Сјајна црвена нова
Сјајна црвена нова (крат. LRN, од анг. luminous red novae) — ѕвездена експлозија предизвикана од спојување на две ѕвезди. Имаат својствена црвена боја и светлинска крива која полека избледнува и повторно се засилува во инфрацрвениот појас. Овие тела не се сродни на стандардните нови, кои се експлозии што се случуваат на површината на бели џуџиња.
Откривање
[уреди | уреди извор]Веќе неколку децении се забележуваат тела со одлики на сјајни црвени нови. Црвената ѕвезда M31-RV во галаксијата Андромеда силно блескала во 1988 г. и може да била сјајна црвена нова. Во 1994 г. V4332 Стрелец од Млечниот Пат блескала слично на неа, а во 2002 г. истото се случило и со V838 Еднорог, кој бил подробно проучуван.
Првата потврдена сјајна црвена нова е телото M85 OT2006-1 во галаксијата Месје 85. За првпат е забележано во потрагата на супернови во Ликовата опсерваторија, и потоа истражувано од екипа американски астрономи. Тие ги потврдиле разликите со познатите експлозии како новите и топлинските пулсирања, па затоа ја прогласиле сјајната црвена нова како нова класа на ѕвездена експлозија.[1]
V1309 Скорпија е сјајна црвена нова која произлегла од спојувањето на контактна двојна ѕвезда во 2008 г.[2] Во јануари 2015 г. е забележана сјајна црвена нова во галаксијата Андромеда.[3] На 10 февруари 2015 г. е откриена сјајната црвена нова M101 OT2015-1 во галаксијата Вртимушка (M101).[4][5]
Одлики
[уреди | уреди извор]Сјајноста на експлозиите кај сјајните црвени нови е некаде помеѓу онаа на суперновата (која е посветла) и на новата (послаба). Видливата светлина трае со недели или месеци, и има изразено црвена боја, со време послаба и поцрвена. Како што видливата светлина слабее, инфрацрвената светлина расте и трае подолг временски период. Обично ослабува и се засилува на неколку наврати.
Инфрацрвените набљудувања на M85 OT2006-1 покажале дека оваа ѕвезда има температура малку помала од 1.000 K, што е прилично ниско. Не е јасно дали оваа особина важи за сите сјајни црвени нови.
Развој
[уреди | уреди извор]Екипата што ја истражувала M85 OT2006-1 сметаат дека таа настанала кога се споиле две ѕвезди од главната низа.
Кога ќе се случи спојниот изблик, сјајната црвена нова се шири со неверојатна брзина, достигнувајќи илјадници до десетици илјадници Сончеви полупречници за само неколку месеци. Ова предизвикува ладење на телото, што го објаснува интересниот соживот на сјаен блесок со ладно поблесочно тело.
Други гледишта
[уреди | уреди извор]Некои астрономи сметаат дека сè уште е предвремено да се прогласи нова класа на ѕвездени експлозии според така ограничен број на набљудувања. На пример, тие може да се должат на супернова од типот II-p.[6] Според друга можност, суперновите што трпат висок степен на згаснување природно би биле црвени и слабосјајни.[7]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Kulkarni, S. R.; Ofek, E. O.; Rau, A.; Cenko, S. B.; Soderberg, A. M.; Fox, D. B.; Gal-Yam, A.; Capak, P. L.; Moon, D. S.; Li, W.; Filippenko, A. V.; Egami, E.; Kartaltepe, J.; Sanders, D. B. (2007). „An unusually brilliant transient in the galaxy M85“. Nature. 447 (7143): 458–460. arXiv:0705.3668. Bibcode:2007Natur.447..458K. doi:10.1038/nature05822. PMID 17522679. S2CID 4300285.
- ↑ Tylenda, R.; Hajduk, M.; Kamiński, T.; Udalski, A.; Soszyński, I.; Szymański, M. K.; Kubiak, M.; Pietrzyński, G.; Poleski, R.; Wyrzykowski, Ł.; Ulaczyk, K. (2011). „V1309 Scorpii: Merger of a contact binary“. Astronomy & Astrophysics. 528: 114. arXiv:1012.0163. Bibcode:2011A&A...528A.114T. doi:10.1051/0004-6361/201016221. S2CID 119234303.
- ↑ „M31N 2015-01a - A Luminous Red Nova“. The Astronomer's Telegram. Посетено на 18 март 2015.
- ↑ „PSN J14021678+5426205 in M 101“. The Astronomer's Telegram.
- ↑ „List of supernovae sorted by name for 2015“. Bright Supernova.
- ↑ Pastorello, A.; Della Valle, M.; Smartt, S. J.; Zampieri, L.; Benetti, S.; Cappellaro, E.; Mazzali, P. A.; Patat, F.; Spiro, S.; Turatto, M.; Valenti, S. (2007). „A very faint core-collapse supernova in M85“. Nature. 449 (7164): E1–E2. arXiv:0710.3753. Bibcode:2007Natur.449E...1P. doi:10.1038/nature06282. PMID 17943088. S2CID 4310528.
- ↑ Thompson, Todd A.; Prieto, José L.; Stanek, K. Z.; Kistler, Matthew D.; Beacom, John F.; Kochanek, Christopher S. (2009). „A New Class of Luminous Transients and a First Census of their Massive Stellar Progenitors“. The Astrophysical Journal. 705 (2): 1364–1384. arXiv:0809.0510. Bibcode:2009ApJ...705.1364T. doi:10.1088/0004-637X/705/2/1364. S2CID 17581579.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Астрономи од Калтех и Беркли пронајдоа нова класа на вселенски експлозии
- Smithsonian/NASA Набљудувања на новата сјајна црвена нова M85 OT2006-1 со „Спицер“
|
|