Сурово железо

Од Википедија — слободната енциклопедија
Добивање сурово железо во висока печка.
Добивање сурово железо во висока печка.

Сурово железо ― сите легури на железо и јаглерод кои содржат повеќе од 2,14% јаглерод.[1] Тоа е полупроизвод при производството на челик кој се добива со топење на железна руда во висока печка. Затоа што се добива директно со редукција на рудата, суровото железо е примарна легура.[1] Во својот состав суровото железо содржи висока количина на јаглерод, обично од 3,8% до 4,7%,[2] кој заедно со силициум диоксидот и другите нечистотии го прави многу кршливо и освен во одредени случаи не може да се употребува директно како материјал.[3]

Калапите кои се користат за инготи од сурово железо имаат облик на разгранета структура формирана во песок, а одделни инготи се под прав агол [4] од централниот канал, што личи на група прасиња кои ги дои свиња. Бидејќи суровото железо треба повторно да се топи, несразмерната големина на инготите и малата количина песок во нив предизвикуваат незначителни проблеми со оглед на леснотијата на леење и ракување со нив.

Историја[уреди | уреди извор]

Топењето и производството на ковано железо се практикувало во Древна Европа и на Блискиот Исток, но се произведувало во грно со директна редукција. Грното е јама обложена со глина и поставена на места каде има природно струење на воздухот.[5]

Во Европа суровото железо почнало да се произведува во средниот век. Кинезите правеле сурово железо за време на династијата Џоу (која завршила 256 година п.н.е.).

Видови сурови железо[уреди | уреди извор]

Традиционално, од суровото железо се правело ковано железо во грно, подоцна во пудлинг печки, а од неодамна се прави и челик.[6]

Врз основа на хемискиот состав и начинот на подготовка суровото железо може да се подели на:

  • Бело железо - кај ова железо јаглеродот не е во цврст раствор со железото и е издвоен во вид на железен карбид (цементит).
  • Сиво сурово железо - јаглеродот кој не е во цврст раствор со железото делумно е издвоен како графит и делумно како цементит (што зависи од брзината на ладењето).
  • Мелирано железо - кое е премин од бело во сиво железо. Тоа се постигнува со регулирање на содржината на силициум и со брзината на ладење.
  • Специјално железо - легирано железо кое содржи поголема количина силициум, манган или други елементи кои се додаваат за подобрување на својствата на железото.
    • Нисколегирано специјално железо - не содржат повеќе од 5% други елементи
    • Високолегирано специјално железо - со поголема количина на легирани елементи која може да надмине и 10%.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Начевски, Никола; Митровски, Иван (2013). Технологија на производство на метали. Скопје: Министерство за образование и наука за Република Македонија. стр. 53. ISBN 978-608-226-372-4.
  2. Camp, James McIntyre; Francis, Charles Blaine (1920). The Making, Shaping and Treating of Steel (2. изд.). Pittsburgh: Carnegie Steel Co. стр. 174. OCLC 2566055.
  3. SAMUEL THOMAS (September 1899). „REMINISCENCES OF THE EARLY ANTHRACITE-IRON INDUSTRY“. TRANSACTIONS OF THE AMERICAN INSTITUTE OF MINING ENGINEERS (reprint by TheHopkinThomasProject.com). Архивирано од изворникот на 14 March 2014. Посетено на 5 December 2016.
  4. Glossary of Metalworking Terms. Industrial Press. 2003. стр. 297. ISBN 9780831131289. Архивирано од изворникот на 2017-02-24.
  5. Начевски, Никола; Митровски, Иван (2013). Технологија за производство на метали. Скопје: Министерство за образование и наука за Република Македонија. стр. 35. ISBN 978-608-226-372-4.
  6. R. F. Tylecote, A history of metallurgy (2nd edition, Institute of Materials, London, 1992).