Прејди на содржината

Тектоника на плочите

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Тектонска плоча)
Најважните Земјини литосферни плочи.

Тектониката на плочите е геолошка теорија која го објаснува поместувањето на Земјината кора од поголеми размери. Теоријата ја вклучува и воедно ја заменува постарата хипотеза за придвижување на континентите, која датира од првата половина на XX век. Концептот за ширење на морското дно (спрединг) е развиен во текот на 1960-тите. Надворешниот дел од Земјата се состои од два слоја: надворешен, кој се нарекува литосфера и ја опфаќа кората и крутиот горен дел од плаштот, додека под литосферата се наоѓа астеносферата. Иако е во крута состојба, астеносферата има релативно ниска вискозност, па затоа во временската геолошка скала може да се однесува и како течност. Под астеносферата се наоѓа покрутиот долен плашт, чија фазна состојба не е последица на ниските температури, туку на високиот притисок.

Литосферата е разделена на т.н. литосферни плочи (тектонски плочи). Постојат седум главни и неколку помали плочи. Литосферните плочи пловат на астеносферата. Постојат три типа на граници меѓу плочите: приближувачки (конвергентни) граници, раздвојувачки (дивергентни) граници и трансформни раседи. Земјотреси, вулканска активност, издигнување на планински ланци и обликување на океанските гребени се појави кои се забележуваат долж границите на плочите. Страничното поместување на плочите најчесто се одвива со брзина од 0,66 до 8,50 сантиметри годишно.

Основни принципи

[уреди | уреди извор]
Типови на граници меѓу литосферните плочи.

Поделбата на надворешните делови на Земјината внатрешност на литосфера и астеносфера е заснована на нивните механички разлики и начинот на пренесување на топлина. Литосферата е поладна и покрута, додека астеносферата е потопла и механички послаба. Исто така, литосферата губи топлина по пат на кондукција, а астеносферата ја пренесува топлината со струење и има речиси адијабатски температурен градиент. Оваа поделба не би требало да се меша со хемиската поделба на Земјата на јадро, плашт и кора. Литосферата се состои и од кора и од еден дел на плаштот. Одреден дел од плаштот може да припаѓа на литосферата, но и на астеносферата во различно време, зависно од температурата, притисокот и посмичната сила. Основниот принцип на тектониката на плочи се основа на тоа што литосферата постои во вид на одвоени и единствени плочи кои лебдат на вискоеластичната крута астеносфера. Поместувањето на плочите се одвива од прилика неколку милиметри годишно (брзина на растење на ноктите), па сè до околу 5 сантиметри годишно (брзина на растење на косата).

Плочите се околу 100 km дебели и се состојат од литосферниот плашт прекриен со еден од двата типови на кора: океанска кора (старо име: сима) или континентална кора (старо име: сиал). Овие два типа на кора се разликуваат во дебелината - континенталната е значително подебела од океанската (50 наспроти 5 км).

Плочите се сретнуваат долж границите на плочите, кои обично се поврзани со геолошки процеси од видот на земјотреси и создавање на тополошки облици како што се планините, вулканите и океанските гребени. Повеќето од активните вулкани се јавуваат на границата од плочите, при што Тихоокеанскиот Огнен Прстен се истакнува како најактивен и најпознат.

Тектонските плочи во себе можат да вклучуваат континентална или океанска кора, но типично една плоча ги содржи и двете. На пример, африканската плоча вклучува и континент, но и делови од Атлантскиот и Индискиот Океан. Разликата меѓу континенталната и океанската кора е заснована на густината на минералите од кои се изградени - океанската е погуста од континенталната поради различните удели на многу елементи, најмногу силициум. Таа е погуста (мафична) бидејќи има помалку силициум, а повеќе тешки елементи од континенталната кора (фелсична). Поради ова, океанската кора кежи под нивото на морето (на пример, повеќето тихоокеански плочи), додека континенталната коа е исфрлена над нивото на морето (поради принципот на изосталзија).

Типови на граници меѓу плочите

[уреди | уреди извор]

Постојат три типа на граници меѓу плочите, кои се одликуваат по начинот на кој плочите се поместуваат релативно една кон друга, а поврзани се со различни површински феномени. Тоа се:

  • Трансформни граници, кои се јавуваат на места каде плочите се лизгаат една покрај друга долж трансформниот расед. Релативното поместување на двете плочи е или синистрално (на лево, кон набљудувачот) или декстрално (на десно кон набљудувачот).
  • Раздвојувачки граници, се јавуваат на места каде двете плочи се одбиваат една од друга (тоа се средноокеански гребени и активни зони на делење, како што е Источноафриканскиот Ров).
  • Приближувачки граници (или активни рабови), се јавуваат на места каде двете плочи се поместуваат една кон друга при што обично создаваат зона на подвлекување (ако една плоча тоне под другата) или континентални колизии (ако двете плочи содржат континентална кора). Поради триењето и загревањето на подвлечените плочи, оваа појава е речиси секогаш поврзана со вулканизам. Најдобри примери за овие процеси се Андите во Јужна Америка и јапонскиот островски лак.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]