Столбови на општеството
Столбови на општеството (норвешки: Samfundets Stötter) - драма на норвешкиот писател Хенрик Ибзен од 1877 година.
Ликови
[уреди | уреди извор]Во драмата се појавуваат следниве ликови:[1]
- Карстен Берник, конзул
- Бети, неговата жена
- Олаф, нивниот син, на возраст од 13 години
- Марта Берник, сестра на конзулот
- Јохан Тенесен, помлад брат на г-ѓа Берник
- Лона Хесел, постара полусестра на г-ѓа Берник
- Рерлунд, свештеник
- Румел, трговец
- Вигеланд, трговец
- Сандстад, трговец
- Дина Дорф, млада девојка во домот на Берник
- Крап, прокурист
- Ауне, мајстор во бродоградилиштето
- Госпоѓа Румел
- Г-ѓа Холт, сопруга на поштарот
- Г-ѓа Линге, сопруга на лекарот
- Г-ца Румел
- Г-ца Холт
- Граѓани, странски морнари, патници на паробродот итн.
Содржина
[уреди | уреди извор]Дејството се случува во мало норвешко приморско место, во куќата на семејството Берник.
Прв чин
[уреди | уреди извор]Во домот на семејството Берник собрано е женско друштво: г-ѓа Берник, г-ѓа Румел и г-ѓа Холт со нивите ќерки, г-ѓа Линге, Марта и Дина, а со нив е и Рерлунд, додека надвор си игра Олаф. Тогаш пристигнува Ауне, кој бара прием кај конзулот, но Крап не му дозволува, обвинувајќи дека со своите говори влијае штетно врз работниците. Присутните во собата зборуваат за лошиот морал и пропаста на современото општество. Притоа, во отсуство на г-ѓата Берник, другите госпоѓи зборуваат за скандалите поврзани со братот на г-ѓа Берник и нејзината полусестра, Јохан и Лона, кои потоа се иселиле во САД.
Конзулот во канцеларијата има состанок со трговците Румел, Вигеланд и Сандстад во врска со изградбата на железничката пруга со којашто нивниот град би се поврзал со внатрешноста. Кога конзулот ќе ја соопшти одлуката за изградба на пругата, присутните се изненадени, зашто тој во една прилика бил против таа идеја. Кога од пристаништето се истовараат патниците на еден пароброд, сите се шокирани гледајќи ја Лона, која заедно со Јохан се вратила дома.[2]
Втор чин
[уреди | уреди извор]По доаѓањето на Јохан и Лона, никој веќе не сака да доаѓа во домот на Берник, но тој бара од домашните да бидат љубезни кон гостите. Кога Ауне го посетува Берник, тој му се заканува дека ќе го избрка од работа, ако веднаш не биде поправен американскиот брод. Кога во домот на Берник пристигнуваат Јохан и Лона, Берник топло му се заблагодарува на Јохан за големата услуга што му ја направил во минатото. Така се открива дека Јохан ја презел вр себе вината за нешто што го направил Берник во младоста: љубовната врска со глумицата Дорф (мајката на Дина). Исто така, по заминувањето на Јохан во САД, Берник го обвинил за кражба на парите на неговата мајка, иако таа воопшто немала пари, туку била банкротирана.
Малку подоцна, Берник останува сам со Лона и во разговорот со неа признава дека не се оженил од љубов, туку само поради тоа што му биле потребни пари за да го продолжи бизнисот на семејната фирма. Исплашен дека Лона дошла за да му се одмазди, Берник е многу вознемирен и одговара збунето кога го повикуваат на состанок во врска со железницата. Јохан ја кани Дина да замине со него во САД, но тогаш доаѓа Рерлунд кој во присуство на Дина го обвинува Јохан дека ги украл парите и дека ја упропастил неа.[3]
Трет чин
[уреди | уреди извор]Крап му соопштува на Берник дека Ауне ја саботира поправката на американскиот брод и дека постои голема опасност тој да потоне доколку исплови. Берник застанува на страната на Ауне, но подоцна добива идеја како да го искористи тоа, особено откако Јохан се заканува дека ќе му се одмазди поради изгубената чест. Во разговорот со Лона и Јохан, Берник признава дека тој ја купил целата земја во областа каде треба да помине железницата, очекувајќи да оствари големо богатство. Меѓутоа, низ градот веќе кружат приказни за тоа и Берник не сака да се открие кој го направил тоа. Исто така, Берник признава дека, своевремено, Јохан не ги украл парите од мајка му, туку дека семејното претпријатие било во лоша финансиска состојба, а тој не направил ништо за да ги спречи озборувањата против Јохан. Лона целосно го разобличува Берник, кој цело време нагласува дека работи за доброто на општеството, иако ги следи само личните интереси. Рерлунд доаѓа во домот на Берник и пред сите соопштува дека тој и Дина се веќе верени и дека таа не може да се омажи за Јохан. Јохан одлучува да замине во САД, а Берник дозволува американскиот брод да исплови, знаејќи дека ќе потоне.[4]
Четврти чин
[уреди | уреди извор]Откако е веќе одлучено да се гради железницата, граѓаните доаѓаат во домот на Берник со овации поради неговото жртвување за доброто на градот. Берник е многу загрижен и не ја посакува свеченоста. Олаф бега од дома со намера да замине со стрико му во САД. Лона и Марта ја убедуваат Дина да замине со Јохан и таа прифаќа, водена од љубовта кон него и од желбата да стане самостојна. Потоа, Марта ѝ признава на Лона дека целиот живот била вљубена во Јохан. Лона го наговара Берник да проговори јавно за лагите кон Јохан. Хилмар ја носи страшната вест дека Олаф избегал со бродот, а Берник паѓа во очај, мислејќи дека ќе го загуби синот и бара итно да го врата бродот на брегот. Но, тогаш доаѓа неговата жена, кажувајќи му дека го вратила детето, со помош на Ауне, кој не дозволил бродот да исплови. Јохан и Дина, пак, заминале со друг брод. Зборувајќи пред граѓаните, Берник се покајува за своите гревови и јавно признава дека тој ја купил земјата, но ветува дека ќе им дозволи на сите граѓани да учествуваат во тој потфат. Исто така, делумно ги признава гревовите направени кон Јохан, на својот син му дозволува слободно да го избере својот живот, а на сопругата и на Лона им ветува дека целосно ќе се промени.[5]
За драмата
[уреди | уреди извор]Идејата за драмата Ибзен ја добил во летото 1874 година, кога за првпат по емигрирањето ја посетил Норвешка. Во тоа време избувнала една голема афера во Англија, по што се открило дека и норвешките бродоградилишта не биле потполно чесни, бидејќи понекогаш испраќале во половидба неисправни бродови, загрозувајќи ги човечките животи. Ибзен ја запаметил оваа тема и по враќањето во Германија започнал да ја пишува драмата, која ја завршил дури во 1877 година. Во оваа драма тој ги прикажал лажниот морал и хипокризијата на норвешкото малограѓанско општество во кое угледните граѓани се подготвени на разни нечесни работи. Сепак, оваа остра критика, присутна во драмата, малку е разблажена на крајот со неуверливиот пресврт и со наивната и апстрактна теза за правдата и вистината. Сето тоа овозможило европската буржоазија да ја прифати драмата не како разобличување на системот, туку како морална поука. Оттука, драмата постигнала голем успех: само во февруари 1888 година, дури пет театри во Берлин истовремено ја прикажувале на својата сцена.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Henrik Ibzen, Stubovi društva. Beograd: Rad, 1963, стр. 3.
- ↑ Henrik Ibzen, Stubovi društva. Beograd: Rad, 1963, стр. 5-32.
- ↑ Henrik Ibzen, Stubovi društva. Beograd: Rad, 1963, стр. 33-64.
- ↑ Henrik Ibzen, Stubovi društva. Beograd: Rad, 1963, стр. 65-89.
- ↑ Henrik Ibzen, Stubovi društva. Beograd: Rad, 1963, стр. 90-119.
- ↑ Stanislav Bajić, „Henrik Ibzen“, во: Henrik Ibzen, Stubovi društva. Beograd: Rad, 1963, стр. 124-125.