Судбината на човекот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Судбината на човекот
АвторМихаил Шолохов
Изворен насловруски: Судьба человека
ПреведувачТодор Димитровски
ИлустраторДимитар Кондовски (на македонското издание)
ЗемјаРусија
ЈазикРуски
Жанркраток расказ
Издадена
1956
Страници45 стр. (изданието на Македонска книга)

„Судбината на човекот“ (руски: Судьба человека) е краток расказ на советскиот и руски писател Михаил Шолохов од 1956 година.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Една пролет, раскажувачот патува кон едно мало место во Донската област. Додека го чека превозот, здогледува непознат човек со мало дете и човекот почнува да ја раскажува својата животна приказна: Неговото име е Андреј Соколов, а уште во детството останал без целото семејство. Учествувал во Граѓанската војна, а потоа се оженил, се вработил како возач, изградил куќа и му се родиле три деца. Кога избувнала Втората светска војна, тој бил мобилизиран и упатен на фронтот во Украина, а во екот на една битка бил заробен од германската војска. Додека престојувал во една црква, заедно со другите заробени советски војници, Андреј извршил убиство, давејќи еден војник кој се заканувал дека ќе го предаде својот подофицер. Оттаму бил одведен во заробенички логор во Познањ од каде побегнал, но набргу бил фатен. Во текот на војната престојувал во повеќе логори ширум Германија каде работел напорни работи и постојано бил измачуван, но сепак издржал. Во 1944 година бил ангажиран како возач во околината на Потсдам и во една прилика успеал да побегне кај советската војска, заробувајќи еден германски мајор. Додека закрепнувал во болницата, добил писмо во кое неговиот сосед го известил дека при едно бомбардирање во 1942 година, неговата куќа била уништена, а сопругата и двете ќерки погинале. Подоцна добил писмо од синот Анатолиј, кој бил капетан на артилериска батерија и учествувал во битката за Берлин. На 9 мај 1945 година, Андреј дознал дека погинал Анатолиј и имал прилика да го види неговото мртво тело. По завршувањето на војната, тој се вратил во татковината при што отишол да живее кај еден пријател. Таму повторно работел како возач и така запознал мало дете без родители. Андреј одлучил да го посвои и му кажал дека тој е неговиот татко. Откако ја завршува својата приказна, Андреј и детето заминуваат, а раскажувачот безуспешно се обидува да ги задржи надојдените солзи.[2]

Осврт кон расказот[уреди | уреди извор]

Темата на „Судбината на човекот“ се војната и мирот, прикажани низ трагичната судбина на обичниот човек — Андреј Соколов. Расказот е напишан во исповедна форма, во прво лице, преку раскажувањето на Соколов. Низ неговиот монолог, авторот успева да искаже многу вистини за животот на народните маси, за судбината на многубројните луѓе како Соколов, а пред сè, за човечноста во човекот. Низ целиот расказ се провлекува хуманистичката порака: колку и да е тежок животот на еден човек, колку и да му се случиле маки и трагедии, тој треба да живее и да им помогне на оние кои се понесреќни од него, а сето тоа заради една светла цел — борбата за живот во кој ќе има помалку несреќи, живот во кој нема повеќе да тежи проклетството на војната. Јазикот на Шолохов во расказот е натопен со бројни лирски пасажи, неизнасилен хумор, народни изрази и фрази кои многу функционално се вплетуваат во неговиот уметнички стил, а кои се голем предизвик за секој преведувач. Во таа смисла, во списанието „Современик“, М. Јурковиќ истакнал дека „раскошните реченици... можат да му истераат гравушки пот на челото на добриот преведувач, а да му го скршат вратот на лекомислениот.“[3]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Якименко, Л. Г. , Б. А. Введенский (1957). Шолохов М. А. М.: Большая советская энциклопедия.
  2. 2,0 2,1 Михаил Шолохов, Судбината на човекот. Македонска книга, Скопје, 1970.
  3. „Белешка за авторот“, во: Михаил Шолохов, Судбината на човекот. Македонска книга, Скопје, 1970, стр. 47-48.