Судија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Судија е лице кое раководи со судските постапки, сам или како дел од совет од судии. Судијата ги сослушува сите сведоци и го разгледува било кој доказ презентиран од страните во случајот, ги оценува кредибилитетот и аргументите на странките, а потоа донесува одлука во случајот врз основа на неговото толкување на законот и сопственото лично расудување. Од судијата се очекува да го спроведе судењето непристрасно и, обично, на отворено јавно судење .

Овластувањата, функциите, начинот на назначување, дисциплината и обуката на судиите во голема мера варираат во различни јурисдикции . Во некои јурисдикции, овластувањата на судијата може да се делат со поротата . Во инквизиторските системи на кривична истрага, судијата може да биде и испитен судија .

Моќ и функција[уреди | уреди извор]

Крајната задача на судијата е да го реши правниот спор на конечен и законски начин преку формална и јавна постапка. Судиите имаат значителна моќ. Тие можат да наредат полициски, воени или судски службеници да вршат претреси, апсења, затворања, приведување, заплени, депортации и слични дејствија. Сепак, врз судиите истотака се врши надзор и се следат нивните судски постапки, со цел да се обезбеди доследност и непристрасност и да се избегне самоволие. Работата на судијата се проверува од повисоките судови како што се апелационите судови и врховните судови, или од посебни органи формирани само за таа цел како што е судскиот совет во некои јурисдикции.

Судот обично има тројца главни правно обучени судски службеници: судијата, обвинителот и бранителот. Улогата на судијата варира помеѓу правните системи. Во англосаксонското право , како што е на сила во САД и Англија, судијата функционира непристрасно, главно обезбедувајќи правилна постапка, додека обвинителството и одбраната го презентираат својот случај пред поротата, често избрана од обични граѓани. Одлуката за вината на обвинетиот ја донесува поротата, а за видот на санкцијата или висината на казната одлучува судијата. Во континенталниот систем, како што е во сила во континентална Европа, главниот пронаоѓач на фактите е судијата, кој сам го врши претседавањето, судењето и изрекувањето на казната. Како таков, од судијата се очекува директно да го применува законот, како во францускиот израз Le juge est la bouche de la loi („Судијата е уста на законот“). Понатаму, во некои системи дури и истрагите може да ги води судијата, кој функционира како судија за испитување.

Назначување на судиите[уреди | уреди извор]

Потребно е значително професионално искуство за да се врши судската професија. Во САД, судиите често се избираат од листа на искусни адвокати . Судиите најчесто се именувани од шефот на државата . Меѓутоа, во некои американски јурисдикции и федерални држави, судиите се избираат на политички избори.

Непристрасноста и стручноста се најважните одлики кои мора да ги поседува еден судија. Така, во многу јурисдикции судиите се именуваат доживотно, и притоа извршната власт не може да ги отстрани. Со тоа се спречува политичко влијание на извршната власт врз судската. Меѓутоа, во недемократските системи, назначувањето на судиите може да биде многу политизирано и судиите често да добиваат инструкции како да судат, а може да бидат отстранети доколку нивното однесување и судските одлуки кои ги донесуваат не им одговараат на политичкото раководство.

Судијата како занимање[уреди | уреди извор]

Судиите мора да бидат способни да истражуваат и обработуваат обемни документи, да сослушуваат сведоци, да ги разгледуваат и оценуваат доказите предложени од страните во судската постапка, да разбираат сложени случаи, темелно да ги владеат законите и успешно и законски да раководат со постапката , како и да поседуваат одлични вештини во логично расудување, анализа и одлучување. Одличните вештини за пишување се исто така неопходност, со оглед на конечноста и авторитетот на напишаните документи. Судиите постојано работат со луѓе; па затоа треба да поседуваат високи меѓучовечките вештини. [1] Од судиите се бара да имаат и висока морална свест, односно не смеат да бидат кривично осудувани или да се води постапка против нив.. Судиите во повеќето системи се меѓу најплатените професии. Во САД просечната плата на судиите е 101.690 долари годишно, [1] додека пак федералните судии заработуваат 208.000–267.000 долари годишно. [2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „What Does It Take to Be a Judge? Job Description and Career Profile“. thebalance.com. Архивирано од изворникот на 30 September 2017. Посетено на 18 March 2018.
  2. „Judicial Compensation“. United States Courts (англиски). Посетено на 2018-08-20.