Прејди на содржината

Темпера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Марија со Младенецот, Дучо, темпера со златна заднина на дрво, 1284 г., Сиена

Темпера,[1][2] исто така позната како јајчена темпера — трајно, брзосушно средство за бојадисување што се состои од обоени пигменти измешани со средство за врзување растворливо во вода, обично леплив материјал како жолчка од јајце (исто така гумиарабика, казеин, оцет). Зборот темпера се однесува и на техниката на сликање со темпера. Темперните слики се многу издржливи и сè уште има примери од I век од нашата ера. Таа сликарска техника преовладувала до пронаоѓањето на маслените бои во XVI век.

Историја

[уреди | уреди извор]
Двајца христијани пред судијата, 1367 година, темпера на дрво, Николо Семитеколо.

Сликање со темпера е пронајдено на украсите на раните египетски саркофази. Многу од портретите на Фајумските мумии користат темпера, понекогаш во комбинација со енкавстично сликарство со стопен восок, алтернативна сликарска техника во древниот свет. Се користел и за сликите на синагогата Дура-Европос од III век.

Слична техника била користена и во древните и раните средновековни слики пронајдени во неколку пештери и карпести храмови во Индија.[3] Висококвалитетната уметност со помош на темпера била создадена во пештерите Баг од крајот на 4 до 10 век. Исто така била создадена и во VII век во карпестото засолниште на Раван Чаја, Одиша.[4]

Уметничката техника била позната од класичниот свет, каде што се чини дека преземала од енкавстичкото сликарство и била главен медиум во таблосликарството и за илуминираните ракописи во византискиот свет и средновековната и раната ренесансна Европа. Темперното сликарство било примарен медиум за сликање на табли за речиси секој сликар во средновековниот и раното раздобје на ренесансата во Европа до 1500-тите. На пример, повеќето преживеани слики на панели кои му се припишуваат на Микеланџело се изработени во јајчена темпера, исклучок е неговиот Дони Тондо, кој користи и темперни и маслени бои.

Маслената боја која можеби потекнува од Авганистан во текот на 5 и 9 век[5] и дошла на запад во средниот век, на крајот заменувајќи ја температа. Маслото ја заменило температа како главен медиум за создавање уметност во 15 век во старохоландското сликарство во Северна Европа. Околу 1500 година, температа била заменета со маслена боја во Италија. Во 19 и 20 век, темперната техника повремено оживувала во западната уметност, меѓу прерафаелитите, соцреалисти и други. Темперното сликарство продолжува да се користи во Грција и Русија, каде што е традиционален медиум за православните икони.

Температа традиционално се добива со рачно мелење во прав на суви пигменти и нивно мешање со врзивно средство или медиум. Како врзивно средство може да бидат жолчка од јајце, млеко (во облик на казеин) и разни растителни врзива како гумиарабика.

Јајчена темпера

[уреди | уреди извор]

Најчестиот облик на класично сликање со темпера е „јајчената темпера“. За овој облик најчесто се користи само содржината на жолчката од јајцето. Белката и мембраната на жолчката се отстрануваат (мембраната на жолчката се закачува над садот и се дупнува за да течноста се исцеди во садот). Јајчената жолчка ретко се користи сама со пигмент, бидејќи се суши речиси веднаш и може да пукне кога се суши. Секогаш се додаваат неколку агенси во различни размери. Според еден рецепт се користи оцет, но само во мали количини. Неколку капки оцет ќе го одржат растворот една недела (1:3, 3 делови вода, 1 дел жолчка од јајце; други рецепти предлагаат бело вино (1 дел жолчка од јајце, 2 дела вино). Некои школи на јајчена темпера користат различни мешавини на жолчка и вода.

Пигментот во прав или пигментот што е сомелен во дестилирана вода се става на палета или посатка и се меша со приближно еднаква количина на врзивно средство. Некои пигменти бараат малку повеќе врзивно средство, некои помалку.

Кога се користи за сликање икони на ѕидови во црква, понекогаш во смесата се додава течно миро, што на бојата ѝ дава пријатен мирис. Смесата за боја мора постојано да се дотерува за да се одржува рамнотежа помеѓу „мрсна“ и „водена“ конзистентност со дотерување на количините на вода и на жолчка. Како што температа се суши, уметникот ќе додаде повеќе вода за да ја одржи конзистентноста и да го урамнотежи згуснувањето на жолчката кога е изложена на воздух. Откако бојата е подготвена, не може да се зачува. Јајчената темпера е водоотпорна, но не е водонепропусна. Различни препарати користат белка или цело јајце за различен учинок. Други додатоци како што се масло и восочни емулзии може да го променат медиумот. Јајчената темпера не е флексибилна боја и бара тврди штици, сликањето на платно предизвикува појава на пукнатини и паѓање на бојата.

Темпера граса

[уреди | уреди извор]

Со додавање масло во жолчката со јајце, во сооднос не повеќе од 1:1 по зафатнина, дава медиум растворлив во вода со многу од ефектите на бојата на маслената боја, иако не може да се бои на дебело.

Пигменти

[уреди | уреди извор]

Некои пигменти што ги користеле средновековните сликари, како што се цинабарит (содржи жива), аврипигмент (содржи арсен) или оловно бело (содржи олово), се многу отровни. Повеќето уметници денес користат современи синтетички пигменти кои се помалку отровни, но имаат слични својства на бојата со постарите пигменти. Сепак, многу (ако не и повеќето) современи пигменти се сè уште опасни ако не се преземат одредени мерки на претпазливост. Таква мерка е на пример одржување на пигментите во влажни складишта за да се спречи вдишување на нивната прашина.

Употреба

[уреди | уреди извор]

Бојата темпера брзо се суши. Најчесто се нанесува во тенки, полупроѕирни или проѕирни слоеви. Боењето овозможува голема прецизност кога се користи со традиционални техники кои бараат употреба на многу мали потези со четка. Кога ќе се исуши како краен резултат создава мазен мат. Бидејќи не може да се нанесе во дебели слоеви како што е случајот со маслената боја, сликите со темпера боја ретко ја имаат длабоката заситеност на боите што може да ја постигнат маслените слики бидејќи не можат да задржат повеќе пигмент. Во овој поглед, боите на нелакираните темперни слики наликуваат на пастели, но бојата се продлабочува ако над неа се нанесе лак. Од друга страна, темперните бои не се менуваат со текот на времето, додека маслените бои потемнуваат, пожолтуваат и стануваат проѕирни со текот на времето.

Пјетро Лоренцети, Полиптих во црквата во Арецо (Лоренцети), темпера и злато на панел, 1320 година

Температа најдобро се прилепува на подлога што впива, која има помала содржина на масло од употребеното врзивно средство за темпера (традиционалното правило е „масно над посно“ и никогаш обратно). Традиционално користена основа е нефлексибилен италијански гесо, а подлогата обично е исто така цврста. Во минатото, дрвените панели се користеле како подлога, но во поново време се користи некалиран масонит или лесонит со средна густина. Се користи и тешка хартија.

Готови бои

[уреди | уреди извор]

Покрај традиционалната постапка на мешање пигмент со жолчка од јајце, новите методи вклучуваат јајчена темпера, која се продава во туби од различни производители. Овие бои содржат мала количина на масло за поголема издржливост во садот. Марк Шагал нашироко ја користел јајчената темпера во туби на Сенелиер.

Уметници

[уреди | уреди извор]

Иако температа била малку користена во доцната ренесанса и барокот, таа повремено била повторно откриена од подоцнежните уметници како Вилијам Блејк, назаренците, прерафаелитите и Џозеф Саутал. Во 20-ти век дошло до битно оживување на употребата на температа. Европски сликари кои работеле со темпера биле Џорџо де Кирико, Ото Дикс, Елиот Хоџкин, Пајк Кох и Пјетро Анигони, кој користел емулзија од жолчки од јајца, масло и лак.

Шпанската надреалистичка сликарка Ремедиос Варо многу работела со јајчена темпера.

Во современата уметност

[уреди | уреди извор]

Други уметници кои работеле со темпера се: Филип Азиз, Ернст Фукс, Антонио Ројбал, Џорџ Хусар, Доналд Џексон, Тим Лоли, Алтон Султан, Шаул Шатс, Сандро Чиа, Алекс Колвил, Роберт Викреј, Ендрју Вајт, Ендрју Граси и Ганеш Пајн.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „темпера“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „темпера“Дигитален речник на македонскиот јазик
  3. „Ancient and medieval Indian cave paintings – Internet encyclopedia, Wondermondo, June 10, 2010“. Wondermondo.com. 2010-06-04. Посетено на 2012-07-29.
  4. „Ravan Chhaya rock shelter near Sitabinji, Wondermondo, May 23, 2010“. Wondermondo.com. 2010-05-23. Посетено на 2012-07-29.
  5. „World's oldest oil paintings in Afghanistan“. Reuters.com. 2008-04-22. Посетено на 2012-07-29.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Altoon Sultan, The Luminous Brush: Painting With Egg Tempera, Watson-Guptill Publications, New York 1999.
  • Richard J. Boyle, Richard Newman, Hilton Brown: Milk and Eggs: The American Revival of Tempera Painting, 1930-1950 Brandywine River Museum Staff, Akron Art Museum Staff ISBN 0295981903 (0-295-98190-3) Softcover, University of Washington Press
  • Lara Broecke,'Cennino Cennini's Il Libro dell'Arte: a New English Translation and Commentary with Italian Transcription', Archetype Publications 2015. ISBN 978-190-949-228-8
  • Daniel V. Thompson, Jr., Materials and Techniques of Medieval Painting, Dover: explanation and expansion on Cennini's works
  • Daniel V. Thompson, Jr. The Practice of Tempera Painting: Materials and Methods, Dover Publications, Inc. 1962..
  • Chifan C. Alexandru, " Symbol of hand in fine arts", Artes Publication 2013, Iaşi, Romania, ISBN 978-606-547-100-9

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]