Телохранител (филм од 1961)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Телохранител“ или „Јоџимбо“ (јапонски: 用心棒) — јапонски филм од 1961 година, во режија на Акира Куросава. Главните улоги ги толкуваат: Тоширо Мифуне, Тацуја Накадаи и Такаши Шимура, Сејзабуро Кавазу, Кју Сазанка, Јоко Цукаса, Исузу Јамада, Ејџиро Тоно. Во 1962 година е снимено продолжението на овој филм, со насловот „Санџуро“, а две години подоцна филмот го преработил италијанскиот режисер Серџо Леоне со насловот „За грст долари“.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејствието на филмот се одвива во втората половина на 19 век. Осамениот самурај-скитник Санџуро (го игра Мифуне) пристигнува во мало место и од меанџијата (го игра Тоно) дознава дека во градот владеат две злосторнички семејства: семејството Сејбеи кое тргува со свила и семејството Ушитору кое тргува со саке. Двете семејства се во постојан меѓусебен судир, а Санџуро смислува план како да ги ослободи жителите од теророт. Најпрвин, тој убива тројца луѓе на Ушитори, а потоа оди кај Сејбеи (го игра Кавазу), нудејќи му да му биде телохранител. Меѓутоа, тој ја слуша сопругата (ја игра Јамада) на Сејбеи, која предлага да го убијат отккао ќе го искористат, па непосредно пред битката со кланот на Ушитори, Санџуро дава отказ. Така, кланот на Сејбеи мора да се бори без помошта на Санџуро, но тогаш во градот пристига царскиот инспектор и двете семејства се принудени да склучат примирје. Сепак, Ушитори (го игра Сазанка) изнајмува луѓе кои го убиваат судијата во соседниот град, па инспекторот мора да си замине. Санџуро ги заробува убијците на судијата и му ги предава на Сејбеи, а Ушитори го заробува синот на Сејбеи. Двете семејства се договараат да ги разменат заробениците, но за време на размената, братот на Ушитори, Уносуке (го игра Накадаи), кој е единствениот во градот кој има револвер, ги убива двајцата заробеници на Сејбеи. Тогаш, Сејбеи ја покажува убавата жена Нуи (ја игра Цукаса) која порано ја грабнало семејството Ушитори. Санџуро прави пресврт и се вработува како телохранител на Ушитори, а во една прилика ја ослободува жената. Меѓутоа, брат му на Ушитори дознава за тоа и го заробува Санџуро кого луѓето на Ушитори сурово го измачуваат. Сепак, тој успева да избега со помош на меанџијата, а во меѓувреме, припадниците на кланот Ушитори ја палат куќата на Сејбеи и ги убиваат сите членови на неговото семејство. Откако закрепнува, Санџуро ги убива припадниците на кланот Ушитори.

Наводи[уреди | уреди извор]