Сува сезона

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Реката Финис (Австралија) во сувата и дождовната сезона

Сува сезона — период во годината кој се одликува со мали количества на врнежи. Поимот особено се однесува на тропските краишта, чиј дождовен појас се поместува преку екваторот од северните во јужните тропски предели и назад во текот на годината. Појасот се наоѓа на јужната полутопка од октомври до март, и тогаш северните тропски предели се во сувата сезона, со доста намалени врнежи и сончево време преку целиот ден. Од април до септември, дождовниот појас се наоѓа на северната полутопка, и тогаш сувата сезона владее во јужните тропски краишта. Според Кепеновата класификација за тропските клими, за еден месец да биде во сувата сезона, истиот треба да има просечни врнежи под 60 мм.[1]

Оваа сезона се одликува со ниска влажност, кога пресушуваат многу поила и помали реки. Овој недостаток на вода (а со тоа и на храна) ги принудува тревопасните животни како зебрите, слоновите и гнуата[2] да се селат во позелени краишта. Пожарите се честа појава во овој период, претежно поради исушените растенија и силното сонце.[3].

Согласно податоците од истражувањата, сувата сезона во Африка се совпаѓа со застапеноста на малите сипаници, што се должи на згуснатоста на населението предизвикана од привремената преселба село-град, кога земјоделците ги напуштаат нивите и полињата во отсуство на наводнување.[4]

Дождовниот појас се шири на север сè до северниот, а на југ до јужниот повратник. Кај овие напоредници, годината има една дождовна и една сува сезона. Подрачјата околу екваторот имаат по две вакви сезони, бидејќи тука дождовниот појас минува двапати во годината, еднаш во јужен и еднаш во северен правец. Подрачјата помеѓу екваторот и повратниците може да имаат кратка сува и долга дождовна сезона, но и кратка сува и долга сува сезона. Разни места отстапуваат од овие начелни законитости поради месните географски влијанија.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]