Таки Даскало

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Спомен-плоча посветена на Таки Даскало во Битола
Спомен плоча на местото каде што е разбиен Битолскиот партизански одред „Пелистер“

Димитар Николовски – Таки Даскало (Битола, 17 ноември 1921 - 3 мај 1942) бил македонски комунист, учесник во НОВ.

Биографија[уреди | уреди извор]

Роден е како прво дете во семејство на битолски книжар. Годините како младинец ги поминал во изучување на занает за да се оспособи што побрзо за живот. Основно образование стекнал во Битола. По завршувањето на четиригодишното училиште се запишал во Долната гимназија во Битола, каде што завршил четврти клас и положил полуматурски испит. Потоа, своето образование го продолжил во Скопската учителска школа. Таму тој влегува во кругот на напредните младинци.

Неговата активност не и се допаднала на управата на училиштето, на нејзините наставници, меѓу кои имало голем број со монархистичко настроение и на политичка кусогледост и затоа го отстрануваат од училиштето. Благодарение на високо развиениот револуционерен дух, Таки Даскало бил приморан да отпатува во Црна Гора и да се запише во училиштето за учители во Цетиње. Но и таму наскоро ќе биде разоткриен заради неговите антифашистички пропаганди и затоа се враќа во родниот град. Своето образование го продолжува во Алексинац во Србија.

Окупацијата го затекнува во Битола, каде што станува член на КПЈ. Не ја губи присебноста со доаѓањето на фашистите, напротив, оди во Алексинац, ги прибира документите, се враќа назад и го положува матурскиот испит во гимназијата во Битола.

На 11 октомври 1941 година агентите го забележуваат низ улиците на Битола и се обидуваат да направат претрес во неговиот дом. Кон крајот на 1941 г. станува еден од првите илегалци во Битола. Поради опасноста од дејствувањето во илегала во Битола, со одлука на Месниот комитет на КПЈ, Таки Даскало е префрлен во селото Лавци. Активно учествува во формирањето на Првиот битолски партизански одред „Пелистер", a пo неговото формирање е назначен за политички комесар. Во мај 1942 година неговиот партизански одред е опколен над селото Ореово од фашистичкиот непријател. Во битката, покрај Таки Даскало загинале и Јоска Јорданоски - Сандански, Ордан Михајлоски, Елпида Караманди, Мара Јосифовска и Димче Хаџипоповски).[1][2]

Опеан е во познатата народна песна „Таму ле, мајко, близу Битола“, напишана од Ајри Демировски (1950).[3]

Во негова чест, едно средно училиште во Битола го носи неговото име.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Владо Стрезовски, Ѓорѓи Димовски-Ласков, „7. македонска бригада и 49. дивизија на НОВJ“, Битола, 1987, 21-22 стр.
  2. „Битолските народноослободителни партизански одреди“, Битола, 1982.
  3. „Таму ле мајко близу Битола“, текст и музика