Таен јазик на смилевските ѕидари

Од Википедија — слободната енциклопедија

Таен јазик на смилевските ѕидари — јазик распространет помеѓу мајсторите-печалбари по потекло од Смилево. Истиот јазик, со некои несуштествени разлики, се сретнувал и во Папрадиште и во Ореше.

Тајниот јазик бил користен од луѓето кои заминувале на гурбет, со цел непречен разговор на тајфите помеѓу муслиманите.[1]

Јазикот се појавил со засиленото заминување на печалба низ отоманските провинции и другите балкански земји. Неговиот развој траел неколку децении, а како главна одлика е дека неговите зборови главно припаѓаат на менливите морфолошки форми: глаголи, именки и придавки.

Позадина[уреди | уреди извор]

Во втората половина на XVIII век поради обидите за исламизација многу Македонци ги напуштиле своите села. Од нив, најмногу биле Мијаци од реканските села Лазарополе, Гари и Галичник, но и други села од Дебарско и Кичевско. Овие групи на Мијаци ги создале наполно новите села: Папрадиште и Ореше во Велешко и Смилево на Бигла.

Поради опасноста, мајсторите-печалбари од Смилево развиле посебен вид на општење односно таен печалбарски јазик (бошкачки) веројатно донесен од дебарската етничка целина. Истиот јазик, со некои несуштествени разлики, се сретнувал и во велешките села, Папрадиште и Ореше. Овие разлики се појавиле поради раселувањето од матичните места, условите во новата средина и самиот развој на трите села.

Тајниот јазик се сметал за излез од состојбата кога требало да се разговора во присуство на муслимани. Исто така, јазикот се користел и во присуство на самите работодавачи. Покрај таа примарна функција, тајниот јазик се користел од страна на тајфите и при договарање на зделките, со што не само устабашијата, туку мислење можеле да даваат и другите членови на групата, користејќи го тајниот јазик.

Употребата на тајниот јазик го олеснило општењето со тоа што повеќе не било потребно употреба на гестови, мимики и шепотење.[1]

Распространетост[уреди | уреди извор]

Тајниот јазик на смилевските печалбари бил распространет помеѓу тајфите кои оделе на гурбет и јазикот се користел во селото Смилево, но и во останатите две мијачки колонии во Велешко, Папрадиште и Ореше, со некои несуштествени разлики.

Развој[уреди | уреди извор]

Бошкачкиот јазик не се појавил одненадеж, туку со засиленото заминување на мијачките печалбари на гурбет во другите области на Отоманското Царство и во другите балкански земји, кога и се јавила потребата од употреба на друго средство за општење помеѓу самите мајстори.

Неколку децении се создавал основниот речник на јазикот со којшто ѕидарите можеле да општат на јазикот за работата, но и за животот. Одлика за јазикот е дека главно содржи зборови кои припаѓаат на менливите морфолошки форми: глаголи, именки и придавки.

Сепак, јазикот не тежнеел кон целосна замена на општонародниот македонски јазик со нов јазик, поради што неговиот опсег бил ограничен на зборови поврзани со исхраната, облекувањето, пазарењето и најнеопходните политички информации во лаконска форма. Најчесто зборите имале повеќекратно значење, кое зависело од самата конструкција на реченицата.

Јазикот продолжил да се развива и до Втората светска војна, кога биле додадени зборови за новите државни власти, како и со појавата на современите технички пронајдоци (радио, телевизор).

Употреба[уреди | уреди извор]

Употребата на јазикот не била забранета, иако ги збунувал другите етнички групи, како и самите Брсјаци.

Јазикот продолжил да се употреба дури и по распаѓањето на Отоманското Царство, при што смилевските печалбари го користеле при склучување на нов договор за работа, но и при разонода.

Со создавањето на Југославија, смилевскиот таен јазик почнал да исчезнува и да се претопува. Сепак, одредени зборови биле прифатени од целокупното население во битолскиот народен говор.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Константинов, Душко (1960). Таен јазик на смилевските ѕидари-печалбари (PDF). Посетено на 22 август 2016.