Татјана Рушковска

Од Википедија — слободната енциклопедија

Доц. д-р Татјана Рушковска е продекан[1] на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Родена е на 20 јули 1967 година во Штип. Основното образование го завршува во Основното училиште „Дедо Иљо Малешевски“ во Берово, а средното образваниe во Гимназијата „Ацо Русковски“ во Берово, математичка насока. Дипломира во 1990 година на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, група биологија, биохемиско-физиолошка насока, со среден успех 9.97, здобивајќи се со признание за студент со највисок просек во генерацијата. Во 1997 година, исто така на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, група биологија, го брани магистерскиот труд на тема: „Дијагностичко значење на малонилдиалдехидот во серум кај заболени од Diabetes mellitus“. На истиот факултет, во 2002 година ја брани својата докторска дисертација на тема: „Влијание на ловастатинот врз оксидативниот стрес и врз IgG автоантителата против MDA-изменетите LDL честички кај пациенти со дислипидемија” со што се стекнува со титулата доктор на биолошки науки.

Своето работно искуство го започнува во 1994 година кога се вработува во Централната клиничка лабораторија во Воената болница во Скопје како биохемичар. Во 2003 година е поставена за Началник на Централната клиничка лабораторија во Воената болница, на која должност останува сè до завршувањето на процесот на трансформација на болницата. За своето вонредно ангажирање во работата, по повод 18 август - Денот на Армијата на Република Македонија, во 2003 година е наградена од страна на Командантот на Воената болница. По завршувањето на трансформацијата на Воената болница, поточно од март 2010 е поставена на работното место медицински биохемичар во Воено-медицинскиот центар во Скопје, каде останува сѐ до декември 2010 година кога се вработува на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Со Одлуки на Наставно-научниот совет на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во 2009 година е избрана за наставник во насловно звање доцент[2], а во 2010 година за наставник во звање доцент во наставно-научната област клиничка биохемија. Од октомври 2011 година ја извршува функцијата продекан на Факултетот за медицински науки.

Научниот интерес на доц. д-р Татјана Рушковска е насочен кон проучување на слободните радикали и нивната инволвираност во бројни патолошки состојби како базичен биохемиски механизам, но и нивната биолошка функција како вонредно значајни сигнални молекули. Се занимава со истражување и проценка на биомаркерите за оксидативен стрес и нивната потенцијална клиничка употреба, како и со проучување на пост-транслационите модификации на белковинските молекули. Во текот на 2012 и 2013 год. остварува студиски престои на Aston University, во Бирмингем, Велика Британија, каде се стекнува со нови познавања од областа на протеомиката. Активно учествува во европската иницијатива за соработка на полето на науката и технологијата – COST, и тоа во следните проекти: Chemistry of non-enzymatic protein modification – modulation of protein structure and function и EU-ROS. Членува во меѓународното здружение за проучување на слободни радикали – SFRR (Society of Free Radical Research). На Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, доц. д-р Татјана Рушковска изведува настава во прв и втор циклус на студии по предметите биохемија и клиничка биохемија. За потребите на наставниот процес има издадено рецензирана скрипта и практикум со наслов: „Основи на биохемија“[3]. Има објавено поголем број на научни и стручни трудови. Земала активно учество на бројни семинари, конференции и конгреси во Републка Македонија и во странство.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Официјално мрежно место на Факултет за медицински науки - „За факултетот". Архивирано од изворникот на 2013-07-09. Посетено на 2013-05-27.
  2. „Официјално мрежно место на Факултет за медицински науки - „Наставници". Архивирано од изворникот на 2013-06-15. Посетено на 2013-05-27.
  3. Објавени научни и стручни трудови - „Teaching Resource“

Надворешни врски[уреди | уреди извор]