Странецот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Странецот
корица на македонско издание
АвторАлбер Ками
Изворен насловL’Étranger
Изработувач на
корицата
Џек Валсер
ЗемјаФранција
ЈазикФранцуски
Жанрфилозофски роман
ИздавачГилмар (Gallimard)
Издадена
1942

„Странецот“ (француски: L’Étranger) — роман на Албер Ками, издаден во 1942 година од издавачката куќа „Галимар“ (Gallimard) по препорака на Андре Малро.[1] Веројатно, тој е најпознатиот роман на Ками, а се вбројува меѓу најпознатите дела на францускиот егзистенцијализам. Впрочем, романот покрај директно егзистенцијалистичките теми, како апсурдот, обработува и теми од други филозофски правци, како детерминизмот, нихилизмот, натурализмот и стоицизмот.

Главен лик во романот е Мерсо, Алжирец (државјанин на Франција кој живее во Алжир), кој обземен од тегобност, здодевност и бесмисла, навидум без причина, убива млад Арап. Приказната е поделена на два дела, во првиот дел прикажани се настаните кои водат до убиството, а во вториот настаните кои следат по затворањето на Мерсо.

Романот, отпрвин не доживеал успех кај публиката, но веќе второто издание, поттикнато од еден есеј на Жан-Пол Сартр, доживеало поголем успех. Во јануари 1955 година, Ками изјавил:

Одамна го сумирав Странецот, признавам, на доста парадоксален начин: 'Во нашето општество секој човек кој не плаче на погребот на мајка си, ризикува да биде осуден на смрт.' Сакав само да кажам дека јунакот на мојата книга е осуден бидејќи одбива да ја игра играта.[2]

Странецот е денес широко читана и почитувана книга. Таа е меѓу стоте книги на векот на списокот од списанието Ле Монд, а постојат и две помалку познати, европски филмски адаптации.

Преводи на насловот[уреди | уреди извор]

На француски, „étranger“ значи странец, туѓинец, непознат, надворешен, неупатен итн. Веројатно, насловот може да биде преведен и како Туѓинецот бидејќи Мерсо е културно отуѓен од Алжир, или како Неприпадник, или Отфрленик бидејќи се чувствува како да не припаѓа на арапското муслиманско општество во кое живее како доселеник. На уште повисоко ниво, Мерсо е отуѓен од човештвото воопшто, не можејќи да ги прифати човековите норми, ниту да ја разбере човечката емоција, надвор од сетилноста. Мерсо е странец и во однос на себеси, непознавајќи се во целост. Поради овие причини на различни јазици постојат различни преводи на насловот. На македонски, вообичаениот превод е Странецот - збор кој во секојдневниот говор означува и туѓинец во смисла на доселеник од друга земја или регион, а истовремено и човек кој е непознат, оттргнат.

Содржина[уреди | уреди извор]

Прв дел[уреди | уреди извор]

  • 1. глава: Мерсо добива телеграма за смртта на неговата мајка која живеела во дом за старци на околу 80 километри од градот Алжир. Тој веднаш заминува во домот, но воопшто не изразува емоции кои се очекувани во една таква ситуација, зашто во текот на последните неколку години речиси воопшто не ја посетувал мајка си. Ноќта ја минува бдеејќи над нејзиното мртво тело, во придружба на другите старци од домот. За време на бдеењето, кога го прашуваат дали сака да го види телото на покојната, Мерсо одбива, и наместо тоа, претпочита да пуши цигара и да пие бело кафе. Исто така, наместо да покаже тажни чувства, неговото внимание е насочено кон присутните на бдеењето. Утредента, по многу жешко време, во придружба на свештеникот и неговите помошници, управникот на домот, болничарката и еден пријател на мајка му, Мерсо присуствува на закопот, а потоа се качува на автобус и си оди дома.[3]
  • 2. глава: Следниот ден е сабота и Мерсо не е на работа, па одлучува да оди на капење. Таму, случајно ја среќава Марија Кордона, поранешна колешка од работа, и заедно се капат, вечерта одат на кино, а ноќта ја минуваат во неговиот стан. Утредента, Марија си заминува, а тој го минува целиот ден на балконот, набљудувајќи ги минувачите на улицата.[4]
  • 3. глава: Во понеделникот, Мерсо е веќе на работното место. За време на паузата за ручек, тој и неговиот пријател Емануел се качуваат на еден камион што минува крај нив. По завршувањето на работата, тој се враќа дома, а во ходникот го среќава соседот Рејмон, кој го кани на ручек. Рејмон му раскажува за неговата намера да ја казни својата љубовница затоа што го изневерувала. Како дел од планот за одмазда, тој го замолува Мерсо да му напише писмо за љубовницата. Мерсо прифаќа без размислување, иако не покажува никаква солидарност кон соседот. Тој не е загрижен поради планот на Рејмон да ја повреди девојката, бидејќи малку е пијан, а освен тоа, не покажува никакво чувство на емпатија.[5]
  • 4. глава: Една сабота, во станот на Мерсо доаѓа Марија и тие одат на плажа, а кога се враќаат пак кај него, од станот на Рејмон слушаат кавга и сфаќаат дека тој ја тепа својата љубовница. Набргу пристигнува полицаец, кој ја смирува работата. Подоцна, Рејмон го посетува Мерсо и тие го минуваат попладнето заедно. Вечерта, кога се враќаат во зградата, тие го среќаваат старецот Саламано кој е вознемирен затоа што му побегнало кучето.[6]
  • 5. глава: Подоцна, Рејмон е изнесен на суд, каде Мерсо сведочи дека девојката го понижила, па Рејмонд е ослободен само со опомена. Меѓутоа, братот на девојката и неколку негови пријатели Арапи го следат Рејмон. Во меѓувреме, шефот му нуди на Мерсо работа во Париз, а тој одговара дека му е сеедно. Исто така, тој вели дека му е сеедно и кога Марија му изјавува љубов и му нуди брак, а тој прифаќа само затоа што таа го сака тоа.[7]
  • 6. глава: Еден ден, Рејмон, Мерсо и Марија заминуваат во посета на пријателот на Рејмон, Масон, кој има викенд-куќичка на морскиот брег. По ручекот, тројцата мажи шетаат крај морето и среќаваат двајца Арапи - братот на љубовницата на Рејмон и негов пријател. Меѓу нив започнува тепачка при што еден од Арапите му нанесува на Рејмон лесни повреди со нож. Потоа, Арапите заминуваат, а тројцата мажи се враќаат назад и наоѓаат лекар кој му ги средува раните на Рејмон. По таа случка, Рејмон и Мерсо пак се враќаат до еден извор, каде повторно ги среќаваат двајцата Арапи. Едниот од нив им се заканува со нож, а тогаш Рејмон вади пиштол и Арапите се повлекуваат. Рејмон и Мерсо се враќаат во викенд-куќичката, но Мерсо пак се враќа сам на плажата, каде го среќава Арапот. Мерсо е дезориентиран од жешкото време, па кога Арапот го провоцира со сончевиот одблесок од ножот, тој пука во него. Иако го убива Арапот уште со првиот истрел, Мерсо, со кратки паузи, пука уште четирипати во трупот.[8]

Втор дел[уреди | уреди извор]

  • 1. глава: Мерсо е притворен, а неговиот адвокат сака да докаже дека тој бил потресен од смртта на мајка му, но Мерсо му ја упропастува одбраната со тоа што не покажува никаква жалост. Истовремено, за време на испрашувањето, истражниот судија настојува да предизвика каење кај Мерсо, повикувајќи се на христијанското учење за гревот, но Мерсо го поразува со својата рамнодушност.[9]
  • 2. глава: Откако Мерсо е пренесен во затворот, еднаш го посетува Марија. Во текот на првите месеци по затворањето, нему му е тешко, особено во однос на жените и цигарите, но постепено тој се навикнува на новата средина. Тој почнува да живее во спомените, обидувајќи се да се присети на распоредот на предметите во неговата соба, а често ја чита приказната објавена во некој весник за еден настан што се случил во Чехословачка.[10]
  • 3. глава: По една година од затворањето на Мерсо, конечно се одржува судскиот процес против него на кој присуствува бројна публика како и повеќе новинари. На судењето, во својство на сведоци, учествуваат вработените од домот за старци, кои потврдуваат дека Мерсо не покажал никакви чувства во однос на смртта на мајка му, а обвинителот тоа го искористува за да ја прикаже бездушноста и свирепоста на Мерсо.[11]
  • 4. глава: Државниот обвинител се обидува да докаже дека Мерсо е бездушен и нема никакви морални начела, па така извршил сурово убиство со умисла и поради тоа, тој бара смртна казна за обвинетиот. За време на судењето, Мерсо е спокоен и воздржан, а понекогаш не ги разбира исказите на обвинителот и на бранителот, па одвај чека да заврши судењето. Притоа, тој му објаснува на читателот дека, едноставно, никогаш вистински не бил способен да почувствува каење за кој и да било настан во животот. По завршувањето на судскиот претрес, поротата ја донесува пресудата - Мерсо е прогласен за виновен и тој е осуден на смртна казна.[12]
  • 5. глава: Во затворот, додека чека да биде погубен, Мерсо мечтае за можноста да ја избегне смртната казна и за молбата за помилување, но истовремено чувствува страв од помислата на скорешната неизбежна смрт. Неколкупати, тој ја одбегнува последната исповед, но еден ден, сепак го посетува свештеникот, кој се обидува да го придобие кон Господ, но Мерсо го одбива, објаснувајќи му дека не верува во задгробниот живот и дека за него тоа е само губење време. По настојувањето на свештеникот да го оттргне Мерсо од неговиот атеизам, Мерсо се разгневува и ја искажува својата фрустрација кон апсурдноста на постоењето. Кога свештеникот ја напушта ќелијата, Мерсо се предава на убавината на ноќното небо и, рамнодушен кон светот, мирно ја прифаќа смртта.[13]

Критичка анализа[уреди | уреди извор]

Во времето кога се појавил, романот „Странецот“ делувал како шок. Во него, јасно, низ едноставна, иако необична приказна, Ками образложува како субјективната вистина и субјективната правда се разликуваат од објективната вистина и правда. Прецизно и со уметничка сила во романот е опишан процесот на будењето и на кулминацијата на револтот против бесмисленоста на животот и заробеноста на човекот во неговата непроменлива судбина. Притоа, философската идеја од овој роман Ками ја разработил една година подоцна во книгата „Митот за Сизиф“, додека решението на овој проблем Ками го понудил во романот „Чума“.[14]

Книжевната одредба на романот е дека станува збор за т.н. егзистенцијалистички роман, во кој е изложена филозофијата на апсурдот, за која самиот Ками честопати се наведува како основоположник. Во првата половина од приказната, Мерсо е доловен како неперспективен човек, кој егзистира само преку сетилните искуства (погребната церемонија, пливањето во морето, водењето љубов со неговата девојка). Мерсо не е свесен за апсурдноста на човековото постоење, а сепак таа влијае врз неговите постапки, па така единствените вистински нешта се неговите телесни искуства, поради што го убива Арапот како реакција на физичкиот ефект на сонцето додека се движи кон противникот на озрачената плажа. Како такво, убивањето на Арапот е бесмислено, само уште една вообичаена случка што му се случила на Мерсо. Како врв на сето тоа е напорната интроспекција на Мерсо за животот и неговата смисла додека истовремено размислува за неговата скорешна смрт и официјалното извршување на неговата смртна казна.

Во вториот дел од романот се анализира самоволието на правдата. Јавниот службеник составувајќи ги деталите од убиството му вели на Мерсо дека покајувањето и вртењето кон христијанството би можеле да го спасат, но тој одбива да се преправа дека се пронашол во некоја религија. Мерсовата трогателна искреност ја потиснува неговата самозаштита, и тој ја прифаќа казната како последица на она што го сторил, како дел од состојбата на статус кво. Реалната смрт на Арапот како човечко суштество со семејство е навидум безначајна со оглед на тоа што Ками речиси ништо не ни кажува за него освен дека е мртов. Впрочем, од Мерсо никогаш не е побарано да се соочи, да се искаже или да коментира за или во врска со жртвата за било што друго освен за тоа дека е жртва на неговиот злостор и причина за неговата тековна тешка ситуација. Човечкиот род како жртва и нечовечноста при убивањето човечко суштество се привидни зад самиот чин.

Тематски, апсурдот ја потиснува одговорноста. Мерсо ја посакува смртта и покрај неговото телесно мачење. Неговите апстрактни сетилни согледувања само физички влијаат врз него и соодветствуваат на неговиот карактер. Во соочувањето со смртта тој наоѓа откровение и среќа во „благата рамнодушност на светотˮ. Основа на таа среќа е малата пауза што ја направил кога го испукал првиот, кобен истрел во Арапот. На испрашувањето од судијата, Мерсо спомнува дека не смета дека е битно тоа што напрaвил пауза, па потоа испукал уште четири пати. Во тој поглед тој е објективен бидејќи навистина немало некоја разлика. Арапот умрел уште по првиот истрел, и според тоа наредните четири не го направиле „повеќе мртовˮ. Апсурдноста е во создавањето правен систем од страна на општеството кој ќе ѝ даде смисла на смртната казна за неговиот злостор. Фактот дека смртната казна е прочитана во осум, а не во пет часот попладне како и фактот дека е изречена од некои безизразни Французи, или Германци или Кинези, во голема мера ја намалува сериозноста на одлуката.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Nada Marinković, „Alber Kami“, во: Stranac, Rad, Beograd, стр. 90.
  2. Carroll, David. Albert Camus the Algerian: Colonialism, Terrorism, Justice. Columbia University Press. стр. 27.
  3. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 3-13.
  4. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 14-18.
  5. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 18-24.
  6. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 24-28.
  7. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 28-33.
  8. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 33-42.
  9. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 43-49.
  10. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 49-56.
  11. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 56-67.
  12. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 68-74.
  13. Alber Kami, Stranac. Rad, Beograd, 1963, 75-86.
  14. Nada Marinković, „Alber Kami“, во: Stranac, Rad, Beograd, стр. 90-91.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]