Тале Огненовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Тале Огненовски (27 април 1922, Битола - 19 јуни 2012, Скопје) — македонски музичар и композитор, најпознат како кларинетист, но свирел и на гајда, зурла и тапан.

Творештво[уреди | уреди извор]

Тале Огненовски е еден од најзначајните ликови во македонската народна музика. Македонските ора на Огненовски се изведувани во Швајцарија, Франција, Шведска, Финска, Велика Британија, Данска, Австрија. Со ансамблот „Танец“ настапувал на најпознатите концертни сцени во Северна Америка и во Европа со фантастичен успех. Особено се издвојува неговиот концерт во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк во 1956 година, како прв Македонец кој настапил на таа сцена. За тие настапи се здобил и со извонредни оценки од публиката и критиката од страна на „Њујорк Тајмс“ (New York Times), „Лајф“ (Life), „Л.А. Тајмс“ (LA Times).[1]

Тале Огненовски има компонирано и аранжирано 150 македонски ора, џез-композиции, еден класичен концерт итн. Неговите дела се издадени на 12 носачи на звук (ЦД, плочи, касети). Во септември 2008 година го објавил албумот „Македонски џез-композиции за кларинет од Тале Огненовски“, во издание на американската издавачка куќа „Индепендент рекордс“ (Independent Records), кој бил одлично оценет од музичките критичари. Претходно, во 2006 година го издал албумот „Концерти за кларинет на Моцарт и Огненовски“, посветен на 250-годишнината од раѓањето на Моцарт, на кој го обработил концертот на Моцарт за кларинет. Во декември 2005 година го издал албумот „Џез, македонски народни ора и класична музика“. Албумот е снимен во студиото „Промузика тра-ла-ла“ во Скопје, а објавен е од страна на „Индепендент рекордс“.[2]

За своите дела, Огненовски добивал блескави оцени од повеќе страни. Така, 2008 година, во својот осврт на третиот албум на Огненовски, познатата интернет-страница „Ол абаут џез“ (All About Jazz) оценила дека „...Музиката на Огненовски е безвременска...Тале Огненовски очигледно е далеку пред своето време и тоа е класика што ќе постои засекогаш... Тој е најголемиот кларинетист, флејтист, зурлаџија и гајдаџија на сите времиња... Тале Огненовски е еден од најголемите композитори во светот на музиката“.[3]

Познатиот македонски музичар Драган Даутовски рекол дека Огненовски „е еден од последните мохиканци, чувари на нашиот звук. Неговото значење е особено изразено во однос на чалгијата“.

По повод смртта на Огненовски, пејачката на групата „Љубојна“ истакнала дека со пребогатиот опус што го оставил зад себе, тој може да се смета за Моцарт на македонската музика: „Донесе едно сосема поинакво видување кон чалгијата и кон народната музика, еден вистински пресврт. Тој сам по себе е национална школа, стандард. Таков човек се раѓа еднаш во векови“.[4] [5]

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

За неговите заслуги во развојот на македонската народна музика, во 2003 година, Огненовски ја добил наградата 11 Октомври, а во март 2012 година му била доделена и национална пензија.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Почина виртуозот на кларинет Тале Огненовски“, Утрински весник, 20.6.2012.
  2. Соња Стоилковска, „Микс од македонски ора и светски џез од стариот мајстор“, Дневник, број 1764, сабота, 18 март 2006.
  3. „Новото ЦД на кларинетистот Тале Огненовски оценето како феноменално“, Утрински весник, 3.10.2008.
  4. Андријана Андова, „Виртуозот на кларинет замина во легендите“, Дневник, година XVI, број 4893, петок, 22 јуни 2012, стр. 25.
  5. „Почина виртуозот на кларинет Тале Огненовски“, Утрински весник, 20.6.2012.
  6. „Национална пензија за Џамбазов, Огненовски, Поповска...“, Вечер, број 14931, сабота, 3 март 2012.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]