Стојче Тошевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Стојче Тошевски
Роден(а)28 февруари 1944
Ранци, Егејска Македонија
ПотеклоМакедонија Македонија
Починал(а)16 ноември 2008
Скопје
ЗанимањаКомпозитор

Стојче Тошевски (Ранци, Егејска Македонија, 28 февруари 1944 - Скопје, 16 ноември 2008) бил истакнати македонски композитор, еден од најталентираните претставници на генерацијата композитори што на македонската музичка сцена стапиле во почетокот на седумдесеттите години. Се издвојувал по оригиналниот пристап на компонирање, по инвенциите во хармонскиот јазик, по впечатливите мелодии, но и по карактеристичната употреба на македонскиот фолклорен јазик. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.

Животопис[уреди | уреди извор]

Тошевски е роден во Ранци Егејска Македонија во 1944 година. Ссудиите по композиција ги завршил кај проф. Властимир Николовски, Миленко Живковиќ и Енрико Јосиф, кои му овозможиле да развие плодна творечка дејност. Во творештвото на Тошевски се одвојуваат две фази: почетната, што се развила во седумдесеттите години (кога настана антологиската композиција „Мадригали“, 1973) и втората, што започнала во деведесеттите години кога е прекината повеќегодишната творечка осека. Во меѓувреме, Тошевски извршувал одговорни функции во Радио Скопје, каде што го поминал целиот работен век, од 1968 до 2000 година (од 1985-1989 како помошник директор за музика). Во последната фаза го создал Концертот за пијано и оркестар (1993) и уште неколку композиции за различни состави. Паралелно со ова, развил и забележителна општествена активност ( бил и претседател на СОКОМ 1980/81 година, член на Советите на „Охридско лето“, „Стушка музичка есен“, „Златно славејче“, член во телата на организацијата СОКОЈ во поранешна Југославија).

За својата плодна активност, во 2008 ја добил наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело што ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија. Починал ненадејно на 16 ноември 2008 година во Скопје.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Почина композиторот Стојче Тошевски“. Вечер. 18 ноември 2008. Посетено на 2011-12-07.