано од изворникот (PDF) на 2025-09-28. Посетено на 18 декември 2025.
- ↑ Вест Архивирано на 7 март 2016 г., Јавор џин шест века го плете животот во Теово
- 1 2 3 Чалоски, Томе (15 февруари 2005). „Како тргнало, тапаните повторно ќе бијат“. Вечер. Скопје: Вечер Прес. Посетено на 2 јуни 2016.[мртва врска]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Теовски чинар на Ризницата ?- „Стебла со историја – кои се најдревните старци меѓу дрвјата!?“, „Вечер“, 1.1.2026.
