Стефан Цветковски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Стефан Цветковски ( 1919 во Макелари, Дебарско7 октомври 1944 во Скопје) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Потекнувал од бедно печалбарско семејство. Завршил основно и вечерно училиште во Дебар. Материјалните услови не му овозможувале да го продолжи образованието, па затоа работел како келнер во Дебар. Во 1936 година со родителите се доселил во Скопје. Работел како помошник ложач на парното греење во една зграда, а потоа како трговски помошник при една акционерска фирма од Загреб. Во фирмата се запознал со човек кој го упатило во напредното движење. Под влијанието на истиот, како и под влијание на неговиот постар брат, кој исто така бил член на КПЈ, целосно се вклучил во борбата на работничката класа пpотив ненародниот режим. Бил примен за член на СКОЈ, а во 1941 година и во редовите на КПЈ. Во станот на двајцата браќа се одржувале партиски состаноци. Истиот служел и за засолнување на илегалци и слично. Со нивна помош била создадена широка мрежа на млади активисти. Во почетокот на 1945 година неговиот стан бил провален и во него биле затворени Благоја Давков, Бранко Урдаревски и некои други активисти. Меѓутоа, тој не бил затворен бидејќи во таа рација не се наоѓал во станот. Известен за провалата и затворањето, веднаш преминал во идегалство и продолжил со ненамалено темпо да ги извршува партиските задачи. Воениот суд што им судел на затворениците, го осудил во отсуство и него, со смртна казна. Била распишана и потерница со награда од сто илјади лева, за лицето што ќе го предаде. Во втората половина на 1943 година заминал во партизанскиот одред во Западна Македонија. По директива на Партијата заминал на албанска територија, каде извесно време работел. Учествувал во борбите за ослободувањето на Дебар и во организирањето на Македонско-албанскиот одред кој влегол во составот на Првата македонско-косовската бригада. Во почетокот на 1944 година се вратил во Скопје ѝ повеќе од четири месеци работел илегално. Во април истата година одново заминал на ослободената територија на Македонија. Учествувал во мајската офанзива против бугарските фашистички сили, во редовите на Треттата македонска ударна бригада. Во јуни 1944 година одново живеел илегално во Скопје. Исцрпен од големите напори на илегалната работа и партизанскиот живот, починал на 7 октомври 1944 година, без да го дочека ослободувањето на Македонија.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив - Скопје. 1969. стр. 160. На |first= му недостасува |last= (help)